Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Јеховини сведоци

македонски

МЛАДИТЕ ПРАШУВААТ

Љубов или пријателство? — Прв дел: Какви сигнали добивам?

Љубов или пријателство? — Прв дел: Какви сигнали добивам?

Многу ти се допаѓа една личност од спротивниот пол, а по сѐ изгледа и ти ѝ се допаѓаш. Зошто инаку цело време си пишувате, секогаш сте заедно на забавите и некои пораки повеќе од јасно покажуваат дека меѓу вас има нешто повеќе?

За да се осигураш дека и другиот го чувствува истото, одлучуваш да зборуваш со него. И тогаш го добиваш одговорот: „Јас те гледам само како пријател — ништо повеќе“.

 Какво е чувството

„Бев страшно лута — и на него и на себе! Си пишувавме секој ден и се гледаше дека му се свиѓам. Нормално е што ми се појавија чувства кон него“ (Јасмина).

„Јас и една девојка често им правевме друштво на едни наши пријатели што беа во врска. По некое време имав чувство како и ние да сме во врска. Многу разговаравме, а почнавме и често да си пишуваме. Не можев да си поверувам кога ми кажа дека сме само пријатели и дека е во врска со некој друг“ (Ричард).

„Едно момче ми пишуваше секој ден, а понекогаш имаше и малку флерт меѓу нас. Но, кога му кажав што чувствувам кон него, се насмеа и рече: ,Во моментов воопшто не сум спремен за врска‘. После тоа, долго време плачев“ (Тамара).

Заклучок: Ако мислиш дека со некого сте повеќе од пријатели, но потоа дознаеш дека тоа биле само твои чувства, нормално е да бидеш лут и засрамен, па дури и да се чувствуваш изневерено. Стивен вели: „Кога ми се случи тоа, бев скршен и многу повреден. Долго време не можев да ѝ верувам на ниту една девојка“.

 Зошто се случува

Преку пораките и социјалните мрежи многу лесно можеш емоционално да се приврзеш кон некој што не чувствува ништо кон тебе. Да видиме што велат некои млади.

„Можеби некој ти пишува само затоа што му е досадно, а тебе ти изгледа дека се интересира за тебе. Уште ако ти пишува секој ден, тогаш лесно може да дојдеш до погрешен заклучок дека многу му се допаѓаш“ (Џенифер).

„Се случува едниот искрено да сака да почне врска, а на другиот само да му треба некој за разговор, некој што ќе направи да се чувствува посамоуверено“ (Џејмс).

„Една обична порака од типот ,добра ноќ‘ некој може да ја сфати како романтична порака, а всушност, оној што ја испратил да е само љубезен како и секој друг“ (Хејли).

„Едно смајли може да биде и знак на љубезност и знак на флерт. Понекогаш, оној што го добива автоматски помислува дека е флерт“ (Алисија).

Заклучок: Немој да мислиш дека некој е вљубен во тебе само затоа што е љубезен со тебе.

„Лесно е да се каже“, можеби ќе речеш. И во право си. Библијата вели: „Срцето е поизмамливо од сѐ друго и е готово на сѐ“ (Еремија 17:9). Романтичните фантазии предизвикани од чувствата на заљубеност се како кула од карти која ќе се распадне во моментот кога ќе сфатиш дека постоела само во твоите соништа.

 Што можеш да направиш

  • Биди реален. Пред да донесеш некаков заклучок, добро размисли за вашиот меѓусебен однос. Прашај се: „Дали имам цврста основа да мислам дека со мене се однесува поинаку отколку со другите?“ Не дозволувај чувствата да ти го поматат разумот (Римјаните 12:1).

  • Биди прониклив. Од сите знаци што наводно покажуваат дека се работи за повеќе од пријателство, најмногу обрни внимание на оние знаци за кои не си сосема сигурен што значат. Не претпоставувај дека само затоа што ти чувствуваш нешто кон некого, и тој го чувствува истото кон тебе.

  • Биди стрплив. Сѐ додека некој јасно не ти каже дека сака да почнете врска, немој да вложуваш премногу во вашиот однос за да не се разочараш.

  • Биди искрен. Библијата вели дека има „време за зборување“ (Проповедник 3:7). Ако сакаш да дознаеш дали некој гледа во тебе повеќе од пријател, зборувај со него отворено. Една девојка по име Валерија вели: „Ако чувствата не се обострани, подобро е да бидеш малку повреден во почетокот отколку така да продолжиш со месеци и на крајот да сфатиш дека другиот не чувствувал ништо за тебе“.

Заклучок: Во Изреки 4:23 пишува: „Чувај си го срцето“. Ако некој многу ти се допаѓа, прво дознај дали и ти му се допаѓаш нему. Предвреме да развиеш романтични чувства кон некого е исто како да се обидуваш да засадиш растение на карпа.

Ако откриеш дека другиот сепак има чувства кон тебе, и ако си доволно возрасен и спремен за врска, тогаш останува на тебе да одлучиш во кој правец ќе оди вашиот однос. Запомни, за еден брак да биде цврст, и мажот и жената треба да имаат исти духовни цели и да бидат отворени и искрени еден со друг (1. Коринќаните 7:39). Всушност, тие несомнено почнале како добри пријатели, а тоа продолжиле да бидат и во бракот (Изреки 5:18).

Види и...

МЛАДИТЕ ПРАШУВААТ — РАБОТНИ ЛИСТОВИ

Само пријатели или нешто повеќе?

Преземи

Нешто повеќе

МЛАДИТЕ ПРАШУВААТ

Љубов или пријателство? — Втор дел: Какви сигнали испраќам?

Можно ли е некој твој пријател од спротивниот пол да си помисли дека ти се свиѓа? Размисли за следниве предлози.