Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Јеховини сведоци

македонски

МЛАДИТЕ ПРАШУВААТ

Дали тој е за мене?

Дали тој е за мене?

Дали си нашла некој кој може да ти биде добар брачен партнер? Ако да, како можеш да знаеш дали тој е вистинскиот за тебе? *

Важно е да ги видиш работите што не можат да се видат на прв поглед. Ако една девојка е убава не значи дека можеш да имаш доверба во неа или ако еден дечко е популарен не значи дека има висок морал. Сепак, ти бараш некој со кого ќе се чувствуваш убаво — некој што ти одговара по карактер и има слични цели како тебе (1. Мојсеева 2:18; Матеј 19:4-6).

Гледај зад очигледното

Размисли објективно за оној што ти се допаѓа. Но, внимавај! Можеби ќе бидеш склона да го гледаш само она што сакаш да го видиш. Затоа, не брзај. Обиди се да го видиш онаков каков што навистина е.

Многумина што се во врска го гледаат кај другиот само она што може да се види на прв поглед. На пример, веднаш ги наведуваат работите што им се заеднички: ‚Сакаме иста музика‘. ‚Сакаме исти работи.‘ ‚Во сѐ се согласуваме!‘ Но, треба да го видиш и она што не паѓа веднаш в очи. Треба да го запознаеш „тајниот човек на срцето“ (1. Петрово 3:4; Ефешаните 3:16). Наместо да се концентрираш на тоа колку добро се согласувате во некои работи, можеби повеќе ќе откриеш ако обрнеш внимание на тоа што се случува кога не се согласувате во нешто.

На пример, размисли за следниве прашања:

  • Како реагира кога ќе се спречкате за нешто? Дали инсистира да биде по негово и дали при тоа има „изливи на гнев“ или користи ‚погрден говор‘? (Галатите 5:19, 20; Колошаните 3:8). Или, пак, е разумен, односно спремен да попушти за да има мир кога станува збор за работи во кои не се кршат некои начела? (Јаков 3:17).

  • Дали манипулира со луѓето? Дали е посесивен? Дали е љубоморен? Дали бара да му кажеш сѐ што правиш? „Знам некои парови што се во врска и се караат затоа што едниот од нив не може да ја поднесе помислата дека другиот не му се јавува да му каже каде бил и што правел“, вели една девојка по име Никол. „Мислам дека тоа е лош знак“ (1. Коринќаните 13:4).

  • Што мислат другите за него? Ќе биде добро да разговараш со оние што веќе подолго го познаваат, на пример, со некој од зрелите браќа и сестри во неговото собрание. Така ќе дознаеш дали за него ‚се зборува добро‘ (Дела 16:1, 2).

^ пас. 3 Во оваа статија ќе користиме женски род, но начелата важат и за девојките и за момчињата.