Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Онлајн Библија | СВЕТО ПИСМО - ПРЕВОД НОВ СВЕТ

Езекиел 32:1-32

32  Во дванаесеттата година, во дванаесеттиот месец, на првиот ден од тој месец, ми дојде Јеховината реч:  „Сине човечки, запеј тажачка за фараонот, царот на Египет, и речи му: ‚Иако беше како лав меѓу народите, пропадна!*+ Ти беше како чудовиште во морето,+ трчаше по своите реки, ја матеше водата со нозете и им ги валкаше реките‘.  Вака вели Севишниот Господар Јехова: ‚Ќе распнам мрежа над тебе+ со помош на многу народи, и тие ќе те уловат во мојата мрежа.+  Ќе те оставам на земјата. Ќе те фрлам во полето.+ Ќе ги пуштам сите небесни птици да слетаат на тебе и ќе ги наситам со тебе ѕверовите од целата земја.+  Твоето месо ќе го расфрлам по планините и ќе ги наполнам долините со твоите останки.+  Ќе ја напојам земјата со твојата крв,+ која ќе потече од тебе по планините, и речните корита ќе се наполнат со твоите останки‘.  ‚А кога ќе угаснеш, ќе ги покријам небесата и ќе ги помрачам нивните ѕвезди. Сонцето ќе го прекријам со облаци и месечината повеќе нема да свети со својата светлина.+  Сите извори на светлина на небото ќе ги помрачам поради тебе и ќе распрострам темнина на твојата земја‘, вели Севишниот Господар Јехова.  ‚Ќе ги вознемирам срцата на многу народи кога ќе го одведам твојот заробен народ меѓу народите, во земји што не ги знаеш.+ 10  Ќе заплашам многу народи со тебе,+ и нивните цареви ќе треперат од страв поради тебе кога ќе замавнам со својот меч накај нивните лица,+ па ќе треперат непрестајно, секој за својата душа, во денот на твојата пропаст.‘+ 11  Зашто, вака вели Севишниот Господар Јехова: ‚Мечот на вавилонскиот цар ќе дојде против тебе.+ 12  Твоето мноштво ќе го погубам со мечевите на сите јунаци кои угнетуваат народи.+ Тие ќе ја опустошат гордоста на Египет и ќе го истребат сето негово мноштво.+ 13  И ќе ја убијам сета негова стока што е покрај многуте води,+ па повеќе нема да ги мати ниту човечка нога+ ниту животинско копито‘. 14  ‚Тогаш ќе ги разбистрам нивните води и ќе направам нивните реки да течат како масло‘, вели Севишниот Господар Јехова. 15  ‚Кога ќе ја опустошам египетската земја, кога ќе исчезне сѐ што е во неа,+ кога ќе ги погубам сите нејзини жители, тогаш ќе знаат дека јас сум Јехова.+ 16  Ова е тажачка што ќе се пее. Жените од народите ќе ја пеат, ќе ја пеат над Египет и над целото негово мноштво‘,+ вели Севишниот Господар Јехова“. 17  Во дванаесеттата година, на петнаесеттиот ден од тој месец,* ми дојде Јеховината реч: 18  „Сине човечки, тажи над египетското мноштво и кутни го+ него и другите моќни народи во подземните предели,+ со оние што заминуваат во јамата.+ 19  ‚Од кого си поубав?+ Оди во јамата и почини со необрежаните!‘+ 20  ‚Египќаните ќе паднат меѓу оние што се погубени со меч.+ Египет е предаден на меч. Одвлечете ги него и сето негово мноштво! 21  Најголемите јунаци ќе зборуваат од гробот,* со него и со неговите помагачи.+ В гроб ќе одат Египќаните,+ ќе исполегнат како необрежани, погубени со меч. 22  Таму е Асирија и сето нејзино мноштво.+ Гробовите на нејзините луѓе се насекаде околу нивниот цар. Сите се погубени, покосени со меч.+ 23  Зашто, нејзиниот гроб лежи на дното од јамата,+ а нејзиното мноштво лежи насекаде врз нејзините урнатини — сите се погубени, покосени со меч, бидејќи сееја страв во земјата на живите. 24  Таму се Елам+ и сето негово мноштво, насекаде врз неговите урнатити — сите се погубени, покосени со меч. Како необрежани отидоа во подземните краишта, а некогаш сееја страв во земјата на живите. И ќе го носат својот срам заедно со оние што заминуваат во јамата.+ 25  Среде погубените му наместија одар+ меѓу сето негово мноштво. Гробовите на неговиот народ се насекаде околу неговиот одар. Сите тие се необрежани, покосени со меч,+ бидејќи сееја страв во земјата на живите. И ќе го носат својот срам заедно со оние што заминуваат во јамата. Положен е меѓу погубените. 26  Таму се Месек+ и Тувал+ и сето нивно мноштво. Гробовите на нивните народи се насекаде околу нивните цареви. Сите тие се необрежани, покосени со меч, бидејќи сееја страв во земјата на живите. 27  Зарем нема да лежат со јунаците+ што паднаа како необрежани, кои отидоа во гробот* со своето оружје? И нивните мечеви ќе им ги стават под глава, а нивните престапи ќе бидат на нивните коски,+ бидејќи јунаците сееја страв во земјата на живите.+ 28  А ти ќе бидеш сотрен среде необрежаните и ќе лежиш со оние што се погубени со меч. 29  Таму е Едом,+ неговите цареви и сите негови поглавари кои, и покрај своето јунаштво, се положени меѓу оние што се погубени со меч.+ Тие ќе лежат со необрежаните+ и со оние што заминуваат во јамата. 30  Таму се сите кнезови од север и сите Сидонци,+ кои отидоа посрамени меѓу погубените, иако беа страшни поради своето јунаштво. Тие ќе лежат необрежани со оние што се погубени со меч и ќе го носат својот срам заедно со оние што заминуваат во јамата.+ 31  Фараонот ќе ги види нив и ќе се утеши поради сето свое мноштво.+ Фараонот и сета негова војска ќе бидат погубени со меч‘, вели Севишниот Господар Јехова. 32  ‚Зашто, фараонот и сето негово мноштво сееја страв во земјата на живите,+ затоа ќе лежат меѓу необрежаните, со оние што се погубени со меч‘, вели Севишниот Господар Јехова“.

Фусноти

Буквално: „замолчен си“.
Веројатно станувало збор за дванаесеттиот месец. Види го 1. стих.
Буквално: „шеолот“.
Буквално: „шеолот“.