Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Онлајн Библија | СВЕТО ПИСМО - ПРЕВОД НОВ СВЕТ

1. Мојсеева 38:1-30

38  А во меѓувреме, Јуда замина откај своите браќа и го распна шаторот близу еден човек, Адоламец,+ кој се викаше Хира.  Таму Јуда ја забележа ќерката на еден Ханаанец,+ кој се викаше Шуја, па ја зеде за жена и легна со неа.  Таа забремени и роди син, кому тој му го даде името Ир.+  И таа повторно забремени и роди син, па му го даде името Онан.  И уште еднаш роди син, и му го даде името Сала. А кога таа го роди него, Јуда беше во Ахзив.+  На својот првороден Ир, Јуда му зеде жена, која се викаше Тамара.+  Но Ир, првородениот на Јуда, беше зол во Јеховини очи,+ па затоа Јехова го погуби.+  Затоа Јуда му рече на Онан: „Легни со жената на брат ти и склучи со неа деверски* брак, па подигни му потомство на брат ти!“+  Но Онан знаеше дека потомството нема да биде негово,+ па затоа, кога имаше односи со жената на својот брат, го истураше семето наземи за да не му даде потомство на својот брат.+ 10  А тоа што го направи беше зло во очите на Јехова,+ па тој го погуби и него.+ 11  Тогаш Јуда ѝ рече на својата снаа Тамара: „Живеј како вдовица во куќата на татко ти додека да порасне мојот син Сала!“+ Зашто, си рече: „И тој може да умре како неговите браќа“.+ Така Тамара отиде да живее во куќата на својот татко.+ 12  А по многу дни, умре ќерката на Шуја, жената на Јуда,+ и Јуда, според обичајот, тагуваше одредено време.+ Потоа, со својот пријател, Адоламецот Хира,+ отиде во Темна+ кај луѓето што ги стрижеа неговите овци. 13  Тогаш ѝ јавија на Тамара: „Ене, свекор ти оди во Темна да ги стриже овците“.+ 14  А таа ја соблече вдовичката облека, се покри со марама и си стави превез, па седна на влезот од Енаим, кој е на патот за Темна, зашто виде дека Сала порасна, но неа сѐ уште не ја омажија за него.+ 15  Кога ја здогледа, Јуда веднаш помисли дека е блудница,+ зашто си го беше покрила лицето.+ 16  Па скршна од патот кон неа и ѝ рече: „Дозволи да легнам со тебе!“+ Зашто, не знаеше дека тоа е снаа му.+ Но таа му рече: „Што ќе ми дадеш за да легнеш со мене?“+ 17  „Ќе ти испратам јаре од стадото“, одговори тој. А таа рече: „Ќе ми дадеш ли залог додека не го испратиш?“+ 18  „Каков залог да ти дадам?“ — праша тој. А таа рече: „Својот печатен прстен,+ врвцата и стапот што ти е во раката“. Тогаш ѝ го даде сето тоа, па легна со неа, и таа забремени од него. 19  Потоа таа стана и отиде, ја симна марамата и пак ја облече вдовичката облека.+ 20  А Јуда го испрати јарето по својот пријател Адоламецот+ за да го добие назад залогот од раката на жената, но овој не можеше да ја најде. 21  Па ги праша луѓето од нејзиното место: „Каде е онаа храмска блудница што беше во Енаим покрај патот?“ Но тие му одговорија: „Овде никогаш немало храмска блудница“.+ 22  На крајот се врати кај Јуда и рече: „Не можев да ја најдам, а освен тоа, луѓето од она место рекоа: ‚Овде никогаш немало храмска блудница‘ “. 23  Тогаш Јуда рече: „Нека си го задржи она што ѝ го дадов за да не си навлечеме презир.+ Еве, јас ѝ го праќав ова јаре, а ти не си ја нашол“. 24  Но, некаде по три месеци му јавија на Јуда: „Снаа ти Тамара се оддала на блуд,+ и ете, во својот блуд и забременила“.+ Тогаш Јуда рече: „Изведете ја, погубете ја и запалете ја“.+ 25  А додека ја изведуваа, таа испрати луѓе да му кажат на нејзиниот свекор: „Забременив од човекот на кого му припаѓа ова“.+ И додаде: „Те молам, види+ чиј е овој печатен прстен, врвцава и стапов!“+ 26  А кога Јуда ги погледна, рече:+ „Поправедна е од мене,+ зашто не му ја дадов на син ми Сала“.+ И потоа не легна повеќе со неа.+ 27  Кога ѝ дојде времето да роди, се покажа дека во утробата има близнаци. 28  И кога раѓаше, едниот ја подаде раката, а бабицата веднаш зеде црвен конец, му го врза околу раката и рече: „Овој излезе прв“. 29  Но тој ја вовлече раката и излезе неговиот брат, па таа извика: „Зошто толку ја раскина материцата?“ Затоа го доби името Фарес.*+ 30  А потоа излезе брат му, кој околу раката имаше црвен конец, и тој го доби името Зара.+

Фусноти

Или: „левиратски“.
„Фарес“ значи „раскинување на материца“.