Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Мојата книга со библиски приказни

Приказна 3: Првиот човек и првата жена

Приказна 3: Првиот човек и првата жена

ПО ШТО се разликува оваа слика од претходната? По тоа што на неа има луѓе. Тоа се првиот човек и првата жена. Кој ги направил нив? Бог ги направил. Дали знаеш како се вика тој? Јехова. А мажот и жената се викаат Адам и Ева.

Адам и Ева во градината Еден

Еве како Јехова Бог го направил Адам. Зел малку од земниот прав и од него направил едно совршено тело, човечко тело. Потоа му дувнал на човекот во носот, и Адам почнал да живее.

Јехова Бог имал работа за Адам. Му рекол да им даде имиња на сите видови животни. Адам можеби долго време ги набљудувал животните за да им избере имиња што најдобро ќе им одговараат. И додека им давал имиња на животните, Адам почнал да забележува нешто. Знаеш ли што?

Сите животни си имале другари. Постоеле тато-слон и мама-слон. Исто така имало тато-лав и мама-лав. Но немало другар за Адам. Затоа Јехова пуштил длабок сон врз Адам, па му зел едно ребро. Од тоа ребро Јехова направил жена за Адам, и таа му станала сопруга.

Адам бил многу среќен! И замисли си колку среќна била Ева што можела да живее во таква прекрасна градина! Сега тие можеле да имаат деца и среќно да си живеат.

Јехова сакал Адам и Ева да живеат засекогаш. Сакал тие да ја направат целата Земја исто толку убава како градината Еден. Колку среќни мора да биле Адам и Ева кога размислувале за тоа! Да си живеел во тоа време, дали би ти се допаѓало и ти да придонесеш Земјата да биде претворена во убава градина? Но среќата на Адам и Ева не траела долго. Ајде да дознаеме зошто!

Псалм 83:18; 1. Мојсеева 1:26-31; 2:7-25.



Прашања

  • По што се разликува сликата во оваа приказна од сликата во претходната приказна?
  • Кој го направил првиот човек, и како се викал тој човек?
  • Каква работа му дал Бог на Адам?
  • Зошто Бог пуштил длабок сон врз Адам?
  • Колку долго можеле да живеат Адам и Ева, и каква работа им дал Јехова?

Дополнителни прашања

  • Прочитај Псалм 83:18.

    Кое е Божјето име, и во која смисла Бог има единствена положба над Земјата? (Ерем. 16:21; Дан. 4:17).

  • Прочитај 1. Мојсеева 1:26-31.

    Која била последната творба на Бог на шестиот ден, и по што се разликувала оваа творба од животните? (1. Мој. 1:26).

    Што обезбедил Јехова и за човекот и за животните? (1. Мој. 1:30).

  • Прочитај 1. Мојсеева 2:7-25.

    Што требало да прави Адам за да ја исполни својата задача и да им даде имиња на животните? (1. Мој. 2:19).

    Како ни помага 1. Мојсеева 2:24 да сфатиме што мисли Јехова за бракот, за разделувањето и за разводот? (Мат. 19:4-6, 9).