Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Јеховини сведоци

македонски

МЛАДИТЕ ПРАШУВААТ

Спремен ли сум да се иселам од дома?

Спремен ли сум да се иселам од дома?

Божјата првобитна намера била младите да созреат и, со текот на времето, да ги напуштат родителите за да основаат свое семејство (1. Мојсеева 2:23, 24; Марко 10:7, 8). Но, како ќе знаеш дека навистина си спремен да се иселиш од дома? Ќе разгледаме три прашања кои ќе ти помогнат да донесеш одлука.

 Од кои мотиви сакам да се иселам?

Размисли за списокот што следи. Прашај се: ,Кои се најважните причини поради кои сакам да се иселам од дома?‘

  • Да побегнам од домашните проблеми

  • Да имам поголема слобода

  • Пријателите да имаат подобро мислење за мене

  • Да му излезам во пресрет на пријател кој бара цимер

  • Да помагам како доброволец во друго место

  • Да стекнам искуство

  • Да им го олеснам финансискиот товар на родителите

  • Друго

Овие причини не се лоши сами по себе. Но, прашањето е: Зошто ти сакаш да се иселиш? На пример, ако се иселиш само за да имаш поголема слобода, најверојатно ќе се разочараш!

Кога имала 20 години, Даниела некое време живеела сама. Многу научила од тоа искуство. Таа вели: „Сите мораме да живееме со некакви ограничувања. Кога живееш сам, ограничувањата ти се наметнати од обврските на работа или финансиите“. Затоа, немој под влијание на другите да донесеш избрзана одлука (Изреки 29:20).

 Дали сум спремен?

Иселувањето од дома може да се спореди со планинарење — пред да тргнеш на пат, треба да стекнеш вештини за преживување

Иселувањето од дома е слично со планинарење. Дали би тргнал низ непознат предел ако не знаеш да поставиш шатор, да запалиш оган, да готвиш или да читаш карта? Нема шанси! Сепак, многу млади се иселуваат од дома иако речиси и не знаат како се води домаќинство.

Мудриот цар Соломон рекол дека „паметниот внимава на своите чекори“ (Изреки 14:15). За да провериш дали си спремен за самостоен живот, размисли за следниве работи:

Ракување со пари: „Никогаш не сум морала сама да плаќам за ништо“, вели Серина (19). „Се плашам од помислата да се иселам од дома и да треба сама да водам сметка за парите.“ Како можеш да научиш да ракуваш со пари?

Една библиска изрека гласи: „Мудриот ќе слуша и повеќе ќе научи“ (Изреки 1:5). Затоа, прашај ги родителите колкави би биле месечните трошоци за еден човек за кирија или за станбен кредит, за храна, за одржување на автомобил или за друг превоз. Потоа, замоли ги да ти помогнат да научиш како да си ги распоредуваш парите и да си ги плаќаш сметките.

Домашни работи: Брајан (17) вели дека она од кое најмногу се плаши е дека, ако се исели од дома, ќе мора сам да си ги пере алиштата. Како да знаеш дали си спремен сам да се грижиш за себе? Арон (20) го дава следниов предлог: „Пробај една седмица да живееш како да си сам. Јади го само она што сам ќе си го зготвиш, што сам ќе си го купиш и што ќе го платиш со пари кои сам си ги заработил. Носи ги само алиштата што сам ќе си ги испереш и испеглаш. Чисти си сам. Сам снајди се за превоз, без да бараш од родителите да те префрлат до некаде“. Ова ќе ти помогне во две работи: 1) ќе стекнеш корисни вештини и 2) повеќе ќе го цениш сето она што го прават твоите родители.

Односи со другите: Се сложуваш ли добро со родителите, со брат ти или со сестра ти? Ако не, можеби си мислиш дека животот ќе ти биде многу полесен ако живееш со некој пријател. Но, размисли за она што го вели Ева (18): „Две мои другарки почнаа да живеат заедно како цимерки. Пред тоа беа најдобри пријателки, но на крај повеќе не можеа да останат под ист покрив. Едната беше уредна, другата не. Едната беше духовна личност, другата не толку духовна. Едноставно не им одеше!“

Кое е решението? Ерин (18) вели: „Додека живееш со родителите, можеш многу да научиш како да се сложуваш со другите. Учиш како да ги решаваш проблемите и да попушташ. Сум забележала дека оние што се иселуваат од дома за да избегнат несогласување со родителите, всушност, учат да бегаат од конфликтите, а не да ги решаваат“.

Духовни навики: Некои си заминуваат од дома бидејќи не сакаат да бидат активни во религијата на своите родители. Други имаат искрена желба да продолжат редовно да ја проучуваат Библијата и да учествуваат во други духовни активности, но кратко време откако ќе почнат да живеат самостојно стекнуваат лоши навики. Како да избегнеш „бродолом во верата“? (1. Тимотеј 1:19).

Стекни си навика редовно да ја проучуваш Библијата и да учествуваш во други духовни активности. На еден календар направи си план и види дали ќе можеш да го следиш еден месец без да те потсетуваат родителите.

 Која ми е целта?

Дали сакаш да се иселиш од дома за да избегаш од проблемите? Или за да се ослободиш од авторитетот на родителите? Ако тоа се причините, тогаш гледаш само да ги оставиш тие работи зад себе, без да знаеш каде одиш. Тоа е исто како да возиш гледајќи само во ретровизорот — толку си преокупиран со она што е зад тебе што не гледаш што има пред тебе. Која е поуката од ова? Не гледај само да си заминеш од дома, туку насочи го вниманието на некоја вредна цел.

Не избрзувај со својата одлука. Една библиска изрека вели: „Плановите на трудољубивиот сигурно донесуваат корист, а секој што избрзува сигурно оди кон немаштија“ (Изреки 21:5, фуснота). Слушај ги советите на твоите родители (Изреки 23:22). Моли се. И, додека размислуваш дали да се иселиш од дома, земи ги предвид библиските начела што беа обработени во оваа статија.

Притоа не размислувај само за прашањето: ,Спремен ли сум да се иселам од дома?‘ Важно е и да се прашаш: ‚Дали сум способен да се грижам сам за себе?‘ Ако одговорот е „да“, тогаш можеби е време да се одвоиш од родителите.