Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Мојата книга со библиски приказни

Приказна 29: Зошто бега Мојсеј

Приказна 29: Зошто бега Мојсеј

ВИДИ ГО Мојсеј како бега од Египет. Ги гледаш ли луѓето што го гонат? Знаеш ли зошто сакаат да го убијат Мојсеј? Да видиме дали можеме да откриеме.

Мојсеј бега од Египет

Мојсеј пораснал во куќата на фараонот, владетелот на Египет. Станал многу мудар и важен човек. Мојсеј знаел дека не е Египќанец, туку дека неговите вистински родители се поробени Израелци.

Еден ден, кога имал 40 години, Мојсеј решил да појде и да види како живее неговиот народ. Со нив се постапувало ужасно. Тогаш здогледал како некој Египќанец тепа израелски роб. Мојсеј погледнал наоколу, и кога видел дека никој не го гледа, го удрил Египќанецот, и тој умрел. Потоа Мојсеј го скрил неговото тело во песокот.

Следниот ден, Мојсеј повторно отишол да го посети својот народ. Мислел дека ќе може да им помогне за да не мораат повеќе да бидат робови. Но видел двајца Израелци како се тепаат, па му рекол на тој што немал право: 'Зошто го тепаш својот брат?‘

А тој му одвратил: 'Кој те поставил тебе за кнез и судија? Ќе ме убиеш ли и мене како што го уби Египќанецот?‘

Мојсеј се исплашил. Сфатил дека луѓето дознале што му направил на Египќанецот. Дури и фараонот чул за тоа, па испратил луѓе да го убијат Мојсеј. И затоа Мојсеј морал да избега од Египет.

Кога заминал од Египет, Мојсеј отишол далеку во мадијамската земја. Таму го сретнал семејството на Јотор, и се оженил со една од неговите ќерки, која се викала Сепфора. Мојсеј станал овчар и ги чувал овците на Јотор. Четириесет години живеел во мадијамската земја. Веќе имал 80 години. Еден ден, додека Мојсеј ги чувал овците на Јотор, му се случило нешто необично што му го изменило целиот живот. Сврти на следната страница и види што било тоа.

2. Мојсеева 2:11-25; Дела 7:22-29.



Прашања

  • Каде пораснал Мојсеј, но што знаел за своите родители?
  • Што направил Мојсеј кога имал 40 години?
  • Што му рекол Мојсеј на Израелецот што немал право, и што му одвратил тој?
  • Зошто Мојсеј избегал од Египет?
  • Каде избегал Мојсеј, и кого сретнал таму?
  • Што правел Мојсеј 40 години по своето бегство од Египет?

Дополнителни прашања

  • Прочитај 2. Мојсеева 2:11-25.

    Како Мојсеј покажал дека му е лојален на Јехова и на неговиот народ, и покрај тоа што со години учел за египетската мудрост? (2. Мој. 2:11, 12; Евр. 11:24).

  • Прочитај Дела 7:22-29.

    Која поука можеме да ја извлечеме од обидот на Мојсеј сам да ги избави Израелците од ропството во Египет? (Дела 7:23-25; 1. Пет. 5:6, 10).