Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Онлајн Библија | СВЕТО ПИСМО - ПРЕВОД НОВ СВЕТ

1. Мојсеева 41:1-57

41  По две години, фараонот сонуваше+ дека стои крај реката Нил.  И гледај, од Нил излегоа седум крави, убави и дебели, и почнаа да пасат трева покрај реката.+  А по нив од Нил излегоа седум други крави, грди и слаби,+ и застанаа покрај кравите што беа на брегот на Нил.  Па грдите и слаби крави ги изедоа седумте убави и дебели крави.+ И тогаш фараонот се разбуди.+  Но повторно заспа и сони друг сон. И гледај, на едно стебленце израснаа седум класови, крупни и убави.+  А по нив израснаа седум класови, ситни и опалени од источниот ветар.+  И ситните класови ги голтнаа седумте крупни и полни класови.+ Тогаш фараонот се разбуди, и гледај, тоа беше сон.  А изутрината беше вознемирен.*+ Затоа фараонот порача да ги викнат сите египетски свештеници што се занимаваа со магија+ и сите мудреци,+ па им ги раскажа своите соништа.+ Но не се најде никој што можеше да му ги протолкува на фараонот.  Тогаш главниот пехарник му се обрати на фараонот:+ „Денес морам да ги спомнам своите гревови.+ 10  Фараонот еднаш се разгневи на своите слуги.+ Затоа ме стави в затвор во куќата на заповедникот на телесната стража,+ и мене и главниот пекар. 11  Во една иста ноќ, јас и тој сонивме сон. Секој од нас сони сон со поинакво значење.+ 12  А таму со нас беше еден млад Евреин,+ слуга на заповедникот на телесната стража.+ Кога му ги раскажавме соништата,+ тој ни ги протолкува. Секому му го протолкува неговиот сон. 13  И како што ни ги протолкува, така и се случи. Мене фараонот ме врати во служба,+ а оној другиот го обеси“.+ 14  И фараонот испрати да го повикаат Јосиф+ и брзо да го доведат од затворот.+ А тој се избричи,*+ се промени+ и излезе пред фараонот. 15  Тогаш фараонот му рече на Јосиф: „Сонив сон, но никој не може да го протолкува. А чув дека се зборува за тебе оти си можел да протолкуваш сон кога ќе го чуеш“.+ 16  Тогаш Јосиф му одговори на фараонот: „Тоа не зависи од мене! Бог е тој што ќе му објави благосостојба на фараонот“.+ 17  Фараонот тогаш му рече на Јосиф: „Во сонот стоев на брегот на Нил. 18  И гледај, од Нил излегоа седум крави, дебели и убави, па почнаа да пасат трева покрај реката.+ 19  А по нив излегоа седум други крави, суви, многу грди и слаби.+ Толку грди крави не сум видел во целата египетска земја. 20  И тие слаби и грди крави ги изедоа првите седум дебели крави.+ 21  А кога им беа во мевот, не можеше да се препознае дека им се во мевот, зашто беа грди како и пред тоа.+ Тогаш се разбудив. 22  Потоа видов на сон, и гледај, седум класови, полни и убави, израснаа на едно стебленце.+ 23  А по нив израснаа седум исушени класови, ситни и опалени од источниот ветар.+ 24  И ситните класови ги проголтаа седумте убави класови.+ Сето ова им го раскажав на свештениците што се занимаваат со магија,+ но ниту еден не можеше да ми го разјасни“.+ 25  Тогаш Јосиф му рече на фараонот: „Двата сона на фараонот имаат исто значење. Вистинскиот Бог му јавил на фараонот што ќе направи.+ 26  Седумте убави крави значат седум години. Исто така, седумте убави класови значат седум години. Соновите имаат едно значење. 27  Седумте слаби и грди крави што се појавиле по првите, значат седум години, а така и седумте празни класови, опалени од источниот ветар,+ значат седум години глад.+ 28  Ова веќе му го кажав на фараонот: вистинскиот Бог му покажал на фараонот што ќе направи.+ 29  Ете, доаѓаат седум години на големо изобилство во целата египетска земја. 30  Но по нив ќе настапат седум гладни години, кога ќе се заборави сето изобилство во египетската земја и гладот ќе ја опустоши земјата.+ 31  Повеќе нема да се знае за изобилството што било во земјата, зашто гладот што ќе дојде по него ќе биде многу голем. 32  А тоа што фараонот двапати го сонил сонот значи дека вистинскиот Бог цврсто го одлучил ова+ и дека вистинскиот Бог брзо ќе го спроведе.+ 33  Затоа фараонот нека побара сега некој разборит и мудар човек и нека го постави над египетската земја!+ 34  Фараонот нека постави надгледници во земјата+ и нека собира една петтина од египетската земја за тие седум години на изобилство!+ 35  Тие нека собираат од сиот род во седумте добри години што доаѓаат, и нека го собираат житото под раката на фараонот за храна во градовите+ и нека го складираат! 36  И тие резерви ќе служат за храна во земјата за седумте гладни години што ќе настапат во египетската земја,+ за земјата да не изумре од глад“.+ 37  Овие зборови им се допаднаа на фараонот и на сите негови слуги.+ 38  Затоа фараонот им рече на своите слуги: „Можеме ли да најдеме друг човек како овој, во кого е духот Божји?“+ 39  Потоа фараонот му рече на Јосиф: „Кога Бог тебе ти дал да го знаеш сето ова,+ никој не е толку разборит и мудар како што си ти.+ 40  Ти ќе бидеш управител во мојот дворец+ и сиот мој народ безусловно ќе ти се покорува.+ Само со престолот јас ќе бидам поголем од тебе“.+ 41  Потоа фараонот му рече на Јосиф: „Еве, те поставувам над целата египетска земја“.+ 42  Тогаш фараонот го симна печатниот прстен+ од својата рака и му го стави на рака на Јосиф, го облече во облеки од фин лен, а околу вратот му стави златен синџир.+ 43  Заповеда да го возат во колата што, според честа, беше веднаш по неговата+ и пред него да викаат: „Аврек!* Така го постави над целата египетска земја. 44  Потоа фараонот му рече на Јосиф: „Јас сум фараон, но без твое одобрение никој не смее да крене ни рака ни нога во целата египетска земја“.+ 45  Потоа фараонот му го даде на Јосиф името Сафнат Панеах и му ја даде за жена Асенета,+ ќерката на Потифер, свештеникот од Он.*+ И Јосиф почна да ја обиколува египетската земја.+ 46  А кога стапи во служба на фараонот, царот на Египет, Јосиф имаше триесет години.+ Тогаш Јосиф замина откај фараонот и ја пропатува целата египетска земја. 47  И во седумте години на изобилство земјата раѓаше богато.+ 48  А тој го собираше сиот род во тие седум години што настапија во египетската земја и тој род го складираше во градовите.+ Во секој град го складираше родот од околните ниви.+ 49  И Јосиф насобра многу жито,+ како морскиот песок, па на крајот престанаа и да го мерат, зашто не можеше да се измери.+ 50  И уште пред да настапи првата гладна година, Јосиф доби два сина,+ кои му ги роди Асенета, ќерката на Потифер, свештеникот од Он. 51  На првородениот, Јосиф му го даде името Манасија,*+ зашто, како што рече: „Бог ми даде да ја заборавам сета моја неволја и целиот дом на мојот татко“.+ 52  А на другиот му го даде името Ефрем,*+ зашто, како што рече: „Бог ме направи плоден во земјата на мојата неволја“.+ 53  Така им дојде крајот на седумте години на изобилство во египетската земја,+ 54  па настапија седумте гладни години, како што рече Јосиф.+ И настана глад во сите земји, но во целата египетска земја имаше леб.+ 55  А најпосле почувствува глад и целата египетска земја, па народот го преколнуваше фараонот да му даде леб.+ Тогаш фараонот им рече на сите Египќани: „Одете кај Јосиф! И што ќе ви рече, тоа направете го!“+ 56  И гладот завладеа во целата земја.+ Тогаш Јосиф ги отвори сите житници што ги имаа, па им ја продаваше храната на Египќаните,+ зашто завладеа тежок глад во египетската земја. 57  И луѓето од сите земји доаѓаа во Египет да купуваат храна од Јосиф, бидејќи во сите земји владееше тежок глад.+

Фусноти

Буквално: „духот му се вознемири“.
Или: „се избричи и се истрижа“.
Значењето на овој египетски израз, кој е транслитериран во хебрејскиот текст, досега не е утврдено.
Или: „Хелиополис“, што значи „град на сонцето“ затоа што во тамошниот храм бил обожаван богот на Сонцето Ра.
„Манасија“ значи „причина да се заборави; оној поради кого се заборава“.
„Ефрем“ значи „двојно плоден“.