Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Онлајн Библија | СВЕТО ПИСМО - ПРЕВОД НОВ СВЕТ

Езекиел 33:1-33

33  И ми дојде Јеховината реч:  „Сине човечки, зборувај им на синовите на својот народ+ и речи им: ‚Кога против некоја земја ќе испратам меч,+ а народот на таа земја* сложно одреди човек и го постави за свој стражар,+  и кога тој ќе види дека доаѓа меч против земјата, па затруби во рог и го предупреди народот,+  но оној што го слуша звукот на рогот не го послуша предупредувањето,+ па дојде мечот и го погуби, неговата крв ќе падне на негова глава.+  Го чул звукот на рогот, но не го послушал предупредувањето. Неговата крв ќе падне на него. Да го послушал предупредувањето, ќе ја избавел својата душа.+  А ако стражарот види дека доаѓа мечот, но не затруби во рог+ и не го предупреди народот, па дојде мечот и погуби некоја душа меѓу нив, таа ќе умре поради својот престап,+ но нејзината крв ќе ја барам од раката на стражарот‘.+  Тебе, сине човечки, те поставив за стражар на домот на Израел.+ Слушај ја речта од мојата уста и опоменувај ги во мое име!+  Кога ќе му речам на злиот: ‚Злосторнику, ќе умреш!‘+ — а ти не проговориш и не го опоменеш злосторникот за да го одвратиш од неговиот пат,+ тој ќе умре поради својот престап, бидејќи прави зло,+ но неговата крв ќе ја барам од твојата рака.  Но, ако го опоменеш злиот да се одврати од својот пат, а тој не се одврати од него, тој ќе умре поради својот престап,+ а ти ќе ја избавиш својата душа.+ 10  Затоа, сине човечки, речи му на домот на Израел: ‚Вие велите: „Нашите престапи* и нашите гревови лежат врз нас и гниеме во нив,+ како тогаш ќе останеме живи?“ ‘+ 11  Речи им: ‚„Како што сум жив јас“, вели Севишниот Господар Јехова, „не ми е мило да умре злосторникот,+ туку злосторникот да се одврати+ од својот пат и да остане жив.+ Одвратете се, одвратете се од своите зли патишта!+ Зошто да умрете, доме Израелов?“ ‘+ 12  Сине човечки, речи им на синовите на својот народ: ‚Праведникот нема да го избави неговата праведност во денот кога ќе згреши,*+ ниту злосторникот ќе страда поради својата злоба во денот кога ќе се одврати од својата злоба,+ како што ни праведникот нема да остане жив поради својата праведност во денот кога ќе згреши.+ 13  Кога ќе му речам на праведникот: „Ќе живееш“, а тој почне да се надева на својата праведност и почне да постапува неправедно,+ ќе се заборават сите негови праведни дела, па ќе умре поради неправдата што ја направил.+ 14  А кога ќе му речам на злиот: „Ќе умреш“,+ а тој се одврати од својот грев+ и почне да го прави она што е справедливо и праведно,+ 15  па го врати она што го зел во залог,+ го плати она што го ограбил+ и почне да живее* според одредбите што значат живот и не постапува неправедно,+ ќе остане жив.+ Нема да умре. 16  Сите гревови што ги направил ќе му бидат заборавени+ зашто сега го прави она што е справедливо и праведно. Затоа ќе остане жив‘.+ 17  А синовите на твојот народ велат: ‚Јеховиниот пат не е прав‘,+ но нивниот пат е тој што не е прав. 18  Ако праведникот се одврати од својата праведност и почне да постапува неправедно, ќе умре поради тоа.+ 19  А ако злосторникот се одврати од своето зло и почне да го прави тоа што е право и праведно, ќе остане жив поради тоа.+ 20  А вие велите: ‚Јеховиниот пат не е прав‘.+ Секому од вас ќе му судам според неговите патишта,+ доме Израелов“. 21  Во дванаесеттата година од нашето изгнанство, во десеттиот месец, на петтиот ден од тој месец, кај мене дојде бегалец од Ерусалим+ и рече: „Градот падна!“+ 22  А Јеховината рака се спушти врз мене вечерта пред да дојде бегалецот,+ и Бог ми ја отвори устата пред да дојде тој кај мене изутрината. И така ми се отвори устата, па повеќе не бев нем.+ 23  И ми дојде Јеховината реч: 24  „Сине човечки, оние што живеат во тие опустошени места,+ за земјата Израел велат: ‚Авраам беше сам, па ја зазеде оваа земја,+ а ние сме многу — нам ни е дадена во сопственост оваа земја‘.+ 25  Затоа, речи им: ‚Вака вели Севишниот Господар Јехова: „Вие јадете месо со крв+ и ги подигате очите кон своите одвратни идоли*+ и пролевате крв.+ Како може да ја поседувате оваа земја?+ 26  Се потпирате на својот меч.+ Правите гнасотии+ и секој ја обесчестува жената на својот ближен.+ Како може да ја имате во сопственост оваа земја?“ ‘+ 27  Речи им: ‚Вака вели Севишниот Господар Јехова: „Како што сум жив јас, оние што живеат во опустошените места ќе паднат од меч,+ оној што е во полето ќе им го дадам за храна на ѕверовите,+ а оние што се во тврдините и во пештерите,+ ќе изумрат од помор. 28  Оваа земја ќе ја претворам во пустош,+ во пустина, и ќе исчезнат гордоста и нејзината сила+ и ќе опустат планините на Израел,+ па никој нема да поминува низ нив. 29  И тогаш ќе знаат дека јас сум Јехова, кога ќе ја претворам земјата во пустош,+ во пустина, поради сите гнасотии што ги направија“ ‘.+ 30  А за тебе, сине човечки, синовите на твојот народ си раскажуваат еден на друг, покрај ѕидовите и на куќните порти,+ си раскажуваат еден на друг, секој на својот брат, велејќи: ‚Дојдете, ве молам, да слушнеме каква реч дошла од Јехова!‘+ 31  И доаѓаат кај тебе како на народен собир, па седнуваат пред тебе како мој народ+ и ги слушаат твоите зборови, ама не ги извршуваат,+ бидејќи со своите усти зборуваат за своите сладострасни желби и нивното срце оди по неправедна добивка.+ 32  И гледај, ти си им како љубовна песна, како пејач со убав глас, кој добро свири на жици.+ Ги слушаат твоите зборови, но никој од нив не ги извршува.+ 33  А кога сето тоа ќе се исполни — а ќе се исполни+ — тогаш ќе знаат дека меѓу нив имало пророк“.+

Фусноти

„Народот од (...) земја“ — хебрејски: ам хаарец. Тој израз подоцна почнал да се користи во погрдна смисла. Спореди Јвн 7:47⁠-49.
Или: „бунтови; бунтовнички престапи“.
Или: „во денот кога ќе се побуни; во денот кога ќе направи бунтовнички престап“.
Буквално: „оди“.
Или: „лепешкави идоли“.