Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Онлајн Библија | СВЕТО ПИСМО - ПРЕВОД НОВ СВЕТ

Дела на апостолите 17:1-34

17  Поминувајќи низ Амфипол и Аполонија, стигнаа во Солун,+ каде што имаше еврејска синагога.  Павле, по својот обичај,+ влезе кај нив. И три саботи* расправаше со нив на темел на Писмата,+  објаснувајќи и докажувајќи со она што е напишано дека Христос* требаше да страда+ и да стане од мртвите.+ И велеше: „Овој Исус, кого јас ви го објавувам — тој е Христос“.+  Затоа некои од нив станаа верници+ и им се придружија на Павле и на Сила,+ а исто така и големо мноштво Грци кои го почитуваа Бог, како и голем број угледни жени.  А Евреите станаа љубоморни,+ па поведоа со себе некои опаки безделници и собраа толпа, па го подбуцнаа градот.+ И се нафрлија на Јасоновата+ куќа, барајќи да ги изведат Павле и Сила пред толпата.  А кога не ги најдоа, ги одвлечкаа Јасон и некои браќа пред градските поглавари, викајќи: „Овие луѓе, кои го побунија+ целиот свет,* дојдоа и овде,  а Јасон ги нагости. Сите тие постапуваат спротивно на цезаровите одредби,+ велејќи дека имало друг цар+ — Исус“.  Со тоа успеаја да го растревожат народот и градските поглавари кои го чуја тоа,  а тие зедоа од Јасон и од останатите пари во залог, па ги пуштија. 10  Штом падна ноќта,+ браќата ги испратија Павле и Сила во Верија. Кога стигнаа таму, отидоа во еврејската синагога. 11  А овие Евреи беа поблагородни од оние во Солун, зашто многу горливо* ја примија речта и секој ден ги истражуваа+ Писмата+ за да видат дали е тоа така.+ 12  И мнозина од нив станаа верници, а исто така и голем број угледни+ Гркинки и Грци. 13  А кога Евреите од Солун дознаа дека Павле ја објавува Божјата реч и во Верија, отидоа и таму да го подбуцнат+ и да го растревожат+ народот. 14  Тогаш браќата набрзина го испратија Павле кон морето,+ а Сила и Тимотеј останаа таму. 15  Придружниците го доведоа Павле дури до Атина, а потоа се вратија носејќи им заповед на Сила и на Тимотеј+ да дојдат кај него колку што е можно поскоро. 16  Додека ги чекаше во Атина, Павле се вознемири*+ кога виде дека градот е полн со идоли. 17  И расправаше во синагогата со Евреите+ и со другите луѓе кои го почитуваа Бог, а и на плоштадот+ расправаше секој ден со оние што ќе се затечеа таму. 18  А некои од епикурејските и стоичките филозофи+ почнаа да му противречат. Едни велеа: „Што сака да каже овој дрдорко?“+ А други: „Изгледа дека објавува некакви туѓи богови“. Тоа го велеа затоа што ја објавуваше добрата вест за Исус и за воскресението.+ 19  Тогаш го фатија и го одведоа на Ареопагот,* велејќи: „Можеме ли да знаеме какво е тоа ново учење+ за кое зборуваш? 20  Зашто, ни ги полниш ушите со некакви чудни тврдења. Затоа сакаме да знаеме што е тоа“.+ 21  Всушност, никој од Атињаните и од странците што престојуваа таму не го трошеше слободното време за нешто друго, освен за да каже или да чуе нешто ново. 22  Тогаш Павле застана среде Ареопагот+ и рече: „Луѓе Атињани, гледам дека вие сте во сѐ некако попобожни*+ од другите. 23  Имено, додека минував и го набљудував она што вие го почитувате, најдов и жртвеник со натпис: ‚На непознатиот Бог‘. Значи, она што вие го почитувате, а не го познавате, тоа јас ви го објавувам. 24  Богот кој го создаде светот и сѐ што е на него, тој, Господарот на небото и на земјата,+ не живее во храмови направени со раце,+ 25  ниту го послужуваат човечки раце, небаре тој има потреба од нешто,+ бидејќи тој самиот им дава на сите живот+ и здив+ и сѐ. 26  И од еден човек+ го направи целиот човечки род+ за да живее по целото лице на земјата,+ и ги одреди времињата+ и ги постави границите на нивното живеење,+ 27  за да го бараат Бог,+ и некако да го напипаат и да го најдат,+ иако не е далеку од никого од нас. 28  Зашто, преку него имаме живот и се движиме и постоиме,+ како што рекоа и некои ваши поети:*+ ‚Дури сме и негово потомство‘. 29  Значи, кога сме Божје потомство,+ не смееме да мислиме дека Бог+ е како злато или сребро или камен, лик што е обликуван со човечка умешност и досетливост.+ 30  Вистина, Бог не се обѕира на времињата на таквото незнаење,+ туку сега им порачува на сите луѓе насекаде да се покаат.+ 31  Зашто, определи ден во кој науми да му суди+ на целиот свет* според правдата, преку човек кого го одреди за тоа, а сето тоа го потврди пред сите луѓе така што го воскресна+ од мртвите“. 32  Кога чуја за воскресение на мртвите, едни почнаа да се подбиваат,+ а други рекоа: „Ќе те слушаме за ова и другпат“. 33  Така Павле си замина откај нив. 34  А некои луѓе му се придружија и станаа верници, меѓу нив и Дионисиј, судија при судот на Ареопагот,+ и една жена, по име Дамара, и други со нив.

Фусноти

Буквално: „сабати“. Види ја фуснотата за Мт 12:1.
Или: „Помазаникот, Месијата“. Види ја фуснотата за Мт 2:4.
Буквално: „целата населена земја“.
Или: „со спремен ум“.
Буквално: „неговиот дух се вознемири во него“.
Или: „Аресовото Брдо; Марсовото Брдо“. На него заседавал атинскиот врховен суд.
Буквално: „повеќе се боите од демони“. Под поимот „демони“ Грците подразбирале богови, сеедно дали биле добри или лоши.
Арат и Клеант. Павле цитира од епот на Арат Појави и од делото на Клеант Химна на Зевс.
Буквално: „на целата населена земја“.