Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Јеховини сведоци

македонски

Што се ангелите?

Што се ангелите?

Што вели Библијата:

Ангелите се духовни суштества со поголема моќ и поголеми способности од луѓето (2. Петрово 2:11). Тие живеат на небото, односно во духовното подрачје, кое е повисоко ниво на постоење од физичкиот универзум (1. Царевите 8:27; Јован 6:38). Затоа, Библијата понекогаш ги нарекува и духови (1. Царевите 22:21; Псалм 18:10, фуснота).

Од каде потекнуваат ангелите?

Бог ги создал ангелите преку Исус, кого Библијата го нарекува „првороден од сѐ што е создадено“. Во извештајот во кој Библијата опишува како Бог го користел Исус додека создавал, стои: „Преку [Исус] е создадено сѐ на небесата и на земјата, видливо и невидливо“, вклучувајќи ги и ангелите (Колошаните 1:13-17). Ангелите не стапуваат во брак и немаат свое потомство (Марко 12:25). Наместо тоа, секој од овие синови на Бог бил создаден преку Исус (Јов 1:6).

Ангелите биле создадени многу одамна, уште пред да постои Земјата. А кога Бог ја создал Земјата, ангелите воскликнувале од радост (Јов 38:4-7).

Колку вкупно ангели има?

Библијата не наведува точна бројка, но покажува дека нивниот број е огромен. На пример, во едно видение кое го добил од Бог, апостол Јован видел стотици милиони ангели (Откровение 5:11, фуснота).

Дали ангелите се посебни личности со свое име?

Да. Библијата ги наведува имињата на два ангела: Михаел и Гавриел (Даниел 12:1; Лука 1:26). * Некои ангели потврдиле дека имаат лично име, но не го откриле (1. Мојсеева 32:29; Судиите 13:17, 18).

Секој ангел е посебна личност. Ангелите можат да комуницираат еден со друг (1. Коринќаните 13:1). Тие имаат способност да размислуваат и можат да го фалат Бог со свои зборови (Лука 2:13, 14). Освен тоа, имаат право на избор и можат самите да одлучат дали ќе го прифатат доброто или злото. На пример, некои ангели избрале да застанат на страната на Сатана Ѓаволот, кој се побунил против Бог (Матеј 25:41; 2. Петрово 2:4).

Дали има различни рангови на ангели?

Да. Ангелот што има најголема моќ и власт е архангелот Михаел (Јуда 9; Откровение 12:7). Серафимите се ангели на висока положба кои служат во близина на Јеховиниот престол (Исаија 6:2, 6). Херувимите припаѓаат на друг висок ранг ангели кои извршуваат посебни задачи. На пример, влезот на рајската градина од која биле истерани Адам и Ева го чувале херувими (1. Мојсеева 3:23, 24).

Дали ангелите им помагаат на луѓето?

Да, Бог ги користи своите верни ангели за да им помага на луѓето денес.

  • Бог ги користи ангелите за да ги води своите слуги на Земјата додека ја проповедаат добрата вест за Божјето Царство (Откровение 14:6, 7). Оваа помош им користи и на оние што ја проповедаат и на оние што ја слушаат добрата вест (Дела 8:26, 27).

  • Ангелите помагаат христијанското собрание да не биде расипано од злобни луѓе (Матеј 13:49).

  • Ангелите ги водат и ги заштитуваат луѓето што му се верни на Бог (Псалм 34:7; 91:10, 11; Евреите 1:7, 14).

  • Наскоро, ангелите ќе донесат олеснување за човештвото бидејќи ќе се борат заедно со Исус Христос во отстранувањето на сето зло (2. Солуњаните 1:6-8).

Дали секој од нас има свој ангел чувар?

Иако ангелите се грижат за духовното добро на Божјите слуги, тоа не значи дека Бог му доделува личен ангел чувар на секој христијанин * (Матеј 18:10). Ангелите не ги заштитуваат Божјите слуги од секоја неволја или искушение. Библијата покажува дека Бог честопати „ќе направи излез кога ќе дојде искушението“ така што ќе ни ја даде потребната мудрост и сила за да издржиме (1. Коринќаните 10:12, 13; Јаков 1:2-5).

Погрешни верувања за ангелите

Погрешно верување: Сите ангели се добри.

Вистина: Во Библијата се спомнати „злите духовни сили“ и „ангелите кои згрешија“ (Ефешаните 6:12; 2. Петрово 2:4). Овие злобни ангели се демоните, кои му се придружиле на Сатана во побуната против Бог.

Погрешно верување: Ангелите се бесмртни.

Вистина: Злобните ангели, меѓу кои е и Сатана Ѓаволот, ќе бидат уништени (Јуда 6).

Погрешно верување: Луѓето стануваат ангели откако ќе умрат.

Вистина: Ангелите не се воскреснати луѓе, туку посебно Божје творештво (Колошаните 1:16). А оние луѓе што воскреснуваат за живот на небото се наградени со бесмртен живот од Бог (1. Коринќаните 15:53, 54). Тие ќе бидат на повисока положба од ангелите (1. Коринќаните 6:3).

Погрешно верување: Ангелите постојат за да им служат на луѓето.

Вистина: Ангелите ги слушаат Божјите заповеди, а не нашите (Псалм 103:20, 21). Дури и Исус рекол дека би му се обратил на Бог за помош, а не директно на ангелите (Матеј 26:53).

Погрешно верување: Можеме да им се молиме на ангелите за помош.

Вистина: Молитвите до Бог се дел од нашето обожавање, кое му припаѓа само на Јехова Бог (Откровение 19:10). Треба да му се молиме само на Бог, во името на Исус (Јован 14:6).

^ пас. 10 Во Исаија 14:12, во некои преводи на Библијата стои изразот „Луцифер“. Некои сметаат дека тоа е името на ангелот кој подоцна станал Сатана Ѓаволот. Меѓутоа, изворниот хебрејски збор што е употребен овде значи „ти што светиш“. Контекстот на овој стих покажува дека овој израз не се однесува на Сатана, туку на династијата вавилонски цареви што Бог требало да ги понижи поради нивната горделивост (Исаија 14:4, 13-20). Изразот „ти што светиш“ се користел како потсмев за падот на оваа династија.

^ пас. 21 Некои сметаат дека извештајот за ослободувањето на Петар од затвор покажува дека Петар имал свој ангел чувар (Дела 12:6-16). Сепак, кога учениците рекле: „Тоа е неговиот ангел“, можеби помислиле дека пред портата не стои Петар, туку ангел кој бил дојден во негово име.

Нешто повеќе

ОДГОВОР НА БИБЛИСКИ ПРАШАЊА

Треба ли да им се молам на светците?

Дознај на кого треба да му се молиме.

ОДГОВОР НА БИБЛИСКИ ПРАШАЊА

Што се случува кога некој ќе умре?

Дали мртвите се свесни за она што се случува околу нив?