Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Јеховини сведоци

македонски

МЛАДИТЕ ПРАШУВААТ

Што можам да направам во врска со сексуалното вознемирување?

Што можам да направам во врска со сексуалното вознемирување?

 Што е сексуално вознемирување?

Во сексуално вознемирување спаѓа секој вид несакано однесување од сексуален карактер — вклучувајќи допирање, па дури и дофрлање коментари со сексуален призвук. Но, понекогаш може да биде нејасна границата меѓу шегување, флертување и сексуално вознемирување.

Знаеш ли која е разликата меѓу овие три работи? Пополни го нашиот  тест за сексуално вознемирување и дознај!

За жал, сексуалното вознемирување не е присутно само во училиштата. Но, ако сега научиш што да правиш кога некој те вознемирува, ќе знаеш што да правиш и ако еден ден тоа ти се случи на работа. А, така можеби ќе спречиш и некој друг да биде повреден!

 Што да правам ако некој ме вознемирува?

Поголеми се шансите да спречиш некој сексуално да те вознемирува ако знаеш што е сексуално вознемирување и како да реагираш! Да разгледаме три ситуации и види што би можел да направиш во секоја од нив.

СИТУАЦИЈА:

На работа, некои колеги кои беа многу постари од мене нонстоп ми велеа колку сум убава и колку би сакале да се 30 години помлади. Еден од нив дури ми се приближи одзади и ми ја помириса косата!“ (Табита, 20).

Табита можела да си мисли: ,Можеби ќе ме остави на мира ако го игнорирам и ако го трпам некое време.‘

Зошто тоа веројатно нема да помогне: Експертите велат дека кога жртвите го игнорираат сексуалното вознемирување, тоа обично продолжува, па дури и се влошува.

Предлог: Не молчи, туку смирено, но јасно, кажи му на оној што те вознемирува дека нема да ги толерираш неговите зборови или постапки. „Ако некој ме чепка непристојно“, вели 22-годишната Тарин, „му се свртувам и му велам да не му се случи уште еднаш. Така обично го фаќам на препад.“ Ако некој не те остава на мира, биди цврст и не се откажувај. Во врска со високиот морал, Библијата нѐ советува ,да бидеме цврсти, да станеме зрели‘ (Колошаните 4:12).

А што ако оној што те вознемирува ти се заканува дека ќе те повреди? Во таков случај, не се расправај. Замини си што е можно побрзо и побарај помош од некој возрасен во кого имаш доверба.

СИТУАЦИЈА:

Кога бев шесто одделение, две девојки ме зграпчија во ходникот. Едната беше лезбејка и сакаше да излезам со неа. Иако ја одбив, продолжија да ми додеваат секој ден на одморите. Еднаш дури ме залепија за ѕидот!“ (Викторија, 18).

Викторија можела да си мисли: ,Ако кажам некому за ова, ќе ме сметаат за кукавица, а можеби и никој нема да ми верува‘.

Зошто таквото размислување веројатно немало да помогне: Ако не кажеш никому, напасникот може да продолжи да те вознемирува, па дури да вознемирува и други (Проповедник 8:11).

Предлог: Побарај помош. Родителите и наставниците можат да ти помогнат да му ставиш крај на вознемирувањето. Но, што ако луѓето ти велат да не правиш голема работа од тоа? Би можел да го направиш ова: Секој пат кога некој те вознемирува, запиши ги деталите. Запиши ги датумот, времето и местото кога се случило тоа, а и она што го рекол напасникот. Потоа препиши ги тие податоци на друг лист и дај му го на родителот или на наставникот. Многу луѓе посериозно го сфаќаат она што е ставено на хартија отколку нешто што им е само кажано.

СИТУАЦИЈА:

Многу ми беше страв од еден школски кој играше за училишниот рагби тим. Беше огромен — висок речиси два метра и тежок 135 килограми! Си имаше зацртано во глава дека мора ,да ме има‘. Ми досадуваше речиси секој ден — цела година. Еднаш останавме сами во училницата и почна да ми се приближува. Веднаш скокнав на нозе и истрчав низ вратата“ (Џулиета 18).

Џулиета можела да си мисли: ,Машки — сите се исти‘.

Зошто тоа веројатно нема да помогне: Тешко дека оној што ти досадува ќе се смени ако сите околу него мислат дека не прави ништо лошо.

Предлог: Кога некој те вознемирува, немој да се правиш дека тоа не е ништо страшно и немој да се смееш на постапките на напасникот. Подобро јасно покажи му со твојата реакција — вклучувајќи ги и изразите на лицето — до каде може да оди.

 Како би постапил?

ВИСТИНСКА ПРИКАЗНА 1:

Не сакам да бидам груба со луѓето. Затоа, дури и кога ќе се случеше некое момче да ми досадува, ќе му речев да прекине — но не бев цврста и обично се смешкав кога зборував со него. Така момчињата си мислеа дека флертувам со нив“ (Табита).

  • Како би постапил ти да беше на местото на Табита? Зошто?

  • Зошто некој би можел да помисли дека флертуваш со него?

ВИСТИНСКА ПРИКАЗНА 2:

Сѐ почна со само неколку непристојни коментари од некои момчиња на час по физичко. Неколку седмици ги игнорирав, но стануваше сѐ полошо. Тогаш почнаа да седнуваат до мене и да ме прегрнуваат. Ги туркав, но тие упорно продолжуваа. Еден од нив ми даде ливче со навредлива порака. Му го дадов на наставникот. Момчето беше исфрлено од училиштето. Сфатив дека требаше да отидам кај наставникот уште во почетокот!“ (Сабина).

  • Што мислиш, зошто Сабина порано не одлучила да оди кај наставникот? Според тебе, дали тоа било добра одлука? Зошто мислиш така?

ВИСТИНСКА ПРИКАЗНА 3:

Брат ми Грег бил во тоалетот. Дошол еден дечко, застанал близу до него и му рекол: ,Баци ме‘. Грег му рекол ,не‘, но тој не сакал да го остави. На крајот, Грег морал да го оттурне“ (Сузан).

  • Според тебе, дали Грег бил жртва на сексуално вознемирување? Зошто мислиш така?

  • Што мислиш, зошто некои момчиња не сакаат да кажат кога сексуално ги вознемирува друго момче?

  • Го одобруваш ли начинот на кој Грег реагирал? Што би направил ти?