Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Онлајн Библија | СВЕТО ПИСМО - ПРЕВОД НОВ СВЕТ

Дела на апостолите 26:1-32

26  Тогаш Агрипа+ му рече на Павле: „Дозволено ти е да зборуваш во своја корист!“ Тогаш Павле ја испружи раката+ и почна да зборува во своја одбрана:+  „Царе Агрипа, се сметам за среќен што можам денес да се бранам пред тебе од сето она за кое ме обвинуваат+ Евреите,  особено затоа што добро ги познаваш сите обичаи+ и расправии меѓу Евреите. Затоа те молам стрпливо да ме сослушаш.  Значи, сите Евреи знаат каков живот водев+ меѓу својот народ и во Ерусалим од најрана младост.  Одамна ме познаваат и можат да посведочат, само доколку сакаат, дека живеев како фарисеј+ според најстрогата секта+ на нашата вера.  А сега стојам пред суд поради надежта+ во ветувањето+ што Бог им го даде на нашите прататковци,  иако на исполнувањето на тоа ветување се надеваат нашите дванаесет племиња, сесрдно служејќи му на Бог* ден и ноќ.+ Поради таа надеж, царе, ме обвинуваат+ Евреите.  Зошто сметате дека е неверојатно Бог да ги воскреснува мртвите?+  И јас некогаш мислев дека треба со сите сили да се борам против името на Исус Назареќанецот. 10  Тоа и го правев во Ерусалим: многу од светите фрлав во затвори,+ бидејќи добив овластување од главните свештеници,+ и кога требаше да бидат погубени, јас го дадов својот глас за тоа. 11  И често ги казнував по сите синагоги,+ обидувајќи се да ги присилам на тој начин да се одречат од верата. И бев толку бесен на нив што ги прогонував дури и во оддалечените градови. 12  Додека со таа иста задача патував за Дамаск,+ со овластување и со налог од главните свештеници, 13  напладне видов на патот, царе, како мене и оние што патуваа со мене нѐ осветли од небото светлина посјајна од сонцето.+ 14  Кога сите испопаѓавме наземи, чув глас како ми зборува на хебрејски јазик: ‚Савле, Савле, зошто ме прогонуваш? Тешко ти е да му се противиш на остенот!‘+ 15  А јас одговорив: ‚Кој си ти, Господару?‘ Господарот* рече: ‚Јас сум Исус, кого ти го прогонуваш.+ 16  Туку, стани и застани на нозе!+ Зашто, ти се појавив за да те изберам за слуга и сведок,+ за да го објавуваш она што го виде и она што ќе ти го покажам во врска со мене. 17  Ќе те избавувам од овој народ и од незнабошците, кај кои те праќам,+ 18  за да им ги отвориш очите,+ да ги преобратиш од темнината+ кон светлината+ и од власта на Сатана+ кон Бог, со цел, поради својата вера во мене, да примат простување на гревовите+ и наследство+ меѓу оние што се посветени‘.+ 19  Затоа, царе Агрипа, не му бев непослушен на небесното видение,+ 20  туку најпрво на оние во Дамаск,+ а потоа и на оние во Ерусалим+ и по целата земја Јудеја и на незнабошците+ им ја донесував пораката да се покаат и да се преобратат кон Бог, правејќи дела кои одговараат на покајанието.*+ 21  Поради тоа Евреите ме фатија во храмот и се обидоа да ме убијат.+ 22  Но, бидејќи добив помош+ од Бог, до ден-денес им сведочам и на мали и на големи, не зборувајќи ништо друго освен она што го рекле Пророците+ и Мојсеј+ дека ќе се случи: 23  дека Христос* ќе страда+ и дека, како прв кој ќе воскресне+ од мртвите, ќе им објави светлина+ и на овој народ и на незнабошците“.+ 24  Додека тој така зборуваше во своја одбрана, Фест извика: „Полудуваш,+ Павле! Големата ученост те доведува до лудило!“ 25  А Павле одговори: „Не полудувам, возвишен Фесте, туку кажувам зборови на вистината и на здравиот разум. 26  Царот, кому слободно му се обраќам, знае за сето тоа и уверен сум дека ништо од тоа не му е непознато, бидејќи тоа не се случувало во некое зафрлено катче.+ 27  Им веруваш ли, царе Агрипа, на Пророците? Знам дека им веруваш!“+ 28  А Агрипа му одговори на Павле: „Уште малку, па ќе ме убедиш да станам христијанин!“ 29  Тогаш Павле рече: „Го молам Бог не само ти туку и сите оние што денес ме слушаат да бидат порано или подоцна вакви каков што сум и јас — но без овие окови“. 30  Тогаш стана царот, а со него и управителот, Верника и оние што седеа со нив. 31  Додека заминуваа, меѓусебно си велеа: „Овој човек не прави ништо со кое би заслужил смрт+ или окови“. 32  Освен тоа, Агрипа му рече на Фест: „Овој човек би можел да биде пуштен да не посакаше да се жали пред цезарот“.+

Фусноти

Или: „вршејќи му света служба“.
Види го додатокот 11.
Буквално: „промената на умот (на начинот на размислување)“.
Или: „Помазаникот, Месијата“. Види ја фуснотата за Мт 2:4.