Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Јеховини сведоци

македонски

Што е ковчегот на сојузот?

Што е ковчегот на сојузот?

Што вели Библијата:

Ковчегот на сојузот бил свет ковчег кој го направиле Израелците по заповед на Јехова и според планот што им го дал тој. Во него се чувало „Сведоштвото“, односно двете камени плочи на кои биле напишани Десетте заповеди (2. Мојсеева 25:8-10, 16; 31:18).

  • Како бил направен. Ковчегот бил долг 111 сантиметри, широк 67 сантиметри и висок 67 сантиметри. Бил направен од дрвото акација и обложен однадвор и однатре со злато, а околу работ имал украсен венец од злато. Неговиот поклопец бил направен од чисто злато, со два златни херувима поставени на неговите два краја. Тие биле свртени еден кон друг, и нивните лица гледале кон поклопецот а нивните крилја биле раширени нагоре, покривајќи го поклопецот. Ковчегот имал четири алки од злато прицврстени над ногалките. Низ алките биле провлечени лостови од акација обложени со злато, кои служеле за носење на ковчегот (2. Мојсеева 25:10-21; 37:6-9).

  • Каде се наоѓал. Отпрвин, ковчегот стоел во Светињата над светињите во светиот шатор, кој служел за обожавање и бил направен во исто време како и ковчегот. Светињата над светињите била скриена од очите на свештениците и народот (2. Мојсеева 40:3, 21). Само првосвештеникот можел да влезе во оваа просторија и да го види ковчегот, и тоа еднаш годишно на Денот на очистувањето (3. Мојсеева 16:2; Евреите 9:7). Подоцна, ковчегот бил ставен во Светињата над светињите во храмот што го изградил Соломон (1. Царевите 6:14, 19).

  • За што служел. Во ковчегот се чувале некои свети предмети кои требало да ги потсетуваат Израелците на сојузот, односно договорот што Бог го склучил со нив на гората Синај. Ковчегот исто така имал важна улога во обредот што се извршувал на Денот на очистувањето (3. Мојсеева 16:3, 13-17).

  • Што имало во него. Во ковчегот најпрво биле ставени двете камени плочи со Десетте заповеди (2. Мојсеева 40:20). Подоцна биле ставени и еден златен сад со мана и „Ароновиот расцутен стап“ (Евреите 9:4; 2. Мојсеева 16:33, 34; 4. Мојсеева 17:10). По некое време, златниот сад и расцутениот стап очигледно биле отстранети бидејќи не биле во ковчегот кога Израелците го пренеле во храмот (1. Царевите 8:9).

  • Како бил пренесуван. Ковчегот требало да го носат левитите на рамења со помош на лостовите од акација (4. Мојсеева 7:9; 1. Летописи 15:15). Лостовите постојано биле провлечени низ алките на ковчегот, па затоа левитите никогаш не го допирале ковчегот (2. Мојсеева 25:12-16). Кога ковчегот бил пренесуван, го покривале со „преградната завеса“ која ја одделувала Светињата од Светињата над светињите (4. Мојсеева 4:5, 6). *

  • Што симболизирал. Ковчегот го претставувал Божјето присуство. На пример, облакот што се појавувал над ковчегот во Светињата над светињите и над логорот на Израелците бил знак за присуството и благословот на Јехова (3. Мојсеева 16:2; 4. Мојсеева 10:33-36). Исто така, Библијата вели дека Јехова „седи над херувими“, алудирајќи на двата херувима што се наоѓале на поклопецот на ковчегот (1. Самоилова 4:4; Псалм 80:1). Тие херувими ја претставувале Јеховината кочија (1. Летописи 28:18). Бидејќи ковчегот го претставувал Божјето присуство, откако бил преместен во Ерусалим цар Давид со право напишал дека Јехова „живее на Сион“ (Псалм 9:11).

  • Како уште се нарекувал. Библијата го нарекува овој свет ковчег и „ковчегот на сведоштвото“, „ковчегот на сојузот“, „ковчегот на Јехова“ и „ковчегот на [Јеховината] сила“ (4. Мојсеева 7:89; Исус Навин 3:6, 13; 2. Летописи 6:41).

    Поклопецот на ковчегот е наречен и „помирителниот поклопец“ (1. Летописи 28:11). Овој израз се однесува на посебната улога што ја имал поклопецот на Денот на очистувањето, кога израелскиот првосвештеник попрскувал крв од жртвувани животни кон и пред поклопецот. Така првосвештеникот вршел помирување, или покривање на гревовите „за себе, за својот дом и за целата израелска заедница“ (3. Мојсеева 16:14-17).

Дали ковчегот на сојузот сѐ уште постои?

Нема докази за тоа. Библијата кажува дека ковчегот повеќе не е потребен бидејќи сојузот со кој бил поврзан е заменет со „нов сојуз“, кој се темели на Исусовата жртва (Еремија 31:31-33; Евреите 8:13; 12:24). На тој начин, Библијата прорекла дека ќе дојде време кога ковчегот на сојузот повеќе нема да постои, и нема да му недостасува на Божјиот народ (Еремија 3:16).

Во едно видение што го имал апостол Јован по склучувањето на новиот сојуз, ковчегот на сојузот се покажал на небото (Откровение 11:15, 19). Овој симболичен ковчег го претставува Божјето присуство и неговиот благослов врз новиот сојуз.

Дали ковчегот на сојузот им носел среќа на оние што го поседувале?

Не. Тој не носел загарантиран успех. На пример, кога Израелците војувале со градот Гај, ковчегот бил во нивниот логор но сепак претрпеле пораз поради неверноста на еден Израелец (Исус Навин 7:1-6). Подоцна, тие биле поразени од Филистејците и покрај тоа што ковчегот на сојузот го донеле на бојното поле. Тоа им се случило поради расипаноста на израелските свештеници Офни и Финес (1. Самоилова 2:12; 4:1-11). Филистејците го заплениле ковчегот во битката, но Бог почнал да им нанесува неволји и на крајот морале да им го вратат на Израелците (1. Самоилова 5:11—6:5).

Ковчегот на сојузот низ историјата

Година (пр.н.е.)

Настан

1513

Го изработил Веселеил со своите помошници од материјали што ги приложиле Израелците (2. Мојсеева 25:1, 2; 37:1).

1512

Го посветил Мојсеј, во исто време со светиот шатор и свештенството (2. Мојсеева 40:1-3, 9, 20, 21).

1512 — по 1070

Бил преместуван на разни места (Исус Навин 18:1; Судиите 20:26, 27; 1. Самоилова 1:24; 3:3; 6:11-14; 7:1, 2).

По 1070

Цар Давид го донел во Ерусалим (2. Самоилова 6:12).

1026

Бил ставен во храмот што го изградил Соломон во Ерусалим (1. Царевите 8:1, 6).

642

Цар Јосија го вратил во храмот (2. Летописи 35:3). *

Пред 607

Очигледно веќе го немало во храмот. Не е спомнат меѓу предметите што биле запленети и однесени во Вавилон кога бил уништен храмот во 607 год. пр.н.е. ниту, пак, меѓу предметите што подоцна биле вратени во Ерусалим (2. Царевите 25:13-17; Езра 1:7-11).

63

Откако римскиот генерал Помпеј го освоил Ерусалим и влегол во Светињата над светињите, изјавил дека ковчегот не е таму. *

^ пас. 8 Кога Израелците го прекршувале Божјиот закон во врска со пренесувањето и покривањето на ковчегот, претрпувале сериозни последици (1. Самоилова 6:19; 2. Самоилова 6:2-7).

^ пас. 31 Библијата не наведува кога, зошто и кој го имал тргнато од храмот.

^ пас. 35 Види во делото на Тацит The Histories, книга V, пасус 9.