Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Онлајн Библија | СВЕТО ПИСМО - ПРЕВОД НОВ СВЕТ

Исус Навин 4:1-24

4  А кога целиот народ го премина Јордан,+ Јехова му рече на Исус Навин:  „Доведете од народот дванаесет луѓе, по еден човек од секое племе,+  и вака заповедајте им: ‚Земете од средината на Јордан, од местото на кое стојат нозете на свештениците,+ дванаесет камења,+ па понесете ги со себе и оставете ги на местото каде што ќе преноќевате ноќеска!‘ “+  И Исус Навин повика дванаесет луѓе,+ кои ги одреди меѓу Израеловите синови, по еден човек од секое племе.  Ним Исус Навин им рече: „Одете пред ковчегот на Јехова, својот Бог, до средината на Јордан, и земете си на рамо по еден камен, според бројот на племињата на Израеловите синови,  за да бидат знак меѓу вас!+ Ако вашите синови еден ден ве прашаат: ‚Што ви значат овие камења?‘+  — речете им: ‚Поставени се затоа што водата на Јордан престана да тече пред ковчегот на Јеховиниот сојуз.+ Кога го преминуваше Јордан, водата на Јордан престана да тече, а овие камења се траен спомен за синовите на Израел‘ “.+  И синовите на Израел направија така како што им заповеда Исус Навин, и зедоа дванаесет камења од средината на Јордан, како што му рече Јехова на Исус Навин, според бројот на племињата на Израеловите синови,+ па ги однесоа на местото на кое преноќеваа+ и таму ги положија.  А други дванаесет камења Исус Навин постави среде Јордан на местото каде што стоеја нозете на свештениците+ кои го носеа ковчегот на сојузот. Таму се наоѓаат до ден-денес. 10  И така свештениците што го носеа ковчегот стоеја среде+ Јордан додека не се изврши сето она што Јехова му заповеда на Исус Навин да му го пренесе на народот, токму како што Мојсеј му беше заповедал на Исус Навин.+ А народот преминуваше брзо.+ 11  И кога премина целиот народ, тогаш преминаа и свештениците со Јеховиниот ковчег,+ а народот го гледаше тоа. 12  А синовите на Рувим, синовите на Гад и половина од племето на Манасија+ преминаа наредени во борбени редови+ пред очите на Израеловите синови, како што им нареди Мојсеј.+ 13  Околу четириесет илјади луѓе опремени за бој преминаа пред Јехова за да војуваат на пустата рамница кај Ерихон. 14  Во тој ден Јехова го возвиши Исус Навин во очите на сите Израелци,+ и тие почнаа да се бојат од него, како што се боеја и од Мојсеј во сите денови на неговиот живот.+ 15  Тогаш Јехова му рече на Исус Навин: 16  „Заповедај им на свештениците што го носат ковчегот на сведоштвото+ да излезат од Јордан!“ 17  И Исус Навин им заповеда на свештениците: „Излезете од Јордан!“ 18  И кога свештениците што го носеа ковчегот+ на Јеховиниот сојуз излегоа од среде Јордан, и кога со нозете+ застанаа на суво, водата во Јордан почна да се враќа на своето место и се прелеа+ насекаде како и порано преку бреговите. 19  Народот излезе од Јордан на десеттиот ден од првиот месец и се улогори во Гилгал,+ источно од Ерихон. 20  А оние дванаесет камења, кои ги зедоа од Јордан, Исус Навин ги постави во Гилгал.+ 21  А на Израеловите синови им рече: „Еден ден, кога вашите синови ќе ги прашаат своите татковци: ‚Што значат овие камења?‘+ 22  — поучете ги своите синови и речете им: ‚Израел го премина овој Јордан по суво,+ 23  кога Јехова, вашиот Бог, ја исуши пред нив водата во Јордан сѐ додека не го преминаа, како што Јехова, вашиот Бог, направи и со Црвеното Море, кога го исуши пред нив додека не го преминаа,+ 24  за да знаат сите народи на земјата колку е моќна+ Јеховината рака,+ а вие самите да се боите секогаш од Јехова, својот Бог‘ “.+

Фусноти