Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Онлајн Библија | СВЕТО ПИСМО - ПРЕВОД НОВ СВЕТ

1. Царевите 16:1-34

16  Тогаш на Јуј,+ синот на Ананиј,+ му дојде Јеховината реч против Васа:  „Поради тоа што те подигнав од правот+ за да те поставам за водач на мојот народ Израел,+ а ти тргна по патот на Јеровоам+ и го наведе мојот народ Израел да греши, навредувајќи ме со своите гревови,+  еве, јас ќе ги изметам Васа и неговиот дом, и со неговиот дом ќе го направам истото што го направив со домот на Јеровоам, синот на Нават.+  Оној од домот на Васа што ќе умре во градот, ќе го изедат кучињата, а оној од неговиот дом што ќе умре во полето, ќе го изедат небесните птици“.+  Останатата историја на Васа, сите негови дела и потфати, зар не е сето тоа запишано во летописите+ на израелските цареви?  На крајот, Васа почина кај своите прататковци и беше погребан во Терса,+ а наместо него почна да владее неговиот син Ила.  Јеховината реч дојде преку пророкот Јуј, синот на Ананиј, против Васа и против неговиот дом+ поради сето зло што го направи пред Јехова, навредувајќи го+ со делата на своите раце,+ и така стана ист како домот на Јеровоам, а и поради тоа што го уби Надав.+  Во дваесет и шестата година од царувањето на Аса над Јуда, Ила, синот на Васа, стана цар на Израел во Терса и владееше две години.  А Зимриј,+ неговиот слуга, кој заповедаше со половината бојни коли, почна да кове заговор против него. Додека Ила беше во Терса и се опиваше+ во куќата на Арса, управител на неговиот дворец+ во Терса, 10  дојде Зимриј, го нападна и го уби+ во дваесет и седмата година од царувањето на Аса над Јуда, па почна да владее наместо него. 11  Штом почна да владее и штом седна на престолот, ги уби сите од домот на Васа. Не му остави ниту едно машко*+ — ни неговиот одмаздник за крв+ ни неговиот пријател. 12  Така Зимриј го истреби целиот дом на Васа,+ според речта што ја кажа Јехова+ против Васа преку пророкот Јуј,+ 13  поради сите гревови на Васа и поради гревовите на Ила,+ неговиот син, кои ги направија и со кои го наведоа на грев Израел, навредувајќи го Јехова, Богот на Израел, со своите ништожни идоли.+ 14  Останатата историја на Ила и сѐ што правеше тој, зар не е сето тоа запишано во летописите+ на израелските цареви? 15  Во дваесет и седмата година од царувањето на Аса над Јуда, Зимриј стана цар и владееше седум дена+ во Терса, додека народот го опсадуваше Гиветон,+ кој им припаѓаше на Филистејците. 16  Кога народот ја чу веста дека Зимриј сковал заговор и го убил царот, истиот тој ден во логорот целиот Израел го постави Амри,+ заповедникот на војската, за цар на Израел. 17  Тогаш Амри и сите Израелци заминаа со него од Гиветон и почнаа да ја опсадуваат+ Терса. 18  Кога виде дека градот е освоен, Зимриј дојде во тврдината на царскиот дворец и го запали над себе царскиот дворец. Така загина+ 19  поради гревовите што ги направи, правејќи го она што е зло во Јеховини очи+ и одејќи по патот на Јеровоам и правејќи гревови какви што правеше и тој, со кои го наведуваше Израел на грев.+ 20  Останатата историја на Зимриј и заговорот што го скова, зар не е сето тоа запишано во летописите+ на израелските цареви? 21  Тогаш израелскиот народ се раздели на две страни.+ Едниот дел од народот застана на страната на Тивниј, синот на Гинат, за да го постави за цар, а другиот дел застана на страната на Амри. 22  На крајот, народот што застана на страната на Амри ги надви оние што застанаа на страната на Тивниј, синот на Гинат. Тивниј умре, а Амри почна да владее. 23  Во триесет и првата година од царувањето на Аса над Јуда, Амри стана цар на Израел и владееше дванаесет години. Шест години владееше во Терса. 24  Потоа, ја купи од Семир самариската планина за два таланти* сребро и почна да гради град на планината, па градот што го изгради го нарече Самарија,*+ според името на Семир, господарот на таа планина. 25  Амри го правеше она што беше зло во Јеховини очи и беше полош од сите свои претходници.+ 26  Во сѐ одеше по патиштата на Јеровоам, синот на Нават,+ и ги правеше неговите гревови со кои го наведе на грев Израел, навредувајќи го Јехова, Богот на Израел, со своите ништожни идоли.+ 27  Останатата историја на Амри, сите негови дела и потфати, зар не е сето тоа запишано во летописите+ на израелските цареви? 28  На крајот, Амри почина кај своите прататковци и беше погребан во Самарија, а на негово место почна да владее неговиот син Ахав.+ 29  Ахав, синот на Амри, стана цар на Израел во триесет и осмата година од царувањето на Аса над Јуда, и Ахав, синот на Амри, владееше дваесет и две години над Израел во Самарија.+ 30  Ахав, синот на Амри, правеше уште поголеми зла во Јеховини очи отколку сите негови претходници.+ 31  И како да му беше малку+ тоа што ги правеше истите гревови* како Јеровоам,+ синот на Нават, па уште ја зеде за жена+ Језавела,+ ќерката на Етвал, сидонскиот+ цар, и почна да му служи на Ваал+ и да му се клања. 32  Стана и му подигна жртвеник на Ваал во храмот+ на Ваал, кој го изгради во Самарија. 33  Ахав направи и обреден дирек.*+ И Ахав го навредуваше+ Јехова, Богот на Израел, повеќе отколку сите израелски цареви што беа пред него. 34  Во негово време, Хил од Ветил го изгради Ерихон. По цена на својот првороден син Авирон му го положи темелот, а по цена на својот најмлад син Сегув му ги постави вратите, според речта што ја кажа Јехова преку Исус, синот на Навин.+

Фусноти

Буквално: „ништо што моча покрај ѕид“.
Види го додатокот 13.
„Самарија“ значи „имот на Семировиот род“.
Буквално: „одеше во истите гревови“.
Или: „ашер“.