Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Онлајн Библија | СВЕТО ПИСМО - ПРЕВОД НОВ СВЕТ

2. Самоилова 1:1-27

1  По смртта на Саул, Давид се врати откако ги победи Амаличаните,+ и два дена помина во Сиклаг.+  А на третиот ден дојде еден човек+ од логорот на Саул. Облеката му беше раскината,+ а главата посипана со прав.+ Кога дојде кај Давид, падна ничкум и се поклони до земја.+  Давид го праша: „Од каде доаѓаш?“ А тој му одговори: „Избегав од израелскиот логор“.  Тогаш Давид го праша: „Што се случило! Ајде раскажи ми!“ А тој му одговори: „Војската побегна од битката, и многу луѓе паднаа и загинаа.+ Загинаа и Саул+ и Јонатан,+ неговиот син“.  Тогаш Давид го праша младичот што му ја јави таа вест: „Од каде знаеш дека загинале Саул и Јонатан, неговиот син?“+  А младичот, кој му го јави тоа, одговори: „Случајно се најдов на планината Гелвуја+ и го здогледав Саул како се опира на своето копје,+ а колите и коњаниците само што не го стигнаа.+  Тогаш тој се сврти и ме здогледа, па ме повика, а јас му реков: ‚Еве ме!‘  Потоа ме праша: ‚Кој си ти?‘ А јас му одговорив: ‚Јас сум Амаличанин‘.+  Тогаш ми рече: ‚Те молам, дојди ваму и убиј ме, зашто ме обзеде смртен грч, а сета душа+ е уште во мене!‘ 10  И дојдов до него и го убив,+ зашто знаев дека нема да остане жив откако паднал ранет. Потоа ги зедов круната*+ што му беше на главата и гривната што му беше на раката за да му ги донесам ваму на својот господар“. 11  Тогаш Давид се фати за облеката и ја раскина,+ а така направија и сите луѓе што беа со него. 12  И тажеа, плачеа+ и постеа+ до вечерта за Саул и за Јонатан, неговиот син, и за Јеховиниот народ и за домот на Израел,+ зашто беа загинале од меч. 13  Потоа Давид го праша младичот што му го јави тоа: „Од каде си ти?“ А тој му одговори: „Јас сум син на еден дојденец, Амаличанин“.+ 14  Тогаш Давид му рече: „Како не се плашеше+ да дигнеш рака на Јеховиниот помазаник+ и да го убиеш?“ 15  И Давид повика еден од своите луѓе и му заповеда: „Дојди ваму и погуби го!“ И тој го удри, така што овој умре.+ 16  А Давид му рече: „Твојата крв нека падне врз твојата глава,+ зашто твојата уста сведочеше против тебе+ кога рече: ‚Јас го убив Јеховиниот помазаник‘ “.+ 17  И Давид ја запеа оваа тажачка+ за Саул и за неговиот син Јонатан,+ 18  и им заповеда на синовите на Јуда+ да ја научат тажачката „Лак“.+ И еве, запишана е во книгата на Јашар:*+ 19  „Твојата убавина, о Израеле, е погубена на твоите височинки!+ Како загинаа јунаците! 20  Не раскажувајте за тоа во Гат,+ не разгласувајте го тоа по улиците на Аскалон,+ за да не се радуваат филистејските ќерки, за да не ликуваат ќерките на необрежаните!+ 21  Гелвујски планини,+ роса да не паѓа на вас и дожд да не ве натопува, вашите полиња да не раѓаат за свет принос!+ Зашто, таму е извалкан штитот на јунаците, па и штитот на Саул — нема повеќе штит помазан со масло.+ 22  Без крв од погубени, без маст од јунаци не се враќаше лакот на Јонатан,+ ниту мечот на Саул не се враќаше без успех!+ 23  Саул и Јонатан,+ сакани и мили додека беа живи, ни во смртта не се разделија!+ Побрзи беа од орлите,+ посилни од лавовите!+ 24  Ќерки израелски, оплакувајте го Саул, кој ве облече во раскошна црвена облека и облеките ви ги китеше со злато!+ 25  Како паднаа јунаците среде битката!+ Загина Јонатан на твоите височинки!+ 26  Жалам за тебе, брате Јонатане! Колку многу ми беше мил!+ Твојата љубов ми беше почудесна од женската љубов!+ 27  Како загинаа јунаците+ и како пропадна бојното оружје!“

Фусноти

Или: „дијадемата“.
„Јашар“ значи „праведник; справедлив“.