Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Јеховини сведоци

македонски

МЛАДИТЕ ПРАШУВААТ

Љубов или пријателство? — Втор дел: Какви сигнали испраќам?

Љубов или пријателство? — Втор дел: Какви сигнали испраќам?

Сакаш да бидеш тука за пријателите кога им требаш. Но во последно време со еден од нив зборувате прилично често. Единствен проблем е што тој пријател е од спротивниот пол. Можеби си велиш: „Па ние сме другари“, и претпоставуваш дека и тој го мисли истото. Има ли тука нешто што не е во ред?

 Што може да се случи

Не е погрешно да имаш пријатели од спротивниот пол. Но, што ако со некого од нив стануваш посебно близок? Во тој случај, може да му оставиш впечаток дека сакаш нешто повеќе од пријателство.

Немаше таква намера? Разгледај неколку начини како може да дојде до тоа, дури и без да си имал намера.

  • Некому посветуваш преголемо внимание.

    „Иако не зависи само од тебе како некој ќе се чувствува, не е во ред да разгоруваш нечии чувства така што од една страна тврдиш дека сте само пријатели а од друга страна постојано му се јавуваш и зборуваш со него“ (Сиера).

  • Возвраќаш на нечие внимание.

    „Никогаш не бев првиот што пишува, ама одговарав на секоја порака од една девојка, а ги имаше многу. После тоа беше тешко да ја убедам дека ја гледам само како другарка“ (Ричард).

  • Намерно привлекуваш нечие внимание.

    „За некои, флертувањето не е ништо сериозно. Си играат со туѓите чувства иако немаат намера да започнат сериозна врска. Сум го видела тоа многу пати, и на крајот секогаш има повредени чувства“ (Тамара).

Заклучок: Ако редовно контактираш и му посветуваш внимание на некого, му даваш причина да мисли дека му се свиѓаш.

 Зошто не е сеедно

  • Го повредуваш другиот.

    Библијата вели: „Од предолго исчекување се разболува срцето“ (Изреки 13:12). Што би очекувал ти од некој што постојано ти покажува дека му се свиѓаш?

    „Има една фраза: ,Го држи на јадица‘. Смислата е дека рибата се фатила за мамката, ама ти ниту ја ослободуваш ниту ја земаш. Истото може да се случи и во едно пријателство. Ако не планираш сериозна врска со некого ама ,го држиш на јадица‘, ќе му нанесеш голема болка“ (Џесика).

  • Си стекнуваш лошо име.

    Библијата вели: „Не грижете се само за себе туку и за другите“ (Филипјаните 2:4). Со која особина би го опишал оној што мисли само на себе? На каков глас ќе биде кај другите?

    „Момчињата што флертуваат со девојките ми се одбивни. Тоа што некој флертува може да биде знак дека ќе биде неверен во бракот. Многу е себично да си играш со некого само за да ти се крене цената“ (Џулија).

Заклучок: Оние што флертуваат без намера да започнат врска ги повредуваат и другите и себеси.

 Што можеш да направиш

  • Библијата вели да ги гледаме „помладите мажи како браќа“, а „помладите жени како сестри — со сета чистота“ (1. Тимотеј 5:1, 2). Ако се придржуваш за овој принцип, ќе успееш да ги зачуваш пријателствата со лицата од спротивниот пол.

    „Да бев во брак, никогаш не би флертувала со нечиј брачен другар. Затоа уште сега, кога не сум во брак, вежбам да си ставам граници во однесувањето со спротивниот пол“ (Лија).

  • Библијата вели: „Многуте зборови не остануваат без грев“ (Изреки 10:19). Ова начело се однесува не само на разговорите туку и на пораките. Важно е колку често комуницираш и што праќаш.

    „Не гледам зошто некој би се допишувал со девојка секој ден освен ако не планира врска со неа“ (Брајан).

  • Библијата вели: „Мудроста одозгора пред сѐ е чиста“ (Јаков 3:17). Една прегратка може да биде пријателска, но може да покажува и нешто друго.

    „Сакам да сум слободна и расположена кога разговарам со другите, ама сепак држам одредена дистанца“ (Марија).

Заклучок: Добро размисли како се однесуваш со спротивниот пол. Џенифер вели: „Добрите пријателства тешко се стекнуваат, и штета е да ги изгубиш затоа што испраќаш мешани сигнали“.

 Некои предлози

  •  Обрни внимание на коментарите од другите. Ако некој ти рече: „Да не сте во врска вие двајца?“, тоа може да биде знак дека сте станале преблиски.

  •  Однесувај се исто со сите пријатели од спротивниот пол. Немој на една личност да ѝ посветуваш поголемо внимание отколку на другите.

  • Внимавај со пораките — особено колку често пишуваш, што содржат и во кое време ги праќаш. „Нема потреба да праќаш пораки на некој од спротивниот пол среде ноќ“, вели Алиса.

Види и...

МЛАДИТЕ ПРАШУВААТ — РАБОТНИ ЛИСТОВИ

Постави граници

Преземи

Нешто повеќе

МЛАДИТЕ ПРАШУВААТ

Љубов или пријателство? — Прв дел: Какви сигнали добивам?

Прочитај како може да дознаеш дали некому му се допаѓаш или те смета само за пријател.