Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Јеховини сведоци

македонски

МЛАДИТЕ ПРАШУВААТ

Што треба да знам за секстингот?

Што треба да знам за секстингот?

 Што е секстинг?

„Секстинг“ е праќање на еротски или порнографски пораки, слики или клипови преку мобилен телефон. „Денес скоро сите го прават ова“, вели еден човек. „Почнуваш да се допишуваш со некого и за кратко време почнувате да си разменувате непристојни слики.“

Зошто секстингот е толку многу раширен? Во изјава за весникот The New York Times, еден заменик јавен обвинител вели дека некои тинејџери со „разголените фотографии од оној со кого се во врска сакаат да покажат дека се сексуално активни“. За една тинејџерка секстингот е еден вид „безбеден секс“. Зошто? Таа вели: „Така не можеш ниту да забремениш ниту да фатиш некоја заразна болест“.

Еве некои други причини поради кои тинејџерите се впуштаат во секстинг:

  • На тој начин флертуваат со некој со кого сакаат да започнат врска.

  • Некој друг прв им пратил непристојна слика, па затоа се под притисок ,да возвратат на услугата‘.

 Дали секстингот е само безопасна забава?

Кога еднаш ќе пратиш некому слика преку мобилен, таа веќе не е твоја. Веќе немаш контрола над тоа што ќе направат другите со неа ниту над тоа што ќе се зборува за тебе ако излезе во јавност. Откако Истражувачкиот центар Пју спровел истражување во врска со секстингот, Аманда Ленхарт во извештајот напишала: „Никогаш досега не беше толку лесно да се дојде до докази за нечие непримерно однесување или да им се испратат на другите за да можат и тие да ги видат“.

Зошто се шират непристојни слики?

  •  Разголените фотографии им се препраќаат на другите заради забава.

  •  Момчињата на кои девојката им раскинала им ги праќаат непристојните слики на други за да ѝ се одмаздат.

ДАЛИ СИ ЗНАЕЛ? Честопати на размената на непристојни слики се гледа како на злоупотреба на деца или како на ширење детска порнографија. Некои малолетници кои се впуштиле во секстинг биле изведени на суд како сексуални напасници.

 Што вели Библијата?

Во Библијата пишува дека нема ништо погрешно двајца што се во брак да си ги задоволуваат сексуалните потреби (Изреки 5:18). Но, таа јасно кажува какво гледиште има Бог за сексуалното однесување меѓу лица што не се во брак. Размисли за следниве библиски стихови:

  • „Блуд и секаква нечистотија или лакомост дури да не се спомнуваат меѓу вас... а исто и срамотно однесување, и безумен говор, и безобразни шеги“ (Ефешаните 5:3, 4).

  • „Усмртете го она што е земно во вашите делови на телото: блудот, нечистотијата, сексуалната страст, лошата желба и лакомоста“ (Колошаните 3:5).

Овие начела јасно го осудуваат „блудот“ (половите односи меѓу лица што не се во брак), „нечистотијата“ (израз што се однесува на сите видови нечисти морални постапки) и „сексуалната страст“ (израз што се однесува на страст која лесно може да води до непристојно однесување, а не на природните сексуални желби што можат да се задоволат во бракот).

Прашај се:

  • Зошто праќањето разголени слики е еден вид „нечистотија“?

  • Како секстингот ја разгорува „сексуалната страст“?

  • Зошто желбата да се гледаат и да се праќаат разголени фотографии може да се нарече ,лоша желба‘?

Следниве библиски стихови ни даваат уште посилна причина зошто да немаме ништо со секстингот.

  • „Дај сѐ од себе за да стекнеш признание од Бог, да бидеш работник кој нема од што да се срами“ (2. Тимотеј 2:15).

  • „Вашите дела нека бидат свети и по нив нека се види дека сте му оддадени на Бог“ (2. Петрово 3:11).

Овие зборови ни покажуваат кој ќе биде исходот ако некој е чист во морален поглед. Ако се трудиш да бидеш морално чист, нема да има потреба да се плашиш дека еден ден ќе зажалиш за твоите непромислени постапки (Галатите 6:7).

Размисли за следново:

  • Каква личност сум?

  • Дали би сакал заради моите постапки некој да биде на лош глас?

  • Би сакал ли да се забавувам на туѓа сметка, без разлика на тоа што некој би можел да биде повреден?

  • Како може секстингот да ми ја уништи репутацијата?

  •  Како може секстингот да ја поткопа довербата што мајка ми и татко ми ја имаат во мене?

ВИСТИНСКА ПРИКАЗНА: „Една моја другарка имаше тајна врска со едно момче. По некое време, таа му прати слика на која беше разголена, а и тој ѝ прати таква слика од себе. Не поминаа ни два дена кога татко ѝ реши да ѝ го провери мобилниот. Кога ги виде сликите, беше шокиран. Потоа, зборуваше со неа, и таа му призна сѐ. Знам дека ѝ е криво за тоа што го направи, но нејзините родители беа многу повредени и разочарани. Прашање е дали некогаш повторно ќе имаат доверба во неа.“

Факт: Секстингот го понижува и оној што ги праќа сликите и оној што ги прима. „Кога ќе помислам што правев, се згрозувам од себе“, вели една тинејџерка која под притисок од својот дечко му праќала разголени слики.

Поради тоа што секстингот може многу лошо да влијае врз тебе и врз другите, а може да има и правни последици, би било добро да ги земеш предвид следниве библиски совети:

 Што би направил ти?

Прочитај што ѝ се случило на една девојка по име Џенет и размисли за советите што ги спомнавме претходно. Што би направил ти да си на нејзино место?

Еднаш запознав едно момче и си ги разменивме броевите. Уште првата седмица бараше да му пратам слики на кои сум во бикини“ (Џенет).

Што мислиш, како би требало да постапи Џенет? Што би направил ти?

  • А) Џенет би можела да си рече: ,Нема ништо лошо во тоа. И така ако сме на плажа ќе ме види во бикини‘.

  • Б) Џенет би можела да си рече: ,Зошто сака да му пратам таква слика? А да му пратам слика на која не сум толку разголена за да видам што ќе рече?‘

  • В) Џенет би можела да си рече: ,Овој изгледа мисли само на секс. Ќе ја избришам пораката‘.

Опцијата под В е најдобра, нели? Во Библијата пишува: „Паметниот човек го гледа злото и се трга, а глупавите одат понатаму и ја трпат казната“ (Изреки 22:3).

Многу млади се впуштаат во секстинг и други облици на непримерно однесување поради влијанието од своите другари. Дали мудро избираш со кого се дружиш? (Изреки 13:20). Една девојка по име Сара вели: „Дружи се со оние што знаеш дека нема да се однесуваат непристојно“. И друга млада девојка по име Делија се согласува со неа. Таа вели: „Некои што ти се прават пријатели, не се трудат да ти помогнат да го зачуваш својот морал, туку да го изгубиш. Ако тие прават работи што Бог не ги одобрува, и тебе ќе те наведат да постапуваш неисправно. Дали навистина сакаш да ти се случи тоа?“