Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Онлајн Библија | СВЕТО ПИСМО - ПРЕВОД НОВ СВЕТ

1. Мојсеева 42:1-38

42  А Јаков дозна дека во Египет има жито,+ па им рече на своите синови: „Зошто гледате еден во друг?“  И додаде: „Слушнав дека имало жито во Египет.+ Појдете, па оттаму купете го за да останеме живи и да не изумреме“.  Така, десетте браќа+ на Јосиф отидоа во Египет да купат жито.  Но Јаков не го испрати Јосифовиот брат Венијамин+ со останатите браќа, зашто рече: „Да не го снајде несреќа, па да загине“.+  Така синовите на Израел дојдоа заедно со другите што доаѓаа да купуваат, бидејќи во ханаанската земја владееше глад.+  А Јосиф беше управител во земјата.+ Тој им продаваше жито на луѓето од сите земји.+ Така дојдоа и браќата на Јосиф и му се поклонија со лицето доземи.+  Кога Јосиф ги здогледа своите браќа, веднаш ги препозна, но не дозволи тие да го препознаат него.+ Затоа им се обрати со остри зборови: „Од каде доаѓате?“ Тие одговорија: „Од ханаанската земја, за да купиме храна“.+  Иако Јосиф ги препозна своите браќа, тие не го препознаа него.  И Јосиф веднаш се сети на соништата што ги беше сонил во врска со нив,+ па им рече: „Вие сте извидувачи! Сте дошле за да видите каде е земјата незаштитена!“+ 10  А тие му одговорија: „Не, господару!+ Твоите слуги+ дојдоа да купат храна. 11  Сите ние сме синови на еден човек. Чесни луѓе сме. Твоите слуги не се извидувачи“.+ 12  Но тој им рече: „Не е вистина! Дојдени сте за да видите каде е земјата незаштитена!“+ 13  А тие одговорија: „Твоите слуги беа дванаесет браќа,+ синови на еден човек+ во ханаанската земја. Најмладиот е сега со нашиот татко,+ а едниот повеќе го нема“.+ 14  Но Јосиф им рече: „Токму како што реков: ‚Вие сте извидувачи!‘ 15  Вака ќе ве испитам: се колнам во животот на фараонот, нема да излезете одовде ако не дојде ваму вашиот најмал брат.+ 16  Испратете еден од вас да го доведе вашиот брат, а вие ќе останете во затвор за да се види дали се вистинити вашите зборови!+ Ако не се, како што е жив фараонот, тогаш сте извидувачи“. 17  Потоа сите заедно ги фрли в затвор за три дена. 18  А на третиот ден Јосиф им рече: „Направете вака и ќе останете живи, зашто јас се бојам+ од вистинскиот Бог! 19  Ако сте чесни, еден од вас нека остане врзан во затворот,+ а вие останатите одете и земете жито за своите домашни кои гладуваат!+ 20  Потоа доведете ми го вашиот најмал брат за да се види дека вашите зборови се вистинити, и нема да умрете!“+ И тие се согласија да направат така. 21  Па почнаа да си велат еден на друг: „Сигурно нѐ стигнува вината поради нашиот брат,+ зашто видовме колку му беше мачно на душата кога нѐ молеше за милост, а ние не го послушавме. Затоа нѐ снајде оваа неволја“.+ 22  Рувим им одговори: „Зарем не ви велев: ‚Не грешете против детето‘? Но вие не слушавте.+ Сега се бара сметка за неговата крв“.+ 23  А тие не знаеја дека Јосиф ги разбира, зашто со него разговараа преку толкувач. 24  И тој се оддалечи од нив и заплака.+ Откако се врати и разговараше со нив, го издвои Симеон+ и го врза пред нивни очи.+ 25  Потоа Јосиф заповеда да им ги наполнат вреќите со жито и секому да му ги вратат парите во неговата вреќа+ и да им дадат храна за по пат.+ И така им направија. 26  Тогаш го натоварија житото на своите магариња и тргнаа оттаму. 27  Во преноќевалиштето, кога еден од нив ја отвори својата вреќа да го нахрани магарето,+ ги здогледа своите пари одозгора во вреќата.+ 28  Тогаш им рече на своите браќа: „Ми ги вратиле парите и еве ги во мојава вреќа!“ Тогаш срцето им замре од страв, па треперејќи се свртија еден кон друг,+ велејќи: „Што е ова што ни го направи Бог?“+ 29  Кога дојдоа кај својот татко Јаков во ханаанската земја, му раскажаа за сѐ што им се случи: 30  „Човекот што е господар на земјата зборуваше остро со нас,+ зашто мислеше дека ја извидуваме земјата.+ 31  Но ние му рековме: ‚Чесни луѓе сме.+ Не сме извидувачи. 32  Ние сме дванаесет браќа,+ синови на ист татко.+ Едниот брат повеќе го нема,+ а најмалиот е сега со нашиот татко во ханаанската земја‘.+ 33  Но човекот што е господар на онаа земја ни рече:+ ‚Вака ќе знам дали сте чесни:+ еден од вас нека остане кај мене,+ а вие земете што ви треба за своите домашни кои гладуваат, па одете!+ 34  И доведете ми го вашиот најмал брат за да знам дека не сте извидувачи, туку чесни луѓе! Тогаш ќе ви го вратам братот, а вие ќе можете да тргувате во земјата‘ “.+ 35  А кога ги испразнија вреќите, секој си го најде ќесето со пари во својата вреќа. И кога ги видоа ќесињата со пари, се исплашија и тие и татко им. 36  Тогаш нивниот татко Јаков им рече: „Поради вас останувам без деца!+ Јосиф го нема, го нема ни Симеон,+ а и Венијамин сакате да ми го земете! Сето тоа се струпа на мене!“ 37  А Рувим му рече на татка си: „Убиј ги моите два сина ако не ти го доведам назад.+ Довери ми го мене, и јас ќе ти го вратам“.+ 38  Но тој му одврати: „Мојот син нема да оди со вас, зашто брат му е мртов и тој остана сам.+ Ако го снајде несреќа, па загине на патот на кој ќе појдете, ќе ја испратите мојава седа глава со тага во гробот“.*+

Фусноти

Буквално: „шеолот“.