Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Онлајн Библија | СВЕТО ПИСМО - ПРЕВОД НОВ СВЕТ

Дела на апостолите 25:1-27

25  А по три дена откако ја презеде власта+ во провинцијата,* Фест отиде од Цезареја во Ерусалим.+  Таму главните свештеници и водечките Евреи му изнесоа обвиненија+ против Павле. И почнаа да го молат  и да бараат, на штета на Павле, да им направи услуга и да го испрати во Ерусалим, бидејќи подготвуваа заседа+ за да го убијат по патот.  Но Фест одговори дека Павле треба да остане во затворот во Цезареја и дека наскоро и тој ќе отиде таму.  „Затоа, водечките луѓе меѓу вас“, рече тој, „нека појдат со мене и нека го тужат,+ ако е тој човек виновен за нешто.“  Откако остана меѓу нив најмногу осум до десет дена, дојде во Цезареја. Утредента седна на судиската столица+ и заповеда да го доведат Павле.  Кога тој стигна, го опколија Евреите што дојдоа од Ерусалим и изнесоа против него многубројни и тешки обвиненија,+ кои не можеа да ги докажат.  А Павле во своја одбрана рече: „Не сум згрешил+ ниту против еврејскиот Закон, ниту против храмот,+ ниту против цезарот“.  А Фест, сакајќи да им угоди+ на Евреите, му одговори на Павле: „Сакаш ли да одиш во Ерусалим за таму да ти се суди за тоа пред мене?“+ 10  Павле одговори: „Стојам пред цезаревата судиска столица,+ овде треба да ми се суди. Ништо не сум им згрешил на Евреите,+ како што и самиот добро гледаш. 11  Ако сум навистина злосторник+ и ако сум сторил нешто што заслужува смрт,+ не барам да бидам поштеден од смртта. Но, ако сите тие обвиненија што овие ги изнесуваат против мене се неосновани, никој не може да ме предаде на нив само за да им угоди со тоа. Ќе се жалам пред цезарот!“+ 12  Тогаш Фест се посоветува со своите советници, па одговори: „Ако сакаш да се жалиш пред цезарот, ќе одиш пред цезарот!“ 13  Неколку дена подоцна, царот Агрипа* и Верника стигнаа во Цезареја за да го поздрават Фест. 14  А поради тоа што таму поминаа повеќе денови, Фест му раскажа на царот за Павле, велејќи: „Има еден човек кого Феликс го остави в затвор. 15  Кога бев во Ерусалим, главните свештеници и еврејските старешини изнесоа обвиненија+ против него, барајќи да го осудам. 16  А јас им одговорив дека кај Римјаните не е обичај да се предаде некој човек само за да му се угоди некому, пред обвинетиот да се соочи со обвинителите+ и да добие можност да се брани од обвинението. 17  Затоа, кога се собраа овде, ни најмалку не се колебав, туку утредента седнав на судиската столица и заповедав да го доведат тој човек. 18  Кога пристапија обвинителите, не го обвинија+ за никакво злодело какво што очекував јас, 19  туку со него имаа некакви спорови околу нивните верувања+ и околу некојси Исус кој умрел, а за кого Павле тврди дека е жив.+ 20  Бидејќи не можев да се снајдам во таквиот спор, го прашав дали би сакал да оди во Ерусалим да му се суди таму за тоа.+ 21  Но кога Павле побара+ да остане во затворот до одлуката на Неговото Височество,* заповедав да го чуваат в затвор додека не го испратам кај цезарот“. 22  Тогаш Агрипа му рече на Фест: „И јас би сакал да го чујам тој човек“.+ А тој рече: „Утре ќе го чуеш“. 23  Така утредента Агрипа и Верника дојдоа со голем раскош+ и влегоа во салата заедно со илјаданачалниците и со угледните луѓе од тој град. По заповед на Фест, го доведоа Павле. 24  Тогаш Фест рече: „Царе Агрипа и сите вие што сте овде со нас! Погледнете го овој човек поради кого ми се обрати цело мноштво Евреи и во Ерусалим и овде, викајќи дека тој не смее повеќе да живее.+ 25  Но јас установив дека не направил ништо што заслужува смрт.+ Кога тој посака да се жали+ пред Неговото Височество, решив да го испратам кај него. 26  Но немам ништо одредено да му напишам на мојот Господар во врска со него. Затоа го изведов пред вас, а посебно пред тебе, царе Агрипа, за да имам што да напишам по оваа истрага.+ 27  Зашто, ми изгледа неразумно да испратам затвореник, а да не ги наведам обвиненијата против него“.

Фусноти

Односно во Јудеја. Во градот Цезареја се наоѓало седиштето на управителот.
Ирод Агрипа II.
Или: „Август“. Титула која прв ја носел цезарот Октавијан. Овде се однесува на цезарот Нерон, четвртиот цезар по Октавијан.