Префрли се на текстот

МЛАДИТЕ ПРАШУВААТ

Зошто немам пријатели?

Зошто немам пријатели?

На интернет гледаш слики од една неодамнешна забава. Сите твои пријатели биле таму и очигледно многу убаво си поминале. Но, нешто фали. Поконкретно, некој фали — ти!

„Зошто мене не ме поканија?“, си мислиш.

Твојата љубопитност се претвора во горчина. Се чувствуваш изневерено! Како сите твои пријателства да се срушиле како кула од карти. Те преплавува чувство на осаменост, и се прашуваш: „Зошто немам пријатели?“

 Квиз

 Точно или неточно

  1.   Ако имаш многу пријатели, никогаш нема да бидеш осамен.

  2.   Ако имаш профил на социјална мрежа, никогаш нема да бидеш осамен.

  3.   Ако постојано се допишуваш, никогаш нема да бидеш осамен.

  4.   Ако им помагаш на другите, никогаш нема да бидеш осамен.

 Сите четири изјави се неточни.

 Зошто?

 Факти за пријателствата и осаменоста

  •   Дури и да имаш многу пријатели, тоа не е гаранција дека никогаш нема да бидеш осамен.

     „Мене ми се важни пријателите, но понекогаш имам чувство како јас да не сум им важна ним. Најлошо чувство на осаменост е кога си опкружен со пријатели, а имаш впечаток дека тие не те сакаат и не си им потребен“ (Ана).

  •   Дури и да имаш профил на социјална мрежа, тоа не е гаранција дека никогаш нема да бидеш осамен.

     „Некои луѓе собираат пријатели како што други собираат фигурички. Но, полна соба со фигурички никогаш не направила некој да се чувствува сакано. Ако немаш блиски пријателства, онлајн пријателите ќе ти бидат исто толку бескорисни како и безживотните фигурички“ (Елејн).

  •   Дури и постојано да се допишуваш, тоа не е гаранција дека никогаш нема да бидеш осамен.

     „Понекогаш кога си осамен, постојано го проверуваш телефонот за да видиш дали некој од твоите пријатели ти испратил порака. А кога веќе се чувствуваш осамено и видиш дека никој не ти пишал, се чувствуваш уште полошо“ (Селена).

  •   Дури и да им помагаш на другите, тоа не е гаранција дека никогаш нема да бидеш осамен.

     „Секогаш се трудам да им помагам на моите пријатели, но забележувам дека тие не се однесуваат со мене на ист начин. Не ми е криво што им помагам, ама малку ми е глупо кога гледам дека тие не се трудат да бидат добри со мене“ (Ричард).

 Заклучок: Осаменоста пред сѐ е начин на размислување. „Осаменоста е последица на нашите мисли, а не на нашите околности“, вели една девојка по име Џенет.

 Што можеш да направиш ако си осамен и мислиш дека немаш пријатели?

 Како да ја победиш осаменоста

Зголеми си ја самодовербата.

 „Осаменоста може да произлезе од несигурноста. Тешко е да преземаш иницијатива и да стекнуваш пријателства ако имаш чувство дека не вредиш во очите на другите“ (Џенет).

 Библијата вели: „Сакај го својот ближен како самиот себе“ (Галатите 5:14). За да стекнеме вистински пријатели, треба да имаме одредена мера самопочит. Се разбира, тоа не треба да премине во себичност и гордост (Галатите 6:3, 4).

Не се самосожалувај.

 „Осаменоста е како жив песок. Колку подлабоко тонеш, толку потешко ќе ти биде да излезеш од него. Ако дозволиш осаменоста да ти ги преокупира мислите, толку ќе се сожалуваш себеси што повеќе никој нема да сака да се дружи со тебе“ (Ерин).

 Библијата вели: „Љубовта... не ја бара својата корист“ (1. Коринќаните 13:4, 5). Факт е дека кога се фокусираме премногу на себеси, имаме помалку разбирање за другите, а тешко дека некој би сакал таков пријател (2. Коринќаните 12:15). Да бидеме искрени, кога твојот успех го мериш по тоа како другите постапуваат, неуспехот не ти бега! Со изјавите како „мене никој не ми се јавува“ и „мене никој никаде не ме вика“ ја ставаш твојата среќа во рацете на другите. Зарем со тоа не им даваш преголема моќ?

Не прифаќај кого било за пријател.

 „Луѓето кои се осамени бараат внимание и може да дојдат до степен кога не им е важно од кого доаѓа тоа внимание. Само имаат потреба да се чувствуваат сакано. Но некои луѓе ќе направат да се чувствуваш сакано, а потоа ќе те искористат. Е дури тогаш ќе се чувствуваш осамено“ (Бријана).

 Библијата вели: „Кој оди со мудрите, ќе стане мудар, а кој си има работа со безумни, лошо ќе си помине“ (Изреки 13:20). Некој што умира од глад би јадел речиси што било. На сличен начин, некој што умира од желба за друштво, би можел да падне во замка да стане пријател со кого било. Дури би можел да стане лесна мета на манипулатори и да мисли дека таквите пријателства се нормални и дека не треба да очекува ништо подобро.

 Заклучок: Секој понекогаш се чувствува осамено, кој повеќе, кој помалку. И иако осаменоста може да биде ужасно чувство, на крај, сепак е само чувство. Нашите чувства обично се резултат на нашите мисли, а мислите можеме да ги ставиме под контрола.

 Освен тоа, биди реален во она што го очекуваш од другите. „Нема секој да ти биде најдобар пријател засекогаш“, вели Џенет, која ја цитиравме претходно, „но ќе најдеш луѓе на кои ќе им бидеш важен, а тоа е доволно. Тоа ќе ти помогне да не бидеш осамен.“

 Дополнителна помош: Прочитај ја рамката „ Како да го надминеш стравот“.