Што е крштавање?
Што вели Библијата:
Крштавањето претставува потполно потопување во вода. a Тоа објаснува зошто Исус се крстил во една поголема река (Матеј 3:13, 16). Исто така, кога еден Етиопјанин требало да се крсти, тој слегол во водата (Дела 8:36-40).
Што означува крштавањето
Библијата го споредува крштавањето со погребување (Римјаните 6:4; Колошаните 2:12). Кога некој ќе се крсти во вода, симболично кажано го погребува својот поранешен начин на живот и започнува нов живот, како христијанин кој му е предаден на Бог. Бог го воспоставил крштавањето и сите чекори што водат до него за да може едно лице да добие чиста совест преку верата во жртвата на Исус Христос (1. Петрово 3:21). Затоа Исус рекол дека неговите ученици мора да се крштаваат (Матеј 28:19, 20).
Дали крштавањето ги чисти гревовите?
Не. Библијата учи дека нашите гревови можат да бидат исчистени само преку крвта што ја пролеал Исус (Римјаните 5:8, 9; 1. Јованово 1:7). За некој да ги добие благословите што ги овозможува жртвата на Исус, треба да има вера во него, да го промени својот начин на живот во склад со неговите учења и да се крсти (Дела 2:38; 3:19).
Што е крштевка?
Зборот „крштевка“ го нема во Библијата. Тој се однесува на церемонијата што се извршува во некои цркви, при што бебето се „крштава“ (така што се попрскува со вода или му се излева вода врз главата) и му се дава име.
Дали во Библијата пишува дека треба да се крштаваат бебиња?
Не, не пишува. Христијанското крштавање е наменето за оние што се доволно возрасни да ја разберат „добрата вест за Божјето царство“ и да поверуваат во неа (Дела 8:12). Пред да дојде до тоа, тие треба да чујат за Божјата Реч, да ја прифатат и да се покаат — работи што едно бебе не може да ги направи (Дела 2:22, 38, 41).
Освен тоа, Библијата покажува дека Бог ги смета малите деца на христијаните за свети, односно чисти во негови очи, бидејќи нивните родители верно му служат (1. Коринќаните 7:14). Ако треба да се крштаваат бебиња, тогаш зошто Бог ги смета за свети на темел на верата на родителите? b
Погрешни мислења во врска со крштавањето
Погрешно мислење: Да се попрска некого со вода или да му се излее вода врз главата е прифатлива замена за целосно потопување во вода.
Вистина: Сите крштавања спомнати во Библијата биле направени со целосно потопување во вода. На пример, кога ученикот Филип го крстил Етиопјанинот, тие слегле во водата, а потоа излегле од неа (Дела 8:36-39). c
Погрешно мислење: Кога вели дека се крштавале цели домаќинства, Библијата укажува на тоа дека биле крштавани и бебиња. На пример, за затворскиот чувар во Филипи пишува: „Се крсти и тој и сите негови“ (Дела 16:31-34).
Вистина: Извештајот за преобраќањето на затворскиот чувар покажува дека оние што се крстиле ја разбрале „Јеховината реч“ и многу се радувале (Дела 16:32, 34). Тоа значи дека, доколку во неговото домаќинство имало бебиња, тие сигурно не биле крстени затоа што не би можеле да ја разберат Јеховината реч.
Погрешно мислење: Исус укажал на тоа дека треба да се крштаваат бебиња кога рекол дека Божјето Царство им припаѓа на децата (Матеј 19:13-15; Марко 10:13-16).
Вистина: Кога го кажал ова, Исус не зборувал за крштавањето. Тој сакал да каже дека во Божјето Царство ќе можат да влезат оние што ќе бидат како деца — понизни и спремни да учат (Матеј 18:4; Лука 18:16, 17).
a Грчкиот збор што е преведен со „крштавање“ го носи значењето „да се потопи“. (Види во Theological Dictionary of the New Testament, том 1, страница 529.)
b Според една енциклопедија, „никаде во Новиот Завет не може да се најде потврда дека биле крштавани новороденчиња“. Во неа пишува дека оваа практика станала сѐ почеста поради „погрешното и преувеличено гледиште за крштавањето“, односно дека крштавањето само по себе ги брише гревовите (The International Standard Bible Encyclopedia, том 1, страници 416-417).
c Во една католичка енциклопедија под поимот „Крштавање (во Библијата)“ стои: „Јасно е дека крштавањето во раното христијанство се извршувало со потопување во вода“ (New Catholic Encyclopedia, том 2, страница 59).