Префрли се на текстот

МЛАДИТЕ ПРАШУВААТ

Што ако моите се разведуваат?

Што ако моите се разведуваат?

 Една од најстресните ситуации со која младите може да се соочат е разводот на нивните родители. Како да се справиш со тагата?

Во оваа статија

 Три работи што не треба да ги правиш

 1. Да се обвинуваш себеси

 „Мајка ми еднаш ми рече дека сите проблеми меѓу неа и татко ми почнале кога сум се родила. Затоа заклучив дека јас сум причината за нивниот развод“ (Дијана).

 Запомни: Причината за разводот не си ти, туку проблемите што ги имаат твоите родители. Ти не си ги предизвикал нивните проблеми ниту можеш да ги решиш. Тие се одговорни за тоа како ги решаваат своите брачни проблеми.

 „Секој ќе го носи својот товар“ (Галатите 6:5).

 2. Да држиш лутина

 „Многу сум му лута на татко ми затоа што ја изневери мајка ми. Ќе ми биде многу тешко повторно да му верувам“ (Риана).

 Запомни: Веројатно си лут и вознемирен поради она што се случува меѓу твоите родители, и имаш добра причина за тоа. Но не е здраво да држиш лутина. Тоа може да ти наштети тебе и во физички и во емоционален поглед. Затоа се вели дека да држиш лутина е како да пиеш отров и да чекаш да му наштети на другиот. a

 „Отфрли го гневот и остави ја лутината“ (Псалм 37:8).

 3. Да мислиш дека ни ти нема да имаш среќен брак

 „Многу се плашам дека ќе го направам она што го направи татко ми. Се плашам дека ако се омажам и имам деца, ќе го направам истото што водеше до разводот на моите родители“ (Џесика).

 Запомни: Само затоа што бракот на твоите родители пропаднал, не значи дека и твојот брак ќе пропадне. Всушност, можеш да извлечеш важни поуки од искуството на твоите родители. На пример, можеби ќе станеш посвесен кои особини би сакал да ги има твојот иден брачен другар. Разводот на твоите родители може и да те мотивира да развиеш особини што ќе ти помогнат да бидеш подобар сопруг или сопруга.

 „Секој нека го испита своето дело“ (Галатите 6:4).

Приспособувањето на разводот на твоите родители е како да се опоравуваш од скршеница. Во моментот чувствуваш голема болка, но со текот на времето ќе станува подобро

 Три работи што можеш да ги правиш

 1. Зборувај со некого. Луѓето кои ги потиснуваат негативните чувства можат да стекнат штетни навики, како што е злоупотреба на алкохол или дрога. Наместо да тргнеш во тој правец, пробај го следново:

 Разговарај со твоите родители. Ако еден од твоите родители или и двајцата се обидуваат да те вклучат во нивните проблеми, смирено но цврсто објасни им како тоа влијае врз тебе. Ако ти е тешко да зборуваш со нив лице в лице, би можел да напишеш писмо за едниот или и за двајцата.

 Разговарај со некој доверлив пријател. Да имаш некој што ќе те ислуша може да биде големо олеснување. Библијата вели дека „вистинскиот пријател сака во секое време, и брат станува во неволја“ (Изреки 17:17).

 Разговарај со твојот Творец. Јехова Бог, кој „ги слуша молитвите“, секогаш ќе те слуша (Псалм 65:2). Библијата вели дека можеш „сите свои грижи“ да ги фрлиш на него, зашто тој се грижи за тебе (1. Петрово 5:7).

  •   Со кој родител можеш да разговараш на смирен начин?

  •   Кој доверлив пријател — врсник или возрасен — може да ти биде поддршка?

  •   За кои конкретни работи би можел да се молиш?

 2. Приспособи се на промената

 Разводот на твоите родители можеби ќе бара од тебе да се приспособиш на нов дом, ново училиште, нов буџет, па дури и нови пријатели. Се разбира, ова може да те вознемирува и да ти предизвикува стрес, и можеби се чувствуваш како целиот твој живот да се превртел наопаку. Што може да ти ја олесни промената? Фокусирај се на тоа како можеш да се приспособиш на новите околности.

  •   Која е најголемата промена што си морал да ја направиш поради разводот на твоите родители?

  •   Што можеш да направиш за да се приспособиш на таа промена?

 „Сум научил да бидам задоволен во секакви околности“ (Филипјаните 4:11).

 3. Препознај ги твоите јаки страни

 Иако разводот на твоите родители може да ти предизвика загриженост, може и да те научи да ги цениш своите јаки страни, па дури и да стекнеш други позитивни особини. „Поради разводот на моите родители, станав поодговорен“, вели Џереми, чии родители се развеле кога имал 13 години. „Имав помал брат и затоа морав да им помагам и нему и на мајка ми.“

Разводот на твоите родители може да те поттикне да бидеш поодговорен

  •   Поради ситуацијата со твоите родители, кои јаки страни си ги открил кај себе?

  •   На кои особини би сакал да работиш?

 „Целото Писмо е вдахновено од Бог и корисно... за поправање“ (2. Тимотеј 3:16).

a За да дознаеш повеќе, види ја статијата „Како да ја контролирам лутината?