Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Онлајн Библија | СВЕТО ПИСМО - ПРЕВОД НОВ СВЕТ

2. Мојсеева 30:1-38

30  Направи жртвеник за палење темјан,+ направи го од дрвото акација.  Нека биде долг еден лакот и широк еден лакот, четириаголен, а висок два лакта. Од него нека излегуваат рогови.+  Обложи го со чисто злато: горната површина, страните наоколу и роговите. Околу работ направи му венец од злато.+  Направи му по два прстена од злато. Прицврсти ги под венецот на двете страни, на двете спротивни страни, и низ нив нека се провлечат лостовите со коишто ќе се носи.+  Лостовите направи ги од дрвото акација и обложи ги со злато.+  Постави го пред завесата што го засолнува ковчегот на сведоштвото,+ пред поклопецот што е над Сведоштвото, каде што ќе се среќавам со тебе.+  Арон нека пали на него мирислив темјан.+ Нека го пали секое утро кога ги подготвува светилките.+  А кога Арон ги пали светилките приквечер,* нека го пали и него. Тоа нека биде темјан што постојано ќе се пали пред Јехова низ вашите идни поколенија.  Не принесувајте на него недозволен темјан,+ ниту жртви паленици, ниту житна жртва, и не излевајте врз него жртви налевници. 10  Еднаш во годината Арон нека го изврши на неговите рогови обредот на очистување.+ Со крвта на жртвата за грев,+ која се принесува за очистување, нека го врши обредот на очистување еднаш во годината. Тоа нека се прави низ вашите идни поколенија. Тој жртвеник е нешто најсвето пред Јехова“. 11  Јехова понатаму му рече на Мојсеј: 12  „Кога ќе ги пребројуваш и ќе ги попишуваш синовите на Израел,+ секој, кога ќе биде попишан, нека му даде на Јехова откупнина за својата душа+ за да не го снајде некаква неволја при попишувањето.+ 13  Секој што ќе биде попишан нека даде по половина сикел, според светиот сикел.*+ Дваесет гери* се еден сикел. Половина сикел нека биде прилогот за Јехова.+ 14  Секој што ќе биде попишан, од дваесет години нагоре, нека му даде прилог на Јехова.+ 15  Богатиот нека не дава повеќе, а сиромавиот нека не дава помалку од половина сикел+ кога му дава прилог на Јехова, за да се изврши обредот на очистување за вашите души.+ 16  Земи ги од синовите на Израел сребрениците за очистувањето и употреби ги за службата во шаторот на средбата,+ и тоа нека биде како спомен пред Јехова за синовите на Израел, за очистување на вашите души“. 17  Јехова потоа му рече на Мојсеј: 18  „За миење направи мијалник од бакар со подножје од бакар.+ Постави го меѓу шаторот на средбата и жртвеникот и налеј вода во него,+ 19  па Арон и неговите синови од него нека си ги мијат рацете и нозете.+ 20  Кога ќе влегуваат во шаторот на средбата, првин нека се измијат со вода за да не загинат, исто така и кога му пристапуваат на жртвеникот за да служат и да ја горат жртвата палена за Јехова.+ 21  Нека си ги мијат рацете и нозете за да не загинат.+ Тоа нека им биде трајна уредба за навек, нему и на неговите потомци од поколение до поколение“.+ 22  Јехова понатаму му рече на Мојсеј: 23  „А ти земи ги најдобрите мириси:+ петстотини сикли смирна+ во стврднати капки, половина од тоа количество — двесте и педесет сикли — мирислив цимет,+ двесте и педесет сикли мирислива трска,+ 24  петстотини сикли касија,+ сето тоа според светиот сикел,+ и еден ин+ маслиново масло. 25  Од тоа направи свето масло за помазание, мирисливо масло, вешто направена смеса.+ Тоа нека биде свето масло за помазание.+ 26  Помажи ги со него шаторот на средбата+ и ковчегот на сведоштвото, 27  масата и сиот нејзин прибор, светилникот и неговиот прибор, кадилниот жртвеник, 28  жртвеникот за жртвите паленици и сиот негов прибор, како и мијалникот и неговото подножје. 29  Посвети ги за да бидат нешто најсвето.+ Оној што ги допира мора да биде свет.+ 30  Помажи ги Арон+ и неговите синови+ и посвети ги за да ми служат како свештеници.+ 31  И кажи им на синовите на Израел: ‚Ова нека ми биде свето масло за помазание низ вашите идни поколенија‘.+ 32  Не смее да се мачка по човечко тело, ниту смеете да правите масла со ваков состав. Тоа е свето и нека ви биде свето и вам. 33  Секој што ќе направи такво мирисливо масло и ќе му стави од него на кој и да е од обичниот народ, да биде погубен, и така да биде отстранет од неговиот народ“.+ 34  Јехова уште му рече на Мојсеј: „Земи мириси:+ капки од стакта, потоа мирисливи школки, мирислив халван и чист темјан.+ Сѐ нека биде во еднакви делови. 35  И од тоа направи темјан,+ смеса од вешто приготвени мирудии, посолена,+ чиста, света. 36  Дел од тоа столчи во прав и стави еден дел пред Сведоштвото во шаторот на средбата,+ од каде што ќе се среќавам со тебе.+ Тоа нека ви биде нешто најсвето. 37  Темјанот што ќе го направиш според овој состав не смеете да го правите за себе.+ Тоа нека ти биде како нешто што е свето за Јехова.+ 38  Кој ќе си направи такво нешто за да му мириса, да биде погубен,+ и така да биде отстранет од неговиот народ“.

Фусноти

„Приквечер“ — буквално: „помеѓу две вечери“.
Или: „според сикелот на светото место“. Овој израз може да значи дека станувало збор за стандарден тег (прамера), кој се чувал во светиот шатор, или со него требало да се нагласи дека тежината мора да биде точно измерена. Види ја фуснотата за изразот „според царската мера“ во 2Са 14:26 и додатокот 13.
Види го додатокот 13.