Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Онлајн Библија | СВЕТО ПИСМО - ПРЕВОД НОВ СВЕТ

4. Мојсеева 9:1-23

9  Во првиот месец,+ во втората година по излегувањето од египетската земја, Јехова му зборуваше на Мојсеј во Синајската Пустина и му рече:  „Синовите на Израел нека ја подготват пасхалната жртва+ во одреденото време.+  Подгответе ја во одреденото време, во приквечерината* на четиринаесеттиот ден од овој месец.+ Подгответе ја според сите нејзини одредби и прописи“.+  Така Мојсеј им рече на синовите на Израел да ја подготват пасхалната жртва.  И ја подготвија пасхалната жртва во Синајската Пустина, во првиот месец, во приквечерината на четиринаесеттиот ден од месецот. Како што му беше заповедал Јехова на Мојсеј, така направија синовите на Израел.+  А имаше луѓе кои се беа извалкале со мртовец,*+ така што во оној ден не можеа да ја подготват пасхалната жртва. Затоа во истиот ден дојдоа пред Мојсеј и Арон.+  И тие луѓе му рекоа: „Се извалкавме со мртовец.* Зошто да ни биде одземена можноста да му принесеме жртва+ на Јехова во одреденото време заедно со останатите синови на Израел?“  Тогаш Мојсеј им рече: „Стојте тука да чујам што ќе заповеда Јехова за вас“.+  А Јехова му рече на Мојсеј: 10  „Кажи им на синовите на Израел и речи им: ‚Ако некој од вас или од вашите потомци се извалка со мртовец*+ или е на далечен пат, сепак нека му подготви пасхална жртва на Јехова. 11  Таквите нека ја подготват во вториот месец,+ во приквечерината на четиринаесеттиот ден. Нека ја јадат со бесквасен леб и со горчливо зелје.+ 12  Ништо да не остават од неа до утрото+ и да не ѝ скршат ниту една коска.+ Нека ја подготват според сите одредби за пасхалната жртва.*+ 13  Но, ако некој е чист и не е на пат, а сепак пропуштил да ја подготви пасхалната жртва, таквиот* да биде погубен и така да се отстрани од неговиот народ,+ зашто не му ја принел на Јехова жртвата во одреденото време. Таквиот човек нека одговара за својот грев.+ 14  Ако со вас живее дојденец, и тој нека му подготвува пасхална жртва на Јехова.+ Нека ја подготви според одредбите и прописите за пасхалната жртва.+ Истите одредби нека важат за сите вас — и за дојденецот и за родениот Израелец‘ “.+ 15  На денот кога беше подигнат светиот шатор,+ облак го покри шаторот, шаторот на Сведоштвото,+ а од вечерта до утрото над шаторот имаше нешто како оган.+ 16  Така беше секогаш: дење го покриваше облак, а ноќе нешто како оган.+ 17  Секогаш кога облакот ќе се кренеше од шаторот, синовите на Израел веднаш тргнуваа.+ А на местото каде што облакот ќе застанеше, тука синовите на Израел се улогоруваа.+ 18  По Јеховина заповед синовите на Израел тргнуваа и по Јеховина заповед се улогоруваа.+ За сето време додека облакот стоеше над шаторот, тие остануваа улогорени. 19  Ако облакот се задржеше над шаторот долго време, синовите на Израел го правеа она што го бараше Јехова од нив и не тргнуваа на пат.+ 20  Понекогаш облакот ќе останеше над шаторот по неколку дена. По Јеховина заповед+ остануваа улогорени и по Јеховина заповед тргнуваа. 21  Понекогаш облакот+ стоеше од вечер до утро, а изутрината облакот ќе се кренеше, и тие тргнуваа. Сеедно дали дење или ноќе, кога и да се кренеше облакот, тие тргнуваа на пат.+ 22  Ако облакот се задржеше над шаторот два дена, еден месец или подолго време, останувајќи над него, синовите на Израел остануваа улогорени и не тргнуваа, но штом ќе се кренеше, тие тргнуваа.+ 23  По Јеховина заповед се улогоруваа и по Јеховина заповед тргнуваа. Го правеа она што го бараше Јехова од нив,+ како што беше заповедал Јехова преку Мојсеј.+

Фусноти

„Во приквечерината“ — буквално: „помеѓу две вечери“. Види ја фуснотата за 2Мо 12:6.
Буквално: „со човечка душа“.
Буквално: „со човечка душа“.
Буквално: „со душа“.
Буквално: „Пасхата“.
Буквално: „таквата душа“.