Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Онлајн Библија | СВЕТО ПИСМО - ПРЕВОД НОВ СВЕТ

1. Самоилова 19:1-24

19  Саул им зборуваше на својот син Јонатан и на сите свои слуги дека има намера да го убие Давид.+  А Јонатан, синот на Саул, многу го сакаше Давид+ и затоа му рече на Давид: „Татко ми Саул има намера да те убие. Те молам, утре изутрина биди претпазлив, скриј се негде и остани таму.+  А јас ќе излезам во полето во кое ќе бидеш ти, ќе застанам покрај татко ми и ќе му зборувам за тебе. Кога ќе дознаам што се случува, ќе ти јавам“.+  И Јонатан му зборуваше на татка си добро+ за Давид и му рече: „Царот нека не греши+ спрема својот слуга Давид, зашто тој не згреши спрема тебе, и она што го правеше беше многу добро за тебе.+  Својата душа ја доведе во опасност*+ и го уби Филистеецот,+ и така Јехова му донесе голема победа+ на целиот Израел. Ти го виде тоа и се радуваше. Тогаш зошто да згрешиш спрема невина крв и да го убиеш+ Давид без причина?“+  И Саул го послуша гласот на Јонатан и се заколна: „Како што е жив Јехова,+ тој нема да умре“.  Тогаш Јонатан го викна Давид и му ги пренесе сите тие зборови. Потоа Јонатан го доведе Давид кај Саул, и Давид му служеше како и порано.+  По некое време пак избувна војна и Давид излезе во бој против Филистејците. И им нанесе тежок пораз,+ така што се разбегаа пред него.+  Еден ден Јехова дозволи Саул да го обземе лошо расположение*+ додека тој седеше во својата куќа со копјето в рака, а Давид свиреше на харфа. 10  И Саул се обиде да го прикове Давид за ѕид со копјето,+ но тој се истави+ од пред Саул, па копјето се заби во ѕидот. И Давид таа ноќ побегна и се спаси.+ 11  Саул потоа испрати луѓе за да ја надгледуваат куќата на Давид,+ зашто сакаше изутрината да го убие.+ Но жена му Михала му рече на Давид: „Ако не побегнеш ноќеска, утре ќе бидеш мртов“. 12  Тогаш Михала го спушти Давид низ прозорецот и тој побегна и се спаси.+ 13  А Михала го зеде домашниот идол+ и го положи во постелата, стави сукно од козји влакна на местото каде што требаше да му биде главата, а идолот го покри со покривка. 14  Саул испрати луѓе да го фатат Давид, но таа рече: „Болен е“.+ 15  Но Саул повторно испрати луѓе да го видат Давид, велејќи им: „Донесете ми го сосе постела да го убијам!“+ 16  Кога луѓето влегоа, гледај, во постелата беше домашниот идол, а на местото каде што требаше да му биде главата беше сукното од козји влакна. 17  Тогаш Саул ѝ рече на Михала: „Зошто ме измами+ така и го пушти мојот непријател+ да побегне?“ А Михала му одговори на Саул: „Тој ми рече: ‚Пушти ме да одам или ќе те убијам!‘ “ 18  А Давид избега и се спаси.+ Па отиде кај Самоил во Рама+ и му раскажа за сѐ што му направи Саул. Потоа отиде со Самоил и останаа во Најот.+ 19  По некое време му јавија на Саул: „Ене го Давид во Најот во Рама“. 20  Саул веднаш испрати луѓе да го фатат Давид. Но кога Сауловите луѓе го видоа собирот на постари пророци како пророкуваат со Самоил на чело, Божјиот дух+ дојде врз нив, па и тие почнаа да се однесуваат необично — како овие пророци што паднаа во пророчки занес.+ 21  Кога му го јавија тоа на Саул, тој испрати други луѓе, но и тие почнаа да се однесуваат како пророци. Тогаш Саул испрати луѓе и по трет пат, но истото им се случи и ним. 22  На крајот отиде и тој во Рама. Кога дојде до големиот бунар,* кој е во Секу, се распрашуваше: „Каде се Самоил и Давид?“ А луѓето му одговорија: „Ене ги во Најот+ во Рама“. 23  И оттаму се упати кон Најот во Рама. А Божјиот дух+ дојде и врз него, па почна да се однесува необично како и тој да паднал во пророчки занес. И така одеше сѐ додека не дојде во Најот во Рама. 24  Таму и тој ја соблече облеката, па и тој се однесуваше пред Самоил како да е во пророчки занес. Потоа падна и  цел ден и цела ноќ лежеше скудно облечен.*+ Затоа се вели: „Зар е и Саул меѓу пророците?“+

Фусноти

Буквално: „ја стави на својата дланка“.
Буквално: „Јеховиниот зол дух дојде врз Саул“.
Или: „резервоар“.
Буквално: „гол“.