Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Јеховини сведоци

македонски

Зошто Исус умрел?

Зошто Исус умрел?

Што вели Библијата:

Исус умрел за да им бидат простени гревовите на луѓето и да можат да добијат вечен живот (Римјаните 6:23; Ефешаните 1:7). Со смртта на Исус исто така се докажало дека луѓето можат да му останат верни на Бог дури и кога се соочуваат со екстремно тешки искушенија (Евреите 4:15).

Да видиме што се постигнало со тоа што Исус умрел.

  1. Исус умрел за да ни бидат простени гревовите (Колошаните 1:14).

    Првиот човек, Адам, бил создаден како совршен, односно без грев. Меѓутоа, тој свесно му згрешил на Бог. Непослушноста на Адам, односно гревот што го направил, се одразила врз сите негови потомци. Библијата вели: „Преку непослушноста на еден човек мнозина станаа грешници“ (Римјаните 5:19).

    И Исус бил совршен како Адам, но никогаш не згрешил. Затоа можел да биде „жртва помирница за нашите гревови“ (1. Јованово 2:2). Исто како што Адам со својата непослушност му пренел грев на целото човештво, така Исус со својата смрт ги избавил од гревот сите оние што веруваат во него.

    Може да се каже дека Адам го продал човештвото во грев, а Исус го откупил така што го дал животот за нас. Благодарение на тоа, „ако некој и направи грев, имаме помошник кај Таткото — Исус Христос, праведникот“ (1. Јованово 2:1).

  2. Исус умрел „за секој што верува во него да не биде уништен, туку да има вечен живот“ (Јован 3:16).

    Иако Адам бил создаден за да живее вечно, поради тоа што згрешил добил смртна казна. Библијата вели: „Преку еден човек [Адам] гревот влезе во светот и преку гревот смртта, и така смртта се прошири на сите луѓе, зашто сите згрешија“ (Римјаните 5:12).

    Од друга страна, со смртта на Исус не само што бил победен гревот туку била поништена и смртната казна за сите што покажуваат вера во него. Библијата го објаснува тоа на следниов начин: „За да може незаслужената доброта да царува преку праведноста, исто како што гревот царуваше заедно со смртта, за да можат луѓето да добијат вечен живот преку Исус Христос, нашиот Господар“ (Римјаните 5:21).

    Се разбира, денес луѓето сѐ уште имаат ограничен животен век. Сепак, Бог ветува дека ќе им даде вечен живот на праведните луѓе и ќе ги воскресне мртвите за да можат и тие да ги почувствуваат благословите од жртвата што ја дал Исус, односно неговата смрт (Псалм 37:29; 1. Коринќаните 15:22).

  3. Исус станал „послушен сѐ до смртта“ и со тоа докажал дека луѓето можат да му останат верни на Бог сеедно со каков испит или искушение ќе се соочат (Филипјаните 2:8).

    Иако имал совршен ум и совршено тело, Адам му згрешил на Бог со тоа што себично посегнал по нешто што не му припаѓало (1. Мојсеева 2:16, 17; 3:6). Подоцна, главниот непријател на Бог, Сатана, тврдел дека ниту еден човек нема да му остане верен на Бог, особено ако му е загрозен животот (Јов 2:4). Сепак, совршениот Исус му останал послушен и верен на Бог, и покрај тоа што поминал низ понижувачка и болна смрт (Евреите 7:26). Со тоа, еднаш засекогаш се докажало дека луѓето можат да му останат верни на Бог под какви и да било испити или искушенија.

Прашања во врска со смртта на Исус

  • Зошто Исус морал да страда и да умре за да го откупи човештвото? Зошто Бог едноставно не ја укинал смртната казна?

    Божјиот закон вели дека „платата за гревот е смрт“ (Римјаните 6:23). Бог јасно му ставил до знаење на Адам дека казната за непослушност е смрт (1. Мојсеева 3:3). Кога Адам згрешил, Бог, „кој не може да лаже“, си останал на зборот (Тит 1:2). На своите потомци Адам им го пренел не само гревот туку и последиците од гревот, односно смртта.

    Бидејќи се грешни, луѓето заслужуваат смрт. Сепак, Бог им покажал „незаслужена доброта“ (Ефешаните 1:7). Тоа што го направил Бог за да го откупи човештвото — го испратил Исус да го даде својот совршен живот како жртва — е израз на неговата возвишена правда и неизмерна милост.

  • Кога умрел Исус?

    Исус умрел на денот на еврејската Пасха во „деветтиот час“ по изгревањето на сонцето, односно околу 15 часот (Марко 15:33-37, фуснота). Според денешниот календар, тоа се случило во петок на 1 април 33 год. од н.е.

  • Каде умрел Исус?

    Исус бил погубен „на местото наречено Череп, кое на хебрејски се вика Голгота“ (Јован 19:17, 18). Во времето на Исус, тоа место се наоѓало „надвор од градските порти“ на Ерусалим (Евреите 13:12). Можеби било на некој рид, бидејќи Библијата вели дека некои луѓе го гледале погубувањето на Исус оддалеку (Марко 15:40). Како и да е, денес не може со сигурност да се каже каде точно се наоѓало местото Голгота.

  • Како умрел Исус?

    Иако многу луѓе веруваат дека Исус бил распнат на крст, Библијата вели: „Ги изнесе нашите гревови на дрвото“ (1. Петрово 2:24, Превод на МПЦ). Писателите на Библијата користеле два грчки збора за да опишат на што умрел Исус — ставрос и ксилон. Многу изучувачи дошле до заклучок дека овие зборови означуваат греда или исправен столб, кој се состоел од само едно парче дрво.

  • Како треба да ја одбележуваме смртта на Исус?

    Ноќта за време на еврејската Пасха која се славела еднаш годишно, Исус воспоставил една едноставна прослава додека бил со своите ученици. Тој им рекол: „Правете го ова за мој спомен“ (1. Коринќаните 11:24). Неколку часа подоцна, Исус бил погубен.

    Библиските писатели го споредиле Исус со јагне принесено како жртва на Пасхата (1. Коринќаните 5:7). Исто како што Пасхата ги потсетувала Израелците дека биле ослободени од ропство, така и Спомен-свеченоста по повод смртта на Христос ги потсетува христијаните дека се ослободени од гревот и смртта. Пасхата се одржувала еднаш годишно на 14-тиот ден од месецот нисан според лунарниот календар. Слично на тоа, и христијаните во првиот век ја одбележувале смртта на Исус еднаш годишно.

    Секоја година, на датумот што одговара на 14 нисан, милиони луѓе низ целиот свет се собираат за да ја одбележат смртта на Исус.

Нешто повеќе

ОДГОВОР НА БИБЛИСКИ ПРАШАЊА

Во која смисла жртвата на Исус е „откупнина за мнозина“?

Како може откупнината да нѐ ослободи од гревот?

ШТО НАВИСТИНА УЧИ БИБЛИЈАТА?

Откупнината — најголемиот дар од Бог

Што е откупнината? Од какво значење е таа за тебе?