Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Мојата книга со библиски приказни

Приказна 6: Добриот и лошиот син

Приказна 6: Добриот и лошиот син

ПОГЛЕДНИ ГИ Каин и Авел. И двајцата пораснале. Каин станал земјоделец. Тој одгледувал жито, овошје и зеленчук.

Каин и Авел му принесуваат жртви на Бог

Авел станал овчар. Тој сакал да се грижи за јагнињата. Тие пораснале и станале овци, и така Авел за кратко време имал цело стадо овци што требало да ги чува.

Еден ден, Каин и Авел му донеле дар на Бог. Каин му донел од плодовите што ги одгледувал. А Авел му ја донел најдобрата овца што ја имал. Јехова бил задоволен со Авел и со неговиот дар. Но не бил задоволен со Каин и со неговиот дар. Дали знаеш зошто?

Не затоа што дарот на Авел бил подобар од дарот на Каин, туку затоа што Авел бил добар човек. Тој го сакал Јехова и својот брат. Но Каин бил лош. Тој не го сакал својот брат.

Затоа Бог му рекол на Каин дека треба да се поправи. Но Каин не го послушал. Тој многу се налутил поради тоа што Бог повеќе го сакал Авел. Затоа Каин му рекол на Авел: 'Да одиме в поле!‘ Таму, кога биле сосема сами, Каин го удрил својот брат Авел. Толку силно го удрил што го убил. Зарем Каин не направил нешто многу лошо?

Каин бега откако го убил Авел

И покрај тоа што Авел умрел, Бог сѐ уште се сеќава на него. Авел бил добар, а Јехова никогаш не ги заборава таквите луѓе. Затоа, еден ден, Јехова Бог ќе го врати Авел во живот. Тогаш Авел никогаш повеќе не ќе мора да умре, туку ќе може засекогаш да живее тука на Земјата. Зарем нема да биде убаво да запознаеме луѓе како Авел?

Но Бог не сака луѓе како Каин. Затоа, откако Каин го убил својот брат, Бог го казнил, испраќајќи го далеку од неговото семејство. Кога Каин отишол да живее во друг дел од Земјата, повел со себе една од своите сестри, и таа му станала жена.

По некое време, на Каин и на неговата жена им се родиле деца. Другите синови и ќерки на Адам и Ева исто така стапувале во брак и имале деца. Наскоро на Земјата имало многу луѓе. Да дознаеме нешто и за некои од нив.

1. Мојсеева 4:2-26; 1. Јованово 3:11, 12; Јован 11:25.



Прашања

  • Што станале по занимање Каин и Авел?
  • Какви дарови Каин и Авел му донеле на Јехова?
  • Зошто Јехова бил задоволен со дарот на Авел, и зошто не бил задоволен со дарот на Каин?
  • Каков човек бил Каин, и како Јехова се обидел да го исправи?
  • Што направил Каин во полето кога бил сам со својот брат?
  • Објасни што се случило со Каин откако го убил својот брат.

Дополнителни прашања

  • Прочитај 1. Мојсеева 4:2-26.

    Како Јехова ја опишал опасната положба во која се наоѓал Каин? (1. Мој. 4:7).

    На кој начин Каин го открил ставот што го имал во срцето? (1. Мој. 4:9).

    Што мисли Јехова за пролевањето невина крв? (1. Мој. 4:10; Иса. 26:21).

  • Прочитај 1. Јованово 3:11, 12.

    Зошто Каин многу се разгневил, и на кој начин тоа служи како предупредување за нас денес? (1. Мој. 4:4, 5; Изр. 14:30; 28:22).

    На кој начин покажува Библијата дека можеме да му останеме верни на Бог дури и кога сите членови на нашето семејство се против Јехова? (Пс. 27:10; Мат. 10:21, 22).

  • Прочитај Јован 11:25.

    Што ветува Јехова во врска со сите што умреле заради праведноста? (Јован 5:24).