Јов 21:1-34
21 Тогаш Јов одговори:
2 „Добро слушајте што ќе ви речам,
и тоа нека ви биде утеха!
3 Истрпете јас нешто да кажам,
а кога ќе го кажам своето, тогаш потсмевајте се!+
4 Зар јас му зборувам на човекот за својата грижа?
Како не губам трпение?*
5 Кон мене свртете го лицето и зачудете се,
ставете си ја раката на уста!+
6 Кога ќе се сетам на сѐ, се вознемирувам
и треперење ми го обзема телото.
7 Зошто остануваат живи злите,+
дочекуваат старост и се богатат повеќе отколку другите?+
8 Нивното потомство напредува пред нив,
нивните потомци напредуваат пред нивни очи.
9 Нивните куќи се во мир, без страв,+
и Божјиот стап не е над нив.
10 Нивните бикови ги оплодуваат кравите и не го расипуваат семето,
нивните крави се отелуваат+ и не пометнуваат.
11 Ги пуштаат своите дечиња безгрижно да си играат надвор како стадо,
нивните деца потскокнуваат наоколу.
12 Пеат во придружба на дајре и харфа,+
се радуваат на звукот на кавал.
13 Деновите им минуваат во веселба+
и мирно слегуваат во гробот.*
14 А на вистинскиот Бог му велат: ‚Остави нѐ!+
Не сакаме да знаеме за твоите патишта.+
15 Кој е Семоќниот, па да му служиме,+
и каква корист имаме од тоа што му се обраќаме?‘+
16 Гледај, нивната благосостојба не е во нивни раце.+
Намерите на злите се далеку од мене.+
17 Кога згаснала светилката на злите?+
Кога ги снашла неволја?
Кога испратил Бог уништување во својот гнев?+
18 Стануваат ли тие како слама на ветар,+
како плева што ја носи виор?
19 Бог ќе го чува злото на човекот за неговите синови,+
така ќе му плати што тој ќе го почувствува тоа.+
20 Злосторникот со свои очи ќе си ја гледа пропаста,
ќе пие од гневот на Семоќниот.+
21 Зашто, на што ќе се радува во својата куќа кога ќе го нема,
кога ќе се преполови бројот на месеците од неговиот живот?+
22 Зар тој ќе го учи на мудрост Бог,+
Оној што им суди на високите?+
23 Еден ќе умре во потполна благосостојба,+
без никакви грижи и во мир,
24 со бедра полни со сало
и со коски полни со сочна срцевина,
25 а друг ќе умре со горчина во душата,
без да вкуси нешто добро.+
26 Двајцата ќе лежат заедно во правта+
и црви ќе ги прекријат.+
27 Ете, добро ги знам вашите помисли
и сплетките со кои сакате да ми нанесете зло.+
28 Вие велите: ‚Каде е куќата на достоинственикот?
Каде е шаторот на злите? Каде се шаторите во кои живееја?‘+
29 Ги прашавте ли оние што патуваат по патиштата?
Размислувате ли за нивното сведоштво,
30 дека злиот е поштеден во денот на неволјата+
и се избавува во денот на гневот?
31 Кој ќе го прекори в лице+ за неговите дела?
Кој ќе му врати за она што го направил?+
32 А него ќе го однесат на гробишта,+
и над неговиот гроб ќе чуваат стража.
33 Слатки ќе му бидат грутките земја во долината,+
и со себе ќе ги повлече сите луѓе,+
а број им нема на оние што дошле таму пред него.
34 Затоа се толку празни вашите утехи+
и вашите одговори се празна измама!“