Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Јеховини сведоци

македонски

Кој оди на небото?

Кој оди на небото?

Што вели Библијата:

Бог одлучува кој ќе воскресне за живот на небото. Тоа ќе биде ограничен број верни христијани (1. Петрово 1:3, 4). Откако ќе бидат избрани, треба да ја задржат својата вера и да постапуваат според библиските мерила за да не ја изгубат можноста да живеат на небото (Ефешаните 5:5; Филипјаните 3:12-14).

Што ќе прават оние што ќе бидат на небото?

Тие ќе служат заедно со Исус како цареви и свештеници во период од 1.000 години (Откровение 5:9, 10; 20:6). Тие ќе ја сочинуваат небесната влада, наречена „нови небеса“, која ќе владее со човечкото општество, наречено „нова земја“. Овие небесни владетели ќе им помогнат на луѓето да станат совршени, токму како што Бог имал намера во почетокот (Исаија 65:17; 2. Петрово 3:13).

Колку луѓе ќе воскреснат за живот на небото?

Од Библијата дознаваме дека за живот на небото ќе воскреснат 144.000 луѓе (Откровение 7:4). Во видението запишано во Откровение 14:1-3, апостол Јован видел како „Јагнето стои на гората Сион, и со него сто четириесет и четири илјади“. Во ова видение, „Јагнето“ го претставува воскреснатиот Исус (Јован 1:29; 1. Петрово 1:19). А „гората Сион“ ја претставува возвишената положба на Исус и на 144-те илјади кои ќе владеат со него на небото (Псалм 2:6; Евреите 12:22).

Оние што се „повикани и избрани“ да владеат со Христос во Царството се наречени и „мало стадо“ (Откровение 17:14; Лука 12:32). Тоа покажува дека нивниот број е релативно мал во споредба со вкупниот број следбеници на Исус (Јован 10:16).

Погрешни мислења за оние што одат на небото

Погрешно мислење: Сите добри луѓе одат на небото.

Што вели Библијата: За повеќето добри луѓе, Бог ветил вечен живот на Земјата (Псалм 37:11, 29, 34).

  • Исус рекол: „Никој не се вознел на небото“ (Јован 3:13). Со тоа покажал дека добрите луѓе што умреле пред негово време како, на пример, Авраам, Мојсеј, Јов и Давид не отишле на небото (Дела 2:29, 34). Наместо тоа, тие имале надеж дека ќе воскреснат на Земјата (Јов 14:13-15).

  • Воскресението за живот на небото е наречено „првото воскресение“ (Откровение 20:6). Тоа покажува дека ќе има и друго воскресение, кое ќе биде за живот на Земјата.

  • Библијата јасно покажува дека под власта на Божјето Царство „смрт нема да има веќе“ (Откровение 21:3, 4). Ова ветување мора да се однесува на Земјата, бидејќи на небото никогаш немало смрт.

Погрешно мислење: Секој сам си избира дали ќе оди на небото или ќе воскресне на Земјата.

Што вели Библијата: Бог одредува кои верни христијани ќе ја добијат „наградата на небесниот позив“, односно надежта дека ќе живеат на небото (Филипјаните 3:14). Сеедно каква желба има некој, не може да влијае врз тоа дали Бог ќе го избере за живот на небото (Матеј 20:20-23).

Погрешно мислење: Надежта за вечен живот на Земјата е само за оние што немаат голема вредност во Божји очи и не се достојни да одат на небото.

Што вели Библијата: Оние што ќе добијат вечен живот на Земјата Бог ги нарекува „мојот народ“, „моите избраници“ и „потомство благословено од Јехова“ (Исаија 65:21-23). Тие ќе имаат чест да ја исполнат намерата што Бог ја имал со луѓето уште во почетокот — да бидат совршени и да живеат вечно во рај на Земјата (1. Мојсеева 1:28; Псалм 115:16; Исаија 45:18).

Погрешно мислење: Бројот 144.000 што се спомнува во Откровение не е дословен, туку симболичен.

Што вели Библијата: Иако во книгата Откровение има броеви со симболично значење, некои броеви сепак имаат дословно значење. На пример, се спомнуваат „дванаесетте имиња на дванаесетте апостоли на Јагнето“ (Откровение 21:14). Да наведеме некои докази што покажуваат дека и бројот 144.000 има дословно значење.

Во Откровение 7:4 пишува: „Бројот на обележаните со печат [оние за кои е потврдено дека ќе живеат на небото] — сто четириесет и четири илјади“. Неколку стихови понатаму се спомнува и една друга група: „Големо мноштво луѓе, кои никој не можеше да ги изброи“. Луѓето од ова „големо мноштво“ исто така добиваат спасение од Бог (Откровение 7:9, 10). Ако бројот 144.000 е симболичен, односно ако означува група што нема конкретен број, тогаш би немало смисла да се истакнува разликата во бројноста на овие две групи. *

Освен тоа, за 144-те илјади се вели дека се „откупени од луѓето како првина“ (Откровение 14:4). Изразот „првина“ се однесува на еден мал, издвоен дел од нешто. Тоа е сосема соодветен израз за оние што заедно со Христос ќе владеат од небото над неодреден број луѓе кои ќе живеат на Земјата (Откровение 5:10).

^ пас. 21 Во врска со бројот 144.000 што се спомнува во Откровение 7:4, професор Роберт Томас напишал: „Тој број е дословен, за разлика од неодредениот број кој се наоѓа во Откровение 7:9. Доколку го сметаме за симболичен, тогаш ниту еден број од оваа книга не би требало да го сметаме за дословен“ (Revelation 1-7: An Exegetical Commentary, страница 474).