Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Онлајн Библија | СВЕТО ПИСМО - ПРЕВОД НОВ СВЕТ

Јован 19:1-42

19  Тогаш, Пилат го зеде Исус и го предаде на камшикување.+  А војниците сплетоа круна од трње, му ја ставија на глава и го облекоа во пурпурна облека.+  И му приоѓаа и му велеа: „Здраво, царе на Евреите!“ И му удираа шлаканици.+  А Пилат повторно излезе и им рече: „Еве, ви го изведувам за да знаете дека не наоѓам никаква кривица во него“.+  Тогаш Исус излезе надвор, носејќи ја круната од трње и пурпурната облека. А Пилат им рече: „Еве го човекот!“  Кога главните свештеници и стражарите го видоа, викнаа: „Прикови го на столб!* Прикови го на столб!“+ А Пилат им рече: „Земете го вие и приковете го на столб, бидејќи јас во него не наоѓам никаква вина!“+  Тогаш Евреите му одговорија: „Ние имаме закон,+ и според законот, тој треба да умре, бидејќи за себе тврдеше дека е Божји син“.+  Кога Пилат ги чу овие зборови, уште повеќе се уплаши,  па се врати во палатата и му рече на Исус: „Од каде си ти?“ Но Исус не му одговори.+ 10  Тогаш Пилат му рече: „Зар мене не ми одговараш?+ Не знаеш ли дека имам власт да те пуштам и имам власт да те приковам на столб?“ 11  Исус му одговори: „Не ќе имаше никаква власт над мене ако не ти беше дадена одозгора.+ Затоа поголем грев има оној што ме предаде на тебе“. 12  Поради ова, Пилат настојуваше да го пушти. Но Евреите викаа: „Ако го пуштиш него, не си му пријател на цезарот! Секој што се прави цар, му се противи на цезарот“.+ 13  Кога ги чу тие зборови, Пилат го изведе Исус и седна на судиската столица на местото наречено Камен плочник, а на хебрејски Гавата. 14  А беше денот за подготовка*+ на пасхата, околу шестиот* час. И им рече на Евреите: „Еве го вашиот цар!“ 15  А тие почнаа да викаат: „Погуби го! Погуби го! Прикови го на столб!“ Тогаш Пилат им рече: „Зар вашиот цар да го приковам на столб?“ А главните свештеници одговорија: „Ние немаме друг цар, освен цезарот!“+ 16  Тогаш им го предаде да биде прикован на столб.+ И тие го презедоа Исус. 17  Носејќи го сам маченичкиот столб, на кој требаше да биде прикован,+ излезе+ на местото наречено Череп, кое на хебрејски се вика Голгота.+ 18  Таму го приковаа на столбот,+ а со него и други двајца, еден од едната и еден од другата страна, а Исус во средината.+ 19  Пилат напиша и натпис и го стави на столбот. Беше напишано: „Исус Назареќанецот, царот на Евреите“.+ 20  Така мнозина од Евреите го прочитаа овој натпис, бидејќи местото каде што Исус беше прикован на столб беше близу до градот,+ а беше напишан на хебрејски, латински и грчки. 21  Но еврејските главни свештеници му рекоа на Пилат: „Не пишувај: ‚Цар на Евреите‘, туку дека тој рече: ‚Јас сум царот на Евреите‘ “. 22  А Пилат одговори: „Што напишав, напишав!“ 23  А кога војниците го приковаа Исус на столбот, ја зедоа неговата горна облека и ја разделија на четири дела, на секој војник по еден дел. А ја зедоа и долната облека, која немаше шев, туку целата беше исткаена во едно парче.+ 24  Затоа си рекоа еден на друг: „Да не ја кинеме, туку со ждрепка да одлучиме чија ќе биде“. Тоа беше за да се исполнат зборовите од Писмото: „Мојата облека ја разделија меѓу себе, и за моите алишта фрлија ждрепка“.+ Војниците така и направија. 25  А кај Исусовиот столб стоеја мајка му+ и сестрата на мајка му, потоа Марија,+ жената на Клопа, и Марија Магдалена.+ 26  Кога Исус ја виде својата мајка и покрај неа ученикот кого посебно го сакаше,+ ѝ рече на мајка си: „Жено,* еве ти син!“ 27  Потоа му рече на ученикот: „Еве ти мајка!“ И ученикот оттогаш ја зеде во својот дом. 28  По ова, бидејќи Исус знаеше дека веќе сѐ е довршено, за да се исполни Писмото, рече: „Жеден сум“.+ 29  А таму стоеше сад полн со скиселено вино. Затоа на една прачка од исоп закачија сунѓер полн со скиселено вино и му го принесоа до устата.+ 30  А кога го вкуси скиселеното вино, Исус рече: „Довршено е!“+ И наведнувајќи ја главата, издивна.*+ 31  А беше денот на подготовката.+ За да не останат телата на столб+ во сабота* — бидејќи таа сабота беше голем ден+ — Евреите го замолија Пилат да им ги скршат нозете на оние што беа на столбот, па да ги симнат нивните тела. 32  И војниците дојдоа и им ги скршија нозете на првиот и на вториот човек, кои беа приковани на столб со него. 33  Но кога дојдоа до Исус и видоа дека веќе е мртов, не му ги скршија нозете, 34  туку еден од војниците го прободе со копје во слабината,+ и веднаш потече крв и вода. 35  Оној што го виде тоа, сведочи, и неговото сведоштво е вистинито. Тој знае дека ја зборува вистината, за да верувате и вие.+ 36  А тоа се случи за да се исполнат зборовите од Писмото: „Ниту една коска нема да му биде скршена“.+ 37  А на друго место во Писмото стои: „Ќе гледаат во оној што го прободоа“.+ 38  Потоа, Јосиф од Ариматеја, кој беше Исусов ученик, но го криеше тоа, поради страв од Евреите,+ го замоли Пилат да му дозволи да го симне Исусовото тело. Пилат му дозволи,+ па Јосиф дојде и го симна неговото тело.+ 39  А дојде и Никодим, човекот кој првиот пат беше дошол кај него ноќе, и донесе еден врзоп смирна и алое, околу сто либри.*+ 40  И го зедоа Исусовото тело и го завиткаа во завои со мирисливи материи,+ според еврејскиот обичај за погреб. 41  А на местото каде што беше прикован на столб имаше градина, и во градината нов гроб,+ во кој уште никој не беше положен. 42  Поради тоа што на Евреите им беше денот на подготовката,+ а гробот беше близу, го положија Исус во него.

Фусноти

Види го додатокот 8.
„Подготовка“ овде е назив за денот што бил пред почетокот на седумдневниот празник на бесквасните лебови. Спореди со фуснотата за Мт 27:62.
Околу 12 часот, според нашето сметање на времето.
Види ја фуснотата за Јвн 2:4.
Буквално: „го предаде духот“.
Буквално: „на сабат“. Види ја фуснотата за Мт 12:1.
Преовладува мислењето дека грчкиот збор ли́трас овде се однесува на римската либра, која тежела 327 грама.