Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Онлајн Библија | СВЕТО ПИСМО - ПРЕВОД НОВ СВЕТ

Судиите 15:1-20

15  По некое време, во деновите кога се жнееше пченицата, Самсон отиде да ја посети својата жена и да ѝ однесе јаре.+ И рече: „Сакам да влезам кај својата жена во нејзината соба“.+ Но, татко ѝ не му дозволи да влезе,  туку му рече: „Си помислив: ‚Сигурно ја мразиш‘.+ Затоа му ја дадов на твојот свадбен придружник.+ Не е ли нејзината помлада сестра подобра од неа? Те молам, земи ја наместо неа!“  Но Самсон им рече: „Овој пат нема да им бидам виновен на Филистејците што ќе им нанесам зло“.+  И Самсон отиде, улови триста лисици,+ зеде факли и сврте опашка кон опашка, па стави по еден факел меѓу две опашки, точно во средината.  Тогаш ги запали факлите и ги пушти лисиците во филистејските полиња со неожнеано жито. Така запали сѐ, од сноповите до неожнеаното жито, и лозјата и маслинарниците.+  А Филистејците прашаа: „Кој го направи тоа?“ Тогаш им одговорија: „Самсон, зетот на човекот од Темна, зашто тој ја зеде неговата жена и му ја даде на неговиот свадбен придружник“.+ Тогаш Филистејците отидоа и ги изгореа и неа и нејзиниот татко.+  А Самсон им рече: „Кога така постапивте, не ми преостанува ништо друго освен да ви се одмаздам,+ и тогаш ќе престанам“.  И им нанесе голем пораз, убивајќи ги еден по друг,* а потоа отиде и се насели во пештерата Етам.+  По некое време, дојдоа Филистејците,+ се улогорија во Јуда+ и почнаа да талкаат по подрачјето околу Лехи.+ 10  И синовите на Јуда прашаа: „Зошто излеговте против нас?“ А тие одговорија: „Излеговме за да го врземе Самсон и за да му го направиме истото што тој ни го направи нам“. 11  Тогаш три илјади синови на Јуда се спуштија до пештерата Етам+ и го прашаа Самсон: „Зар не знаеш дека Филистејците владеат над нас?+ Тогаш зошто ни го направи ова?“ А тој им одговори: „Како што тие ми направија мене, така јас им направив ним“.+ 12  Но тие му рекоа: „Дојдовме да те врземе и да те предадеме во рацете на Филистејците“. А Самсон им одврати: „Заколнете ми се дека вие нема да дигнете рака против мене!“ 13  „Не“, му рекоа тие. „Само ќе те врземе и ќе те предадеме во нивни раце. Но сигурно нема да те убиеме.“ Така го врзаа со две нови јажиња+ и го изведоа од пештерата. 14  Штом го здогледаа кога дојде во Лехи, Филистејците почнаа радосно да викаат.+ Тогаш Јеховиниот дух+ дојде врз Самсон и јажињата на неговите раце станаа како ленени конци кога ќе дојдат во допир со оган,+ и паднаа врските од неговите раце. 15  Па најде пресна магарешка челуст, посегна со раката, ја дофати и уби со неа илјада луѓе.+ 16  Тогаш Самсон рече: „Со магарешка челуст убив еден куп, два купа! Со магарешка челуст убив илјада луѓе!“+ 17  Кога го рече тоа, ја фрли челуста од раката и го нарече тоа место Рамат-Лехи.*+ 18  А бидејќи многу ожедне, повика кон Јехова: „Ти го даде ова големо спасение во рацете на својот слуга,+ па зар сега да умрам од жед и да паднам во рацете на необрежаните?“+ 19  Тогаш во Лехи Бог направи еден расцеп, и од него потече вода.+ Кога Самсон се напи, му се врати силата*+ и живна.+ Затоа на тој извор му го даде името Ен-Акоре,* и тој постои во Лехи до ден-денес. 20  И Самсон му судеше дваесет години на Израел во деновите на Филистејците.+

Фусноти

Буквално: „[редејќи] нозе врз бедра“.
„Рамат-Лехи“ значи „височинка на челуста“.
Буквално: „духот“.
„Ен-Акоре“ значи „извор на оној што повикува“.