Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Јеховини сведоци

македонски

Што е Големиот Вавилон?

Што е Големиот Вавилон?

Што вели Библијата:

Големиот Вавилон, за кој се зборува во библиската книга Откровение, се сите лажни религии, кои Бог не ги прифаќа * (Откровение 14:8; 17:5; 18:21). Иако овие религии се разликуваат во многу аспекти, секоја од нив на некој начин ги оддалечува луѓето од обожавањето на вистинскиот Бог, Јехова (5. Мојсеева 4:35).

Како да го препознаеме Големиот Вавилон

  1. Големиот Вавилон е симбол. Библијата го опишува како „жена“ и ,голема блудница‘ со име „кое е тајна: ,Големиот Вавилон‘ “ (Откровение 17:1, 3, 5). Книгата Откровение е напишана „во знаци“ и затоа е логично да заклучиме дека Големиот Вавилон е симбол, а не дословна жена (Откровение 1:1). Освен тоа, тој „седи на многу води“, кои претставуваат „луѓе и мноштва и народи и јазици“ (Откровение 17:1, 15). Тоа е невозможно за една жена.

  2. Големиот Вавилон има меѓународен карактер. Тој е наречен „големиот град, кој царува над земните цареви“ (Откровение 17:18). Ова покажува дека Големиот Вавилон дејствува и има влијание во целиот свет.

  3. Големиот Вавилон е религиозен систем, а не политички или трговски. Древниот Вавилон бил град во кој религијата била навлезена во секоја пора од општеството и бил познат како град потонат во спиритизам, во што спаѓаат и „магии и... гатања“ (Исаија 47:1, 12, 13; Еремија 50:1, 2, 38). Всушност, таму била раширена лажна религија што му пркосела на вистинскиот Бог, Јехова (1. Мојсеева 10:8, 9; 11:2-4, 8). Вавилонските владетели арогантно се поставувале себеси над Јехова и неговото чисто обожавање (Исаија 14:4, 13, 14; Даниел 5:2-4, 23). И Големиот Вавилон е познат по спиритизмот. Ова потврдува дека Големиот Вавилон е религиозен систем (Откровение 18:23).

    Не е можно Големиот Вавилон да е политички систем бидејќи „царевите на земјата“ жалат поради неговото уништување (Откровение 17:1, 2; 18:9). Не е ни трговски систем затоа што Библијата го издвојува од „трговците на земјата“ (Откровение 18:11, 15).

  4. Камена плоча со цар Набонид и симболите на тријадата богови Син, Иштар и Шамаш

    Големиот Вавилон одговара на описот на лажната религија. Наместо да ги учи луѓето како да се зближат со вистинскиот Бог, Јехова, лажната религија ги наведува да обожаваат други богови. Според Библијата, во Божји очи тоа е рамно на блудствување (3. Мојсеева 20:6, фуснота; 2. Мојсеева 34:15, 16, фуснота). Разните верувања, како што се верувањето во тројство и бесмртност на душата, и разните обичаи, како што е користењето религиозни предмети при обожавањето, влечат корени уште од древниот Вавилон и сѐ уште се нераздвоен дел од лажната религија. Исто така, во овие религии е очигледна и љубовта кон светот. Библијата вели дека ваквиот облик на неверство е духовна прељуба (Јаков 4:4).

    Лажната религија има натрупано огромно богатство со кое нападно се истакнува, а тоа совршено се совпаѓа со описот на Големиот Вавилон даден во Библијата. За неа читаме дека е „облечена во пурпурна и црвена облека и украсена со злато, скапоцени камења и бисери“ (Откровение 17:4). Од Големиот Вавилон доаѓаат „гадотиите земни“, односно учењата и постапките што му носат срам на Бог (Откровение 17:5). Припадниците на лажната религија се „луѓе и мноштва и народи и јазици“ кои го поддржуваат Големиот Вавилон (Откровение 17:15).

Големиот Вавилон е одговорен за смртта „на сите што беа убиени на земјата“ (Откровение 18:24). Историјата бележи дека лажната религија не само што подбуцнувала војни и тероризам туку и ја криела од луѓето вистината за Јехова, Богот на љубовта (1. Јованово 4:8). Со тоа, предизвикала големи крвопролевања. Затоа, со добра причина оние што сакаат да го радуваат Бог мораат да ,излезат од неа‘, односно да немаат ништо заедничко со лажната религија (Откровение 18:4; 2. Коринќаните 6:14-17).

^ пас. 3 Види ја статијата „Како да ја препознаеме вистинската религија?“