Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Онлајн Библија | СВЕТО ПИСМО - ПРЕВОД НОВ СВЕТ

Јован 6:1-71

6  Потоа Исус отиде на другата страна од Галилејското, односно Тиверијадското Море.*+  А по него одеа големо мноштво луѓе, бидејќи ги гледаа чудата што ги правеше над болните.+  Така Исус се качи на гората+ и седеше таму со своите ученици.  А близу беше Пасхата,+ празникот на Евреите.  Кога Исус ги подигна очите, виде дека кон него доаѓа многуброен народ, па го праша Филип: „Од каде да купиме леб за да јадат овие?“+  Тоа го рече за да го испита, зашто знаеше што ќе направи.  А Филип му одговори: „Кога би купиле леб дури и за двесте денарии,* не би имало доволно за секој да добие по малку“.+  Еден од неговите ученици, Андреј, братот на Симон Петар, му рече:  „Овде има едно момче, кое има пет јачменови леба+ и две мали риби. Но што е тоа за толку многу народ?“+ 10  Исус тогаш рече: „Кажете им на луѓето да поседнат!“*+ А имаше многу трева на тоа место. И така луѓето поседнаа, а меѓу нив имаше околу пет илјади мажи.+ 11  Потоа Исус ги зеде лебовите и му се заблагодари на Бог, па им ги раздели на оние што беа поседнати. Така ги раздели и рибите, кој колку сакаше.+ 12  А кога се наситија,+ им рече на своите ученици: „Соберете ги парчињата што останаа за да не пропадне ништо!“ 13  И ги собраа, и наполнија дванаесет кошници со парчиња од петте јачменови леба, кои им останаа на оние што јадеа.+ 14  А кога ги видоа чудата што ги направи, луѓето велеа: „Ова сигурно е пророкот+ што требаше да дојде во светот“. 15  А Исус, бидејќи знаеше дека сакаа да дојдат, да го фатат и да го направат цар, повторно се повлече+ во планината, сосема сам. 16  Кога дојде вечер, неговите ученици слегоа до морето+ 17  и влегоа во чамец, па тргнаа преку морето кон Капернаум. Веќе беше мрак, а Исус уште не беше дојден кај нив. 18  Морето, пак, се разбранува, бидејќи дуваше силен ветар.+ 19  Кога одвеслаа околу дваесет и пет до триесет стадии,* го видоа Исус како оди по морето и се приближува до чамецот, и многу се уплашија.+ 20  Но тој им рече: „Јас сум, не плашете се!“+ 21  Затоа со радост го зедоа во чамецот, и чамецот веднаш се најде на брегот до кој се обидуваа да стигнат.+ 22  Другиот ден, народот, кој стоеше на другата страна од морето, виде дека таму има само еден мал чамец и дека Исус не влезе во чамецот со своите ученици, туку дека си заминаа само неговите ученици. 23  А чамците од Тиверијада стигнаа близу до местото каде што тие јадеа леб откако Господарот кажа благодарност. 24  Кога, всушност, видоа дека таму ги нема ниту Исус ниту неговите ученици, луѓето влегоа во чамците и дојдоа во Капернаум за да го бараат+ Исус. 25  И кога го најдоа на другата страна од морето, го прашаа: „Учителе,*+ кога дојде овде?“ 26  Исус им одговори: „Вистина, вистина, ви велам, вие не ме барате затоа што видовте чуда, туку затоа што јадевте од лебовите и се наситивте.+ 27  Немојте да работите за храна што пропаѓа,+ туку за храна што останува за вечен живот,+ која ќе ви ја даде Синот човечки, бидејќи него Таткото, Бог, за тоа го овласти“.+ 28  Тогаш го прашаа: „Што треба да правиме за да ги вршиме делата што Бог ги бара?“ 29  Исус им одговори: „Делото кое Бог го бара е да верувате+ во оној кого тој го испрати“.+ 30  А тие го запрашаа: „Каков чудесен знак+ им покажуваш на луѓето, за да го видиме и да ти поверуваме? Какво дело извршуваш? 31  Нашите прататковци јадеа мана+ во пустината, како што е напишано: ‚Им даде леб од небото да јадат‘ “.+ 32  А Исус им рече: „Вистина, вистина, ви велам, Мојсеј не ви го даде лебот од небото, туку мојот Татко ви го дава вистинскиот леб од небото.+ 33  Зашто, Божјиот леб е Оној што слегува од небото и му дава живот на светот“. 34  Тогаш му рекоа: „Господару, давај ни го секогаш тој леб!“+ 35  А Исус им рече: „Јас сум лебот на животот. Оној што доаѓа кај мене, нема да огладни, и оној што верува во мене, нема никогаш да ожедни.+ 36  Но ви реков: ме видовте, а сепак не верувате.+ 37  Сѐ што ми дава Таткото, ќе дојде кај мене, и оној што ќе дојде кај мене, нема да го истерам,+ 38  бидејќи не слегов од небото+ да ја вршам својата волја, туку волјата на оној што ме испрати.+ 39  А волјата на оној што ме испрати е да не изгубам никого од оние што ми ги даде, туку да ги воскреснам+ во последниот ден. 40  Зашто, волјата на мојот Татко е: секој што го гледа Синот и верува во него да има вечен живот,+ и јас ќе го воскреснам во последниот ден“.+ 41  Тогаш Евреите почнаа да мрморат против него бидејќи рече: „Јас сум лебот што слезе од небото“.+ 42  И велеа:+ „Не е ли ова Исус, синот на Јосиф,+ чии татко и мајка ги знаеме? Како сега тој вели: ‚Слегов од небото‘?“ 43  А Исус им рече: „Престанете да мрморите меѓу себе! 44  Никој не може да дојде кај мене, ако не го привлече Таткото,+ кој ме испрати. И јас ќе го воскреснам во последниот ден.+ 45  Во Пророците е напишано: ‚Сите ќе бидат поучени од Јехова‘.+ Секој што го слуша Таткото и учи од него, доаѓа кај мене.+ 46  Тоа не значи дека некој го видел Таткото,+ освен оној што е од Бог, тој го видел Таткото.+ 47  Вистина, вистина, ви велам, оној што верува, има вечен живот.+ 48  Јас сум лебот+ на животот. 49  Вашите прататковци јадеа мана+ во пустината, а сепак умреа. 50  Ова е лебот што слегува од небото, за човекот да јаде од него и да не умре. 51  Јас сум живиот леб што слезе од небото. Ако некој јаде од овој леб, ќе живее вечно. А лебот што ќе го дадам јас е моето тело,+ кое ќе го дадам за животот на светот“.+ 52  Тогаш Евреите почнаа да се препираат меѓу себе: „Како може овој да го даде своето тело за јадење?“ 53  Затоа Исус им рече: „Вистина, вистина, ви велам, ако не го јадете телото+ на Синот човечки и не ја пиете неговата крв,+ немате живот+ во себе. 54  Кој се храни со моето тело и ја пие мојата крв, има вечен живот, и јас ќе го воскреснам+ во последниот ден, 55  зашто моето тело е вистинска храна, и мојата крв е вистинска напивка. 56  Кој се храни со моето тело и ја пие мојата крв, останува во единство со мене и јас во единство со него.+ 57  Како што живиот+ Татко ме испрати и јас живеам преку Таткото, така и оној што се храни со мене, и тој ќе живее преку мене.+ 58  Ова е лебот што слезе од небото. Тоа не е како тогаш кога вашите прататковци јадеа, а сепак умреа. Кој се храни со овој леб, ќе живее вечно“.+ 59  Ова го рече додека поучуваше на еден собир во Капернаум. 60  Кога го чуја тоа, мнозина од неговите ученици рекоа: „Овие зборови се тешки! Кој може да ги слуша?“+ 61  А Исус во себе знаеше дека неговите ученици негодуваа поради тоа, па им рече: „Зарем ова ве спрепнува?+ 62  А што ако го видите Синот човечки како се вознесува таму каде што беше порано?+ 63  Духот е тој што дава живот,+ телото не користи за ништо. Зборовите што ви ги кажав се дух+ и живот.+ 64  Но има некои меѓу вас кои не веруваат“. Зашто, Исус од почетокот знаеше кои се тие што не веруваат и кој е оној што ќе го предаде.+ 65  И рече: „Затоа ви реков: ‚Никој не може да дојде кај мене, ако не му е дадено од Таткото‘ “.+ 66  Поради тоа мнозина од неговите ученици се вратија на она што го оставија+ и не одеа веќе со него.+ 67  Затоа Исус ги праша дванаесеттемина: „Да не сакате и вие да си одите?“ 68  А Симон Петар+ му одговори: „Господару, кај кого да одиме?+ Ти ги имаш зборовите на вечниот живот!+ 69  Ние поверувавме и спознавме дека ти си Божјиот Светец“.+ 70  Исус тогаш им рече: „Зарем не ве избрав вас дванаесетмина?+ Сепак, еден од вас е клеветник“.+ 71  А зборуваше за Јуда, синот на Симон Искариот, зашто тој требаше да го предаде,+ иако беше еден од дванаесеттемина.

Фусноти

Види ја фуснотата за 4Мо 34:11.
Римски сребреник кој тежел 3,85 грама. Види ги фуснотата за Мр 14:5 и додатокот 13.
Буквално: „полегнат“. Спореди ја фуснотата за Мт 9:10.
Пет до шест километри. Види го додатокот 13.
Види ја фуснотата за Мт 23:7.