Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Онлајн Библија | СВЕТО ПИСМО - ПРЕВОД НОВ СВЕТ

Лука 8:1-56

8  Кратко потоа, почна да оди од град во град и од село во село, проповедајќи и објавувајќи ја добрата вест за Божјето царство.+ Со него беа и дванаесеттемина  и некои жени,+ кои беа излекувани од зли духови и од болести: Марија наречена Магдалена, од која беа излегле седум демони,+  потоа Јоана,+ жената на Хуза, Иродовиот настојник, и Сусана, и многу други жени, кои им служеа со она што го имаа.  Кога се собра многу народ, заедно со луѓето што дојдоа кај него од многу градови, тој им рече во една споредба:+  „Еден сејач излезе да сее семе. Додека сееше, дел од семето падна покрај патот, и беше изгазено и птиците небесни го исколваа.+  Друг дел падна на каменито место, но кога никна, се исуши, зашто немаше влага.+  А дел падна меѓу трња, и трњата нараснаа со него и го задушија.+  А дел падна на добра земја и, откако никна, донесе стократен плод“.+ Кога го рече тоа, извика: „Кој има уши да слуша, нека слуша!“+  Неговите ученици го прашаа што значи таа споредба.+ 10  Тој одговори: „Вам ви е дадено да ги разберете светите тајни на царството Божје, а на останатите им се зборува во споредби,+ за да гледаат, а да не видат, и да слушаат, а да не разберат.+ 11  А споредбата+ значи ова: семето е речта Божја.+ 12  Тоа што паднало покрај патот се оние што слушаат,+ но потоа доаѓа Ѓаволот+ и ја одзема речта од нивните срца за да не веруваат и да не бидат спасени.+ 13  Она на каменито место се тие што радосно ја прифаќаат речта кога ќе ја чујат, но немаат корен. Веруваат некое време, но во време на искушение отпаѓаат.+ 14  А она што паднало меѓу трња, тоа се оние што слушаат, но бидејќи се одвлечени од грижите, од богатството и од задоволствата+ на овој живот, се задушуваат и не донесуваат зрел плод.+ 15  А она што е на добра земја, тоа се оние што ја слушаат речта со чисто и добро срце,+ па ја задржуваат и истрајно донесуваат плод.+ 16  Никој не пали светилка за да ја покрие со сад или за да ја стави под кревет, туку ја става на светилник за да ја видат светлината оние што влегуваат.+ 17  Зашто, нема ништо тајно+ што нема да се открие, и нема ништо скриено што нема да се дознае и да излезе на видело.+ 18  Затоа, внимавајте како слушате, зашто, на оној што има, уште ќе му се даде,+ а на оној што нема, ќе му се одземе и она што мисли дека го има“.+ 19  А кај него дојдоа мајка му и неговите браќа,+ но поради мноштвото не можеа да пријдат.+ 20  Тогаш некој му јави: „Мајка ти и твоите браќа стојат надвор и сакаат да те видат“.+ 21  Тој им одговори: „Моја мајка и мои браќа се овие што ја слушаат речта Божја и ја извршуваат“.+ 22  Еден ден тој и неговите ученици влегоа во чамец. И им рече: „Да преминеме на другата страна од езерото!“ И така отпловија.+ 23  Додека пловеа, тој заспа. Тогаш над езерото се спушти силен бурен ветар и чамецот почна да се полни со вода, па беа во опасност.+ 24  Тогаш му пријдоа и го разбудија, велејќи: „Учителе, учителе, ќе загинеме!“+ Тој стана, им се закани+ на ветрот и на разбеснетата вода, и тие стивнаа, па настапи тишина. 25  Тогаш им рече: „Каде ви е верата?“ А тие се исплашија и зачудено се прашуваа еден со друг: „Кој ли е овој што им заповеда и на ветровите и на водата, и тие го слушаат?“+ 26  И допловија во герасинскиот крај, кој е спроти Галилеја.+ 27  Кога излезе на копно, го сретна еден човек од градот, кој беше обземен од демони. Веќе подолго време не носеше облека и не живееше во куќа, туку на гробишта.+ 28  Кога го здогледа Исус, крикна и падна ничкум пред него, па извика на цел глас: „Што имам јас со тебе,+ Исусе, Сине на Севишниот Бог? Те молам, не мачи ме!“+ 29  (Зашто, Исус му заповеда на нечистиот дух да излезе од човекот. Имено, демонот веќе долго време имаше власт над него+ и, иако човекот го врзуваа со синџири и го чуваа во окови, тој ги кинеше оковите и демонот го тераше да оди во пуст крај.) 30  Исус го праша: „Како ти е името?“ Тој одговори: „Легија“,* бидејќи во него беа влегле многу демони.+ 31  И го молеа+ да не им заповеда да одат во бездната.+ 32  А таму на ридот пасеа голем булук свињи.+ И го преколнуваа да им дозволи да влезат во нив.+ И тој им дозволи. 33  Тогаш демоните излегоа од човекот и влегоа во свињите, а булукот јурна во езерото преку стрмната карпа и се удави.+ 34  А кога видоа што се случи, свињарите побегнаа и го разнесоа гласот за тоа по градот и по околината.+ 35  Тогаш луѓето излегоа да видат што се случило. Дојдоа кај Исус и го најдоа човекот од кого беа излегле демоните како седи до Исусовите нозе облечен и со здрав ум. И се исплашија.+ 36  А очевидците им раскажаа како беше оздравен човекот обземен од демони.+ 37  Затоа сиот народ од герасинската околина го замоли да си оди откај нив, зашто ги беше обзел голем страв.+ Тогаш влезе во чамецот и се врати. 38  А човекот од кого излегоа демоните го молеше да му дозволи да го земе со него, но тој го отпушти, велејќи му:+ 39  „Врати се дома и раскажувај им на сите што ти направи Бог!“+ И човекот замина, објавувајќи по целиот град што му направи Исус.+ 40  Кога Исус се врати, народот љубезно го прими, зашто сите го очекуваа.+ 41  И гледај, дојде еден човек по име Јаир, кој беше настојник на синагогата. Се фрли пред нозете на Исус и почна сесрдно да го моли да влезе во неговата куќа,+ 42  бидејќи имаше ќерка единица на околу дванаесет години, која беше на умирање.+ Додека тој одеше, мноштво луѓе се туркаа околу него.+ 43  А една жена дванаесет години страдаше од крвавење+ и никој не можеше да ја излекува.+ 44  Таа му пријде одзади и го допре работ+ на неговата облека,+ и крвавењето веднаш ѝ престана.+ 45  А Исус праша: „Кој ме допре?“+ Бидејќи сите го одрекуваа тоа, Петар рече: „Учителе, мноштвото те турка и те притиска“.+ 46  Но Исус рече: „Некој ме допре, бидејќи осетив дека од мене излезе+ сила“.+ 47  Кога виде дека не може да се крие, жената дојде треперејќи, се фрли пред него, па пред целиот народ раскажа зошто го допрела и дека веднаш оздравела.+ 48  А тој ѝ рече: „Ќерко, твојата вера те оздраве.+ Оди си во мир!“+ 49  Додека уште зборуваше, дојде некој од домот на настојникот на синагогата и рече: „Ќерка ти умре, не мачи го повеќе учителот!“+ 50  Кога го чу тоа, Исус му рече: „Не плаши се! Само верувај,+ и таа ќе биде спасена!“ 51  Кога дојде во куќата, не му дозволи никому да влезе со него, освен на Петар, Јован и Јаков, како и на таткото и мајката на девојчето.+ 52  А сите плачеа за неа и ја оплакуваа. Тогаш Исус рече: „Не плачете,+ зашто таа не е умрена, туку спие!“+ 53  Но тие му се потсмеваа, бидејќи знаеја дека е умрена.+ 54  А тој ја зеде за рака и извика: „Девојко, стани!“+ 55  И таа повторно оживеа*+ и веднаш стана,+ а тој заповеда да ѝ дадат да јаде.+ 56  Нејзините родители беа избезумени од радост, но тој им заповеда никому да не кажуваат што се случило.+

Фусноти

Види ја фуснотата за Мт 26:53.
Буквално: „И ѝ се врати духот“.