Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Онлајн Библија | СВЕТО ПИСМО - ПРЕВОД НОВ СВЕТ

2. Самоилова 21:1-22

21  Еднаш, во деновите на Давид, три години едноподруго владееше глад.+ И Давид му се обрати на Јехова за совет, а Јехова му рече: „Врз Саул и врз неговиот дом лежи вина за крв поради Гаваонците, кои ги уби“.+  Тогаш царот ги повика Гаваонците+ и разговараше со нив. (А Гаваонците не беа Израелци, туку остаток од Аморејците.+ Иако синовите на Израел се обврзаа со заклетва кон нив,+ Саул сакаше да ги убие+ од ревност+ кон синовите на Израел и на Јуда.)  И Давид им рече на Гаваонците: „Што да направам за вас? Со што да го исчистам тој грев+ за да го благословите Јеховиното наследство?“+  А Гаваонците му одговорија: „Не бараме ни сребро ни злато+ од Саул и од неговиот дом, а немаме ни право да погубиме некого во Израел“. Тогаш тој рече: „Ќе направам за вас сѐ што сакате!“  А тие му рекоа на царот: „Бидејќи тој човек нѐ погубуваше+ и смислуваше+ како да нѐ истреби, за да нѐ нема никаде на подрачјето на Израел,  нека ни бидат предадени седум луѓе од неговите синови+ за да ги изложиме јавно нивните тела+ пред Јехова во Гаваја+ Саулова, градот на Јеховиниот избраник“.+ Тогаш царот рече: „Ќе ви ги предадам“.  Но царот се сожали на Мефивостеј,+ синот на Јонатан, син на Саул. Давид го направи тоа поради заклетвата+ со која тој и Јонатан, синот на Саул, се заколнаа еден на друг пред Јехова.  Така царот ги зеде двата сина кои Рисфа,+ ќерката на Аја, му ги роди на Саул, односно Армониј и Мефивостеј, и петте синови, кои Михала,*+ ќерката на Саул, му ги роди на Адриел,+ синот на Мехолецот Варзелај.  И ги предаде во рацете на Гаваонците, кои јавно ги изложија нивните тела на планината пред Јехова.+ Така сите седуммина загинаа заедно. Беа погубени во првите денови од жетвата, во почетокот на јачменовата жетва.+ 10  А Рисфа, ќерката на Аја,+ зеде козина+ и си ја посла на карпата, и остана таму од почетокот на жетвата додека не падна на нив дожд од небото.+ И не дозволуваше птиците+ небесни да се спуштат на нив дење, ниту да им се приближат полските ѕверови+ ноќе. 11  По некое време му јавија+ на Давид што направи Рисфа, ќерката на Аја, наложницата* на Саул. 12  И Давид отиде и ги зеде коските на Саул+ и коските на неговиот син Јонатан од граѓаните на Јавис-Галад,+ кои скришно ги беа однеле од плоштадот во Вет-Сан,+ каде што Филистејците ги обесија+ во оној ден кога го поразија Саул на Гелвуја.+ 13  Ги однесе оттаму коските на Саул и коските на неговиот син Јонатан, а ги собраа и коските на оние што беа јавно изложени.+ 14  Потоа ги закопаа коските на Саул и на неговиот син Јонатан во Венијаминовата земја, во Зела,+ во гробот на Кис,+ Сауловиот татко, и така извршија сѐ што им заповеда царот. Потоа Бог ги услиши нивните сесрдни молитви за земјата.+ 15  Филистејците+ пак завојуваа со Израел, така што Давид отиде со своите слуги во битка против Филистејците. И Давид се умори. 16  А Јасви-Венов, Рефаимец,*+ чие бакарно копје+ тежеше триста сикли* и имаше на појасот нов меч, сакаше да го убие Давид. 17  Но Ависај,+ синот на Серуја, му притрча на помош на Давид,+ го удри Филистеецот и го уби. Тогаш Давидовите луѓе се заколнаа: „Нема повеќе да одиш со нас во битка,+ за да не ја угаснеш+ светилката+ на Израел!“ 18  Потоа пак избувна војна со Филистејците во Гов.* Тогаш Хусанецот+ Сивехај+ го уби Саф, Рефаимецот.+ 19  Кога повторно избувна војна со Филистејците во Гов, Елханан,+ синот на Јаре-Орегим, од Витлеем, го уби Голијат од Гат, чие копје имаше дршка како ткајачко кросно.+ 20  Потоа пак избувна војна во Гат,+ каде што имаше еден човек со необично крупна става, кој имаше по шест прсти на секоја рака и на секоја нога, вкупно дваесет и четири. И тој беше Рефаимец.+ 21  Кога почна да му се подбива+ на Израел, Јонатан,+ синот на Давидовиот брат Симеј,*+ го уби. 22  Тие четворица беа Рефаимци од Гат,+ а загинаа од раката на Давид и од рацете на неговите слуги.+

Фусноти

Во парафразираниот превод на хебрејскиот текст на арамејски (таргумите), овој дел од стихот гласи: „и петте синови на Мерава (кои Михала, ќерката на Саул, ги одгледа)“. Види 2Са 6:23.
Види ја фуснотата за 1Мо 22:24.
Буквално: „еден од Рефаим [од потомците на Рефаим]“. Името Рефаим овде се користи како општ назив за сите луѓе со џиновски раст.
Околу 3,42 килограми. Види го додатокот 13.
Во 1Ле 20:4 „Гезер“.
Во 1Са 16:9 „Сама“.