Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Онлајн Библија | СВЕТО ПИСМО - ПРЕВОД НОВ СВЕТ

Судиите 16:1-31

16  Еднаш Самсон дојде во Газа+ и таму виде една блудница, па влезе кај неа.+  И им јавија на жителите на Газа: „Самсон дојде овде“. А тие го опколија+ и го демнеа цела ноќ на градската порта.+ И цела ноќ чекаа мирно, велејќи: „Ќе го убиеме штом ќе осамне“.+  Но Самсон лежеше само до полноќ, а на полноќ стана, ја фати градската порта+ со двата довратника и ги откорна заедно со резето, па ги стави на рамења и ги однесе+ на врвот на планината која е спроти Хеврон.+  Потоа се вљуби во една жена од долината на Сорек, која се викаше Делила.+  Филистејските кнезови-сојузници+ дојдоа кај неа и ѝ рекоа: „Измами+ го и дознај каде се крие неговата голема сила, како да го надвладееме и со што да го врземе за да го совладаме. Тогаш секој од нас ќе ти даде по илјада и сто сребреници“.+  Потоа Делила му рече на Самсон: „Те молам, кажи ми во што се крие твојата голема сила и со што треба да те врзат за да бидеш совладан?“+  А Самсон ѝ одговори: „Ако ме врзат со седум сѐ уште влажни, неисушени жили,*+ ќе ја изгубам силата и ќе бидам како секој друг човек“.  Тогаш филистејските кнезови-сојузници+ ѝ донесоа седум сѐ уште влажни, неисушени жили и таа го врза со нив.  И додека во нејзината соба седеа луѓе во заседа,+ таа му рече: „Самсоне, еве ги Филистејците+ против тебе!“ А тој ги искина жилите, како што се кине конец од колчишта кога ќе го зафати оган.+ И не се дозна во што се крие неговата сила.+ 10  Тогаш Делила+ му рече на Самсон: „Еве, ме измами и ме излажа.+ Те молам, кажи ми сега со што треба да бидеш врзан“. 11  А тој ѝ одговори: „Ако ме врзат цврсто со нови јажиња, кои уште не биле користени за работа, ќе ја изгубам силата и ќе бидам како секој друг човек“. 12  И Делила зеде нови јажиња, го врза со нив и му рече: „Самсоне, еве ги Филистејците против тебе!“ А во нејзината соба седеа луѓе во заседа.+ Но, тој ги скина јажињата од рацете како да се конци.+ 13  Потоа Делила му рече на Самсон: „Досега ме мамеше и ме лажеше.+ Кажи ми со што треба да бидеш врзан!“+ А тој ѝ одговори: „Треба да ги вткаеш седумте плетенки од мојата глава во ткајачка основа“.+ 14  И таа ги прицврсти со клин и му рече: „Самсоне, еве ги Филистејците против тебе!“+ А тој се разбуди од сонот и ги истрга ткајачкиот клин и основата. 15  Тогаш таа му рече: „Како можеш да речеш: ‚Те сакам‘,+ кога твоето срце не е со мене? Веќе трипати ме измами и не ми кажа во што се крие твојата голема сила“.+ 16  Таа цело време го опсипуваше+ со зборови и навалуваше на него, и тоа му ја јадеше душата до смрт.+ 17  На крајот ѝ го отвори целото срце+ и ѝ рече: „Брич+ никогаш не ми поминал преку главата, зашто сум Божји назареец од мајчината утроба.+ Ако ме избричат, силата ќе ме остави, ќе ослабам и ќе бидам како секој друг човек“.+ 18  Кога Делила виде дека тој ѝ го отвори целото свое срце, испрати луѓе да ги повикаат филистејските кнезови-сојузници,+ порачувајќи им: „Дојдете сега, зашто ми го отвори целото свое срце!“+ И филистејските кнезови дојдоа кај неа и ги донесоа парите со себе.+ 19  А таа го успа на своите колена и потоа повика еден човек да му ги избричи седумте плетенки од главата. Така го совлада, и силата го остави. 20  Тогаш рече: „Самсоне, еве ги Филистејците против тебе!“ А тој се разбуди од сонот и си помисли: „Ќе се извлечам како и порано+ и ќе се ослободам!“ Но не знаеше дека Јехова отстапил од него.+ 21  И Филистејците го фатија, му ги извадија очите,+ па го одведоа во Газа+ и го оковаа во двојни бакарни окови,+ па мораше да ја врти мелницата+ во затворот.+ 22  Но откако му ја избричија главата,+ почна да му расте густа коса. 23  А филистејските кнезови-сојузници се собраа за да му принесат голема жртва на својот бог Дагон+ и да се радуваат. И велеа: „Нашиот бог* ни го даде в раце нашиот непријател Самсон!“+ 24  Кога го виде, народот почна да го фали својот бог+ со зборовите: „Нашиот бог ни го даде в раце нашиот непријател,+ кој ни ја пустошеше земјата+ и уби мнозина од нас“.+ 25  Бидејќи срцето им се развесели,+ рекоа: „Викнете го Самсон за да нѐ забавува!“+ Така го доведоа Самсон од затворот за да ги засмејува.+ И го поставија меѓу столбовите. 26  Тогаш Самсон му рече на момчето што го водеше за рака: „Пушти ме да ги напипам столбовите врз кои стои оваа зграда и да се потпрам на нив“. 27  А храмот беше полн со мажи и жени, и сите филистејски кнезови-сојузници беа таму.+ На покривот имаше околу три илјади мажи и жени кои гледаа како Самсон ги забавува.+ 28  А Самсон+ го повика Јехова:+ „Севишен Господару Јехова, сети се на мене,+ те молам, и дај ми сила+ само уште овој пат, те молам, Боже вистински, дозволи ми да им се одмаздам на Филистејците за едно од моите две очи!“+ 29  Тогаш Самсон ги фати двата средишни столба на кои стоеше зградата и се опре на нив, на едниот со десната рака, а на другиот со левата. 30  И извика: „Мојата душа нека загине+ со Филистејците!“ Тогаш напна со сета сила и зградата се урна врз кнезовите-сојузници и врз целиот народ што беше во неа.+ Така, додека умираше уби повеќе луѓе отколку што уби додека беше жив.+ 31  Потоа неговите браќа и целиот дом на неговиот татко дојдоа и го зедоа, па го однесоа и го погребаа меѓу Сора+ и Естаол,+ во гробот на неговиот татко Маној.+ Самсон му судеше на Израел дваесет години.+

Фусноти

Или: „тетиви“.
Буквално: „богови“. Оваа именка се однесува на Дагон. Со множината се нагласува величието, а глаголот што стои до неа е во еднина. Види 1Са 5:7; 2Ца 19:37.