МЛАДИТЕ ПРАШУВААТ
Дали сум спремен за врска?
Што значи да бидеш во врска?
Редовно излегуваш со некого од спротивниот пол. Дали си во врска?
Меѓу тебе и некој од спротивниот пол постои заемна привлечност. Неколку пати дневно си праќате СМС-пораки или зборувате на телефон. Дали си во врска?
Кога и да излезеш со друштво, ти се издвојуваш со истата личност од спротивниот пол. Дали си во врска?
Најверојатно без проблем го одговори првото прашање, но можеби се помисли малку пред да ги одговориш другите две. Што, всушност, значи да бидеш во врска со некого?
Врската е блиско дружење на две лица од спротивен пол, кои имаат романтични чувства еден кон друг.
Според тоа, одговорот на сите три прашања погоре е ,да‘. Сеедно дали контактирате преку телефон, компјутер или лице в лице, и дали го правите тоа јавно или во тајност, ако ти и некој од спротивниот пол имате посебни чувства еден кон друг и редовно комуницирате, вие сте во врска.
Која е целта на една врска?
Врската треба да има една чесна цел — таа треба да им помогне на дечкото и на девојката да видат дали ќе си одговараат за брак.
Точно, можеби некои од твоите врсници не сметаат дека врската е нешто сериозно. Можеби само им е убаво да бидат во друштво со некој од спротивниот пол што им се допаѓа без никаква намера да стапат во брак со него. За некои, дечкото или девојката е само трофеј или нешто со кое се прават важни пред другите.
Но, ваквите плитки врски честопати завршуваат прилично брзо. „Многу млади што излегуваат со некого, раскинуваат за една или две седмици“, вели една девојка по име Хедер. „За нив врските се нешто минливо — што би се рекло, повеќе им се подготовка за развод, отколку за брак.“
Нормално, кога си во врска со некого, тој развива чувства кон тебе. Затоа, кога ќе решиш да започнеш врска, тоа нека биде со чесни намери (Лука 6:31).
Ако имаш врска, а немаш намера да стапиш во брак, ти си како едно дете кое малку ќе си поигра со новата играчка и после ќе ја фрли
Размисли: Би сакал ли некој да си игра со твоите чувства како да се играчка — ќе си поигра малку со неа и потоа ќе ја фрли? Затоа, немој ни ти да го правиш истото! Во Библијата пишува дека љубовта „не се однесува непристојно“ (1. Коринќаните 13:4, 5).
Една девојка по име Челси вели: „Понекогаш си мислам дека нема ништо лошо во тоа да излегуваш со некого чисто заради забава, ама воопшто не е забавно кога едниот ги сфаќа работите сериозно, а другиот не“.
Предлог: За да се подготвиш за врска и за брак, прочитај ги зборовите во 2. Петрово 1:5-7 и избери една особина на која треба да работиш. По еден месец, провери колку си научил за таа особина и колку си се подобрил.
Дали сум доволно возрасен за да почнам врска?
На колку години мислиш дека би било во ред еден млад човек да започне врска?
Сега прашај што мислат твоите родители.
Голема е веројатноста твојот одговор да се разликува од одговорот на мајка ти и татко ти. А можеби и не е! Можеби и ти си еден од многуте млади што мудро не започнуваат врска со некого од спротивниот пол сѐ додека не се доволно возрасни и додека не се запознаат подобро самите себе.
Даниела (17) одлучила да го стори токму тоа. Таа вели: „Кога ќе се сетам како пред две години си го замислував оној за кого би сакала да се омажам, сфаќам дека тоа е сосема различно од она што сега го имам во главата. Всушност, дури ни сега не верувам дека би донела исправна одлука околу тоа. Кога веќе некое време ќе ми биде јасно што сакам, тогаш ќе размислувам за врска“.
Има уште една причина зошто е мудро да се чека. Библијата го користи изразот „цутот на младоста“ за да го опише периодот од животот кога половиот нагон и романтичните чувства се особено силни (1. Коринќаните 7:36). Блискоста со одредена личност од спротивниот пол додека си во оваа фаза од животот може да ја разгори страста и да те наведе да направиш нешто погрешно.
Точно, можеби тоа не е ништо страшно за твоите врсници. Мнозина од нив не би се мислеле многу дали да имаат секс или не. Но, не мораш и ти да бидеш како нив! (Римјаните 12:2). Всушност, Библијата нѐ поттикнува ‚да бегаме од сексуален неморал‘ (1. Коринќаните 6:18, New International Version). Ако почекаш да ти помине цутот на младоста, ќе ‚ја оддалечиш неволјата‘ од себе (Проповедник 11:10).
Зошто е добро да почекаш?
Што ако некој те става под притисок да започнеш врска, а не си спремен за такво нешто? Тоа е како да те тераат да полагаш матура по предмет кој само што си почнал да го учиш. Очигледно, не би било фер! Ти треба време да го научиш тој предмет, за да можеш да ја положиш матурата.
Слично е и со една врска.
Како што видовме, да се има врска е сериозна работа. Затоа, пред да почнеш врска со некого, треба да одвоиш време за да научиш еден многу важен „предмет“ — како се градат пријателства.
Подоцна, кога ќе ја запознаеш вистинската личност, ќе знаеш како да изградиш една цврста врска. На крајот на краиштата, добриот брак е врска меѓу двајца добри пријатели.
Ако почекаш малку пред да започнеш врска, не значи дека си ја скратуваш слободата. Напротив, така ќе имаш поголема слобода да ‚се радуваш во младоста‘ (Проповедник 11:9). Ќе имаш и повеќе време да се подготвиш за врска така што ќе ја градиш својата личност и, што е најважно, својата духовност (Плач Еремиин 3:27).
Во меѓувреме, сепак можеш да се дружиш и да си поминуваш убаво со лица од спротивниот пол. Но, на кој начин? Најдобро е да бидеш во друштво на повеќе луѓе, и млади и стари. Една девојка по име Тами вели: „Мислам дека така е позабавно. Подобро е да имаш многу пријатели“. И Моника се согласува со неа. Таа вели: „Супер е кога во друштвото има повеќе луѓе затоа што така можеш да се запознаеш со различни личности“.
Од друга страна, ако прерано го насочиш своето внимание само на една личност, се доведуваш во ситуација да ти биде скршено срцето. Затоа, не брзај. Искористи ја младоста да научиш како да градиш и да одржуваш пријателства. Подоцна, ако решиш да започнеш врска, ќе се познаваш себеси подобро и ќе знаеш со каков човек сакаш да го поминеш животот.