Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Јеховини сведоци

македонски

МЛАДИТЕ ПРАШУВААТ

Што да правам ако ме малтретираат?

Што да правам ако ме малтретираат?

Насилството меѓу младите може да има страшни последици. Според едно истражување од Британија, повеќе од 40 отсто од децата и младите во оваа земја, за чие самоубиство известиле медиумите, посегнале по својот живот, меѓу другото, поради тоа што биле малтретирани од своите врсници.

 Што вклучува малтретирањето меѓу младите?

Малтретирањето меѓу младите не вклучува само физичко насилство. Тоа може да вклучува и:

  • Вербално малтретирање. Женските знаат да бидат многу сурови“, вели Селин (20). „Никогаш нема да заборавам како ме нарекуваа и што сѐ ми зборуваа. Поради нив се чувствував безвредна, отфрлена и неспособна. Полесно ќе ми беше да ме тепаа.

  • Отфрлање од друштвото. Децата со кои одев во школо почнаа да ме избегнуваат“, вели Хејли (18). „За време на големиот одмор се правеа дека нема место до нив на масата. Цела учебна година јадев сама и плачев.

  • Сајбер малтретирање. Даниел (14) вели: „Со само неколку притискања на тастатурата можеш некому да му го уништиш угледот, па дури и животот. Можеби звучи претерано, ама вистина е!“ Сајбер малтретирањето вклучува и испраќање безобразни слики или пораки преку мобилен.

 Зошто некои млади ги малтретираат другите?

Еве некои вообичаени причини:

  • И самите некогаш биле малтретирани. Преку глава ми беше постојано да им бидам мета на врсниците кои ме задеваа и понижуваа. Сакав да бидам прифатен, па затоа и јас почнав да малтретирам други деца. По некое време сфатив колку погрешно беше тоа“, признава Антонио.

  • Имаат лош пример во семејството. Во својата книга Џеј Мекгроу пишува: „Честопати насилните деца постапуваат со другите... на ист начин како што постапуваат нивните родители, постарите браќа и сестри или некој друг роднина“ (Life Strategies for Dealing With Bullies).

  • Се прават силни, но всушност се кукавици. Барбара Колоросо во својата книга пишува: „Децата што ги малтретираат другите се прават силни, но тоа честопати е само маска зад која се кријат длабока болка и чувство на безвредност“ (The Bully, the Bullied, and the Bystander).

 Кој е најчесто жртва на малтретирање?

  • Оние што обично се сами. Младите на кои им е тешко да се вклопат во друштвото и се изолираат од другите стануваат лесен плен за насилните деца.

  • Оние што се поразлични од другите. Некои деца стануваат жртви на насилниците поради нивниот изглед, раса, религија или поради некој хендикеп — што и да е поради кое може да бидат понижувани и исмејувани.

  • Оние што немаат самодоверба. Насилниците можат да насетат кога некој има лошо мислење за себе. Овие млади најчесто стануваат лесна жртва бидејќи насилниците не им се плашат.

 Што можеш да направиш ако ти си жртва?

  • Не паѓај на провокацијата. Тие што ги малтретираат врсниците се задоволни кога ќе видат дека успеале да те повредат“, вели една девојка по име Кајли. „Ако не обрнуваш внимание, нема да им бидеш интересен и ќе те остават на мира.“ Во Библијата пишува: „Оној што е мудар, останува мирен до крајот“ (Изреки 29:11).

  • Не враќај мило за драго. Ако гледаш да се одмаздиш, тоа само ќе ги влоши работите. Во Библијата пишува: „Никому не враќајте зло за зло“ (Римјаните 12:17; Изреки 24:19).

  • Биди претпазлив. Колку што можеш избегнувај ги насилниците и ситуациите во кои би можел да станеш нивна жртва (Изреки 22:3).

  • Изненади ги со твојата реакција. Во Библијата стои: „Благиот одговор го смирува гневот“ (Изреки 15:1).

  • Сврти ја работата на шега. На пример, ако некој те задева заради твојата тежина, можеш да се пошегуваш и да речеш: „Е добро де, од вишок глава не боли“ или „Не сум јас дебел, блузата ми се смалила во перење“.

  • Замини си. Ако си заминеш без збор, ќе покажеш дека си зрел и посилен од оној што те малтретира“, вели Нора (19). „Така ќе покажеш дека имаш нешто што насилникот го нема — самоконтрола.

  • Стекни поголема самодоверба. Ако насилниците забележат дека се плашиш од нив, ќе го искористат тоа за до крај да ти ја уништат самодовербата“, вели Рита.

  • Побарај помош. Според една анкета, повеќе од половина од жртвите кои се малтретирани преку Интернет не кажуваат никому што им се случува. Некои, а особено машките, го кријат тоа можеби поради срам или поради страв од одмазда. Но, имај на ум дека, ако не ги кажеш насилниците, тие ќе добијат уште поголема сила. Од друга страна, ако ги разоткриеш ќе го направиш првиот чекор со кој ќе му ставиш крај на кошмарот низ кој минуваш.