Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Мојата книга со библиски приказни

Приказна 13: Авраам — Божјиот пријател

Приказна 13: Авраам — Божјиот пријател

ЕДНО од местата каде што луѓето отишле да живеат по потопот се викало Ур. Тоа место станало важен град во кој имало убави куќи. Но, таму луѓето обожавале лажни богови, исто како во Вавел. Луѓето во Ур и во Вавел не биле како Ное и неговиот син Сем, кои продолжиле да му служат на Јехова.

Верниот Ное умрел 350 години по потопот. Само две години подоцна, се родил човекот што го гледаш на сликата. Бог многу го сакал него. Се викал Авраам и живеел со своето семејство во градот Ур.

Авраам гледа во ѕвездите

Еден ден Јехова му рекол на Авраам: 'Напушти го Ур и своите роднини, и појди во земјата што ќе ти ја покажам‘. Дали Авраам го послушал Бог и ги оставил сите удобности на Ур? Да, го сторил токму тоа. И бидејќи секогаш го слушал Бог, Авраам станал познат како Божји пријател.

Кога Авраам го напуштил Ур, со него заминале и други членови на неговото семејство. Со него пошол татко му Тара, а тргнал и неговиот внук Лот. И, се разбира, со него пошла и неговата жена Сара. По некое време, сите тие пристигнале во едно место кое се викало Харан, каде што умрел Тара. Тоа било многу далеку од Ур.

По некое време, Авраам и неговите домашни го напуштиле Харан и дошле во земјата која се викала Ханаан. Таму Јехова му рекол на Авраам: 'Оваа земја ќе им ја дадам на твоите деца‘. Авраам останал во Ханаан и живеел во шатори.

Бог почнал да му помага на Авраам, и така тој стекнал големи стада овци и други животни, како и стотици слуги. Но, тој и Сара немале деца.

Кога Авраам имал 99 години, Јехова му рекол: 'Ти ветувам дека ќе станеш татко на многу народи‘. Но, како можело тоа да се случи кога Авраам и Сара биле престари за да имаат дете?

1. Мојсеева 11:27-32; 12:1-7; 17:1-8, 15-17; 18:9-19.



Прашања

  • Какви луѓе живееле во градот Ур?
  • Кој е човекот на сликата, кога се родил и каде живеел?
  • Што му рекол Бог на Авраам да направи?
  • Зошто Авраам бил наречен Божји пријател?
  • Кој пошол со Авраам кога го напуштил Ур?
  • Што му рекол Бог на Авраам кога дошол во Ханаан?
  • Што му ветил Бог на 99-годишниот Авраам?

Дополнителни прашања

  • Прочитај 1. Мојсеева 11:27-32.

    Во каква роднинска врска биле Авраам и Лот? (1. Мој. 11:27).

    Иако се вели дека Тара го селел семејството кон Ханаан, од каде знаеме дека, всушност, Авраам бил тој што сакал да се преселат, и зошто го сторил тоа? (1. Мој. 11:31; Дела 7:2-4).

  • Прочитај 1. Мојсеева 12:1-7.

    Кого уште Јехова го вклучил во сојузот што веќе го склучил со Авраам откако Авраам стигнал во Ханаан? (1. Мој. 12:7).

  • Прочитај 1. Мојсеева 17:1-8, 15-17.

    Кое ново име го добил Аврам кога имал 99 години, и зошто? (1. Мој. 17:5).

    Кои благослови ѝ ги ветил Јехова на Сара? (1. Мој. 17:15, 16).

  • Прочитај 1. Мојсеева 18:9-19.

    Кои одговорности ги добиле татковците во 1. Мојсеева 18:19? (5. Мој. 6:6, 7; Еф. 6:4).

    Кое искуство на Сара покажува дека ништо не можеме да скриеме од Јехова? (1. Мој. 18:12, 15; Пс. 44:21).

Нешто повеќе

УЧИМЕ НИЗ СЛИКИ

Што учиме од Авраам?

Како Авраам покажал дека е љубезен? Преземи ја оваа слика и прочитај го библискиот извештај.