МЛАДИТЕ ПРАШУВААТ
Прекршив семејно правило — што сега?
Скоро секое семејство си има свои правила, на пример до колку часот треба да се вратиш дома, колку време смееш да користиш електронски уреди и како треба да се однесуваш со другите.
Што ако прекршиш некое семејно правило? Не можеш да го смениш она што се случило, но можеш да спречиш работите да станат полоши. Оваа статија ќе ти покаже како да го постигнеш тоа.
Што да не правиш
Ако твоите родители не знаат дека си прекршил некое правило, можеби ќе бидеш на искушение да сокриеш што си направил.
Ако тие знаат дека си прекршил некое правило, можеби ќе бидеш на искушение да се оправдуваш или да обвинуваш некој друг.
Ниту една од овие опции не е паметна. Зошто? Бидејќи е многу незрело да го прикриваш она што се случило или да изнаоѓаш слаби изговори. Така само ќе им покажеш на твоите родители дека сѐ уште треба да зрееш.
„Лажењето никогаш не е добра опција. Порано или подоцна, вистината ќе излезе на виделина, и тогаш казната ќе биде построга затоа што не си ја кажал вистината од почетокот“ (Дајана).
Подобар пристап
Признај што си направил. Библијата вели: „Кој ги крие престапите свои, ќе нема успех“ (Изреки 28:13). Твоите родители знаат дека не си совршен, но очекуваат да бидеш искрен.
„Твоите родители ќе бидат поспремни да ти простат ако ја кажеш вистината. Ако си искрен, ќе имаат поголема доверба во тебе“ (Оливија).
Извини се. Библијата вели: „Опашајте се со понизност“ (1. Петрово 5:5). Потребна е понизност за да кажеш „жал ми е“ и да се спротивставиш на склоноста да наброиш еден куп изговори.
„Луѓето кои постојано кажуваат изговори можат да си ја затапат совеста. Со текот на времето тие нема да чувствуваат никаква вина кога ќе направат нешто погрешно“ (Хедер).
Прифати ги последиците. Библијата вели: „Оној што прифаќа укор е паметен“ (Изреки 15:5). Прифати го кое и да било ограничување што ќе ти го постават родителите без да се жалиш.
„Колку повеќе се жалиш за казната што си ја добил, толку полошо ќе си направиш. Потруди се да ги прифатиш ограничувањата и немој да се концентрираш на она што си го изгубил“ (Џејсон).
Потруди се да ја вратиш изгубената доверба. Библијата вели: „Треба да ја соблечете старата личност, обликувана според вашиот поранешен начин на живот“ (Ефешаните 4:22). Почни да носиш добри одлуки и покажи дека си одговорна личност.
„Ако подолг период носиш добри одлуки и им покажеш на твоите родители дека нема да ја повториш истата грешка, пак ќе стекнат доверба во тебе“ (Карен).
ПРЕДЛОГ: За да покажеш дека може да ти се верува, направи чекор повеќе. На пример, следниот пат кога ќе бидеш излезен, уште додека си на пат кон дома, јави им се на твоите родители за да им кажеш дека си доаѓаш — дури и ако нема да задоцниш. Со тоа како да им велиш: „Сакам повторно да ми верувате“.