Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Онлајн Библија | СВЕТО ПИСМО - ПРЕВОД НОВ СВЕТ

3. Мојсеева 25:1-55

25  Јехова понатаму му рече на Мојсеј на планината Синај:  „Кажи им на синовите на Израел и речи им: ‚Кога ќе влезете во земјата што ви ја давам,+ земјата нека има време за одмор* посветено на Јехова.+  Шест години сеј ја својата нива, шест години крој го своето лозје и собирај ги плодовите на земјата.+  Но, седмата година нека биде за одмор, време за потполн одмор за земјата,+ одмор посветен на Јехова. Немој да ја сееш својата нива, ниту да го кроиш своето лозје.  Немој да го жнееш она што ќе порасне од истурено семе од претходната жетва, ниту да го береш грозјето од некроена лоза. Тоа нека биде година за потполн одмор за земјата.  Она што ќе го роди земјата кога ќе се одмора нека ви биде за храна: тебе, на твојот роб, на твојата робинка, на твојот наемник и на доселеникот — на дојденците што живеат со тебе —  и на твојот добиток и на дивите животни што се во твојата земја. Сите нејзини плодови нека бидат за јадење.  Изброј седум седмици од години за одмор,* седум пати по седум години, и така седумте седмици од години ќе ти изнесуваат четириесет и девет години.  А во седмиот месец, на десеттиот ден од тој месец,+ заповедај да се огласи рогот гласно.+ На денот на очистувањето+ нека се огласи рогот по целата ваша земја. 10  Посветете ја педесеттата година и објавете во земјата слобода за сите нејзини жители.+ Тоа нека ви биде проштална година,*+ па вратете се секој на своето наследство, вратете се секој кај својот род.+ 11  Педесеттата година нека ви биде проштална.+ Немојте да сеете, немојте да го жнеете она што ќе порасне од истурено семе и не берете грозје од некроена лоза.+ 12  Зашто, тоа е проштална година. Нека ви биде свет. Од полето јадете го она што ќе го роди земјата.+ 13  Во таа проштална година, вратете се секој на своето наследство.+ 14  Затоа, кога ќе му продавате имот на својот ближен или кога ќе купувате нешто од раката на својот ближен, немојте да си нанесувате неправда еден на друг.+ 15  Според бројот на годините од последната проштална година купувај од својот ближен и според бројот на годините во кои ќе го собираш родот тој нека ти продава тебе.+ 16  Колку повеќе години толку поголема ќе биде и цената за која ќе ти го продава,+ а колку помалку години толку и продажната цена ќе биде пониска, зашто тој, всушност, ти го продава бројот на родовите. 17  Никој од вас да не му нанесува неправда на својот ближен,+ туку бојте се од својот Бог,+ зашто јас сум Јехова, вашиот Бог.+ 18  Постапувајте според моите одредби, држете ги моите закони и постапувајте според нив. Тогаш ќе живеете без страв во својата земја.+ 19  И земјата ќе го дава својот плод,+ а вие ќе јадете до ситост и ќе живеете на неа без страв.+ 20  Но ако речете: „Што ќе јадеме во седмата година кога нема ни да сееме ни да собираме род?“+ 21  — знајте дека ќе ви дадам благослов во шестата година, така што земјата ќе роди род за три години.+ 22  Во осмата година ќе сеете, но ќе јадете од стариот род до деветтата година. Додека не стигне нејзиниот род, ќе го јадете стариот. 23  Затоа земјата не смее да се продава засекогаш,+ зашто таа ми припаѓа мене,+ а во мои очи вие сте дојденци и доселеници.+ 24  Затоа во целата земја што ја поседувате мора да дадете право на откуп на земјата.+ 25  Ако твојот брат осиромаши, па мора да продаде дел од своето наследство, нека дојде негов близок роднина како откупител и нека го откупи она што го продал неговиот брат.+ 26  Ако некој нема откупител, но со својата рака стекне средства и набави доволно пари за откуп, 27  нека ги изброи годините што поминале откако го продал и нека му го врати остатокот од парите на оној кому му го продал, па нека се врати на своето наследство.+ 28  Но, ако не може да набави доволно за да му врати, она што го продал нека остане во рацете на купувачот до прошталната година.+ А во прошталната година да се врати наследството, па тој повторно нека дојде до своето наследство.+ 29  Ако некој продаде куќа за живеење во обѕидан град, има право да ја откупи додека не се наврши една година од продажбата. Неговото право на откуп+ трае една година. 30  Но, ако не ја откупи во рок од една година, куќата во градот заграден со ѕид останува засекогаш во сопственост на купувачот од поколение во поколение. Ниту во прошталната година да не се враќа. 31  Но куќите во местата што немаат ѕидови околу себе нека се сметаат како полски имот. Тие можат да се откупуваат,+ и во прошталната година+ мора да бидат вратени. 32  А во левитските градови, левитите имаат трајно право на откуп+ на градските куќи кои се нивно наследство.+ 33  Ако левитскиот имот не биде откупен, продадената куќа во градот во кој левитот има свое наследство треба исто така да се врати во прошталната година.+ Зашто, куќите во левитските градови се нивно наследство меѓу синовите на Израел.+ 34  А полето за паша+ околу нивните градови не може да се продава, бидејќи тоа мора трајно да остане во нивна сопственост. 35  Ако твојот брат што е покрај тебе осиромаши и снема пари,+ помогни му.+ Нека живее со тебе како дојденец или доселеник.+ 36  Не земај од него камата, ниту добивка,+ туку бој се од својот Бог;+ и твојот брат нека живее со тебе. 37  Немој да му даваш пари на заем со камата+ и да му даваш храна за добивка. 38  Јас сум Јехова, вашиот Бог, кој ве изведе од египетската земја за да ви ја даде ханаанската земја+ и да ви биде Бог.+ 39  Ако твојот брат што е покрај тебе осиромаши, па мора да ти се продаде,+ не искористувај го да ти служи како роб.+ 40  Нека биде кај тебе како наемник+ и како доселеник. Нека ти служи до прошталната година. 41  Потоа нека си отиде откај тебе, тој и неговите синови со него, па нека се врати кај својот род и нека се врати на имотот на своите предци.+ 42  Зашто, тие се мои робови, кои јас ги изведов од египетската земја.+ Нека не се продаваат самите себе како што се продаваат робови. 43  Немој да го угнетуваш и да постапуваш сурово со него,+ туку бој се од својот Бог.+ 44  Твојот роб и твојата робинка што ќе ги стекнеш нека бидат од народите што се околу вас — од нив можете да купите роб и робинка. 45  Можете да ги купувате и од синовите на доселениците што живеат кај вас+ како дојденци и од нивните семејства што живеат меѓу вас, а им се родиле во вашата земја. Тие нека станат ваша сопственост. 46  Предајте им ги во наследство на своите синови по вас за да ги наследат како трајна сопственост.+ Тие можат да работат за вас. Но не смеете да ги угнетувате своите браќа, синовите на Израел, ниту да постапувате сурово еден со друг.+ 47  Ако дојденецот или доселеникот што е со тебе се збогати, а твојот брат покрај него осиромаши и мора да му се продаде на дојденецот или на доселеникот што е со тебе или на некој член од семејството на дојденецот, 48  откако ќе се продаде,+ тој го задржува правото да биде откупен.+ Некој од неговите браќа може да го откупи.+ 49  Може да го откупи и неговиот стрико или синот на неговиот стрико, а и кој и да било друг крвен роднина што е од неговото тело,+ некој од неговото семејство, може исто така да го откупи. Или, ако самиот тој се збогати, самиот себе нека се откупи.+ 50  И со својот купувач нека го пресмета времето од годината кога му се продал до прошталната година,+ а парите за кои се продал мора да одговараат на бројот на годините.+ Времето што го поминал кај него нека му се смета како што се сметаат деновите на еден наемник.+ 51  Ако останале уште многу години, нека ја плати за својот откуп цената што е соодветна на парите за кои бил купен. 52  Но, ако останале уште неколку години до прошталната година,+ нека си го пресмета износот. Сразмерно на годините што му преостанале, нека плати за својот откуп. 53  Нека биде кај него како наемник+ од година в година. Нека не биде угнетуван пред твои очи и да не се постапува сурово со него.+ 54  Но, ако не може вака да се откупи себеси, тогаш нека биде ослободен во прошталната година,+ и тој и неговите синови со него. 55  Зашто, мене ми робуваат синовите на Израел. Тие се мои робови+ кои ги изведов од египетската земја.+ Јас сум Јехова, вашиот Бог.+

Фусноти

Буквално: „нека држи сабат“. Види ја фуснотата за 2Мо 16:23.
Буквално: „сабати од години“. Види ја фуснотата за 2Мо 16:23.
Или: „јубилеј; јубилејна година“.