Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Јеховини сведоци

македонски

Како да ја стекнам довербата на родителите?

Како да ја стекнам довербата на родителите?

Што да направиш

Размисли: Општо земено, дали со своето однесување им даваш на твоите родители причина да немаат доверба во тебе?

На пример, апостол Павле напишал: „Сакаме во сѐ да постапуваме чесно“ (Евреите 13:18). Прашај се: ,Дали искрено им кажувам на родителите каде одам и што правам?‘

Избери име за да прочиташ вистинска приказна.

 Лора  Бети

 Лора

Скришно се допишував на Интернет со едно момче што ми се допаѓаше. Родителите дознаа и ми рекоа да престанам. Им ветив дека ќе престанам, но не го сторив тоа. Така терав цела година. Родителите ќе ми фатеа некоја порака, јас ќе се извинев и ќе им ветев дека ќе прекинам, но потоа пак си терав по старо. Работите дојдоа дотаму што веќе за ништо не ми веруваа!

Што мислиш, зошто родителите на Лора ја изгубиле довербата во неа?

Да беше Лора твоја ќерка, што ќе направеше и зошто?

Како можела Лора да постапи поодговорно уште првиот пат кога родителите зборувале со неа?

 Бети

Родителите немаа доверба во мене кога бев со машки, но сега ми е јасно зошто. Флертував со две-три момчиња кои беа две години постари од мене. Со часови киснев на телефон со нив, а на забавите не зборував речиси со никој друг. Родителите ми забранија цел месец да зборувам по телефон и не ме пуштаа да одам таму каде што одеа тие момчиња.

Да беше Бети твоја ќерка, што ќе направеше и зошто?

Дали сметаш дека забраните што ѝ ги дале родителите се неразумни? Зошто?

Што можела да направи Бети за повторно да ја стекне довербата на родителите?

Да се поврати довербата

Што можеш да направиш

Преодната фаза до возрасен човек во кого може да се има доверба е како скала по која се качуваш во текот на твоите тинејџерски години, и тоа скалило по скалило

Прво, размисли на што мораш да работиш за родителите да имаат поголема доверба во тебе.

  • Да си доаѓам навреме
  • Да си стојам на зборот
  • Да бидам точен
  • Паметно да ги трошам парите
  • Да си ги завршувам обврските
  • Да станувам наутро без кенкање
  • Да си ја чистам собата
  • Да ја кажувам вистината
  • Да не претерувам со телефонот или компјутерот
  • Да си ги признаам грешките и да се извинам
  • Друго

Второ, постави си за цел да им покажеш на родителите дека може да ти веруваат во овие работи. Послушај го библискиот совет: „Соблечете [ја] старата личност, обликувана според вашиот поранешен начин на живот“ (Ефешаните 4:22). Со текот на времето, другите, вклучувајки ги и твоите родители, ќе го видат твојот напредок (1. Тимотеј 4:15).

Трето, разговарај со своите родители за целта што си ја постави. Наместо да се жалиш и да тврдиш дека тие треба да имаат поголема доверба во тебе, со почит прашај ги што треба ти да направиш за да ја стекнеш нивната доверба.

Предупредување: Не очекувај родителите веднаш да ти ги укинат ограничувањата. Тие сигурно ќе сакаат да се уверат дека ќе си стоиш на зборот. Затоа, покажи им дека можат да ти веруваат. Со текот на времето, веројатно ќе стекнат поголема доверба во тебе и ќе ти дадат поголема слобода. Така било во случајот на Бети, која ја спомнавме погоре. Таа вели: „Многу потешко е да се стекне отколку да се изгуби довербата. Гледам дека сега моите родители имаат поголема доверба во мене, и многу ми е убаво поради тоа!“

Заклучок: Колкава доверба ќе имаат во тебе родителите зависи од тоа колку си покажал дека може да ти веруваат.