Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Јеховини сведоци

македонски

Дали некој го видел Бог?

Дали некој го видел Бог?

Што вели Библијата:

Ниту еден човек не го видел Бог (2. Мојсеева 33:20; Јован 1:18; 1. Јованово 4:12). Библијата вели дека „Бог е Дух“, и затоа е невидлив за човечки очи (Јован 4:24; 1. Тимотеј 1:17).

Само ангелите можат да го видат Бог, затоа што и тие се духовни суштества (Матеј 18:10). Но, Библијата ни открива дека и некои луѓе што умреле, ќе воскреснат и ќе живеат на небото. Таму тие ќе имаат духовно тело и ќе можат да го видат Бог (Филипјаните 3:20, 21; 1. Јованово 3:2).

Како можеме да го „видиме“ Бог

Во Библијата изразот „види“ често се употребува во симболична смисла за да се покаже дека некој добро запознал некого или нешто (Исаија 6:10; Еремија 5:21; Јован 9:39-41). Според тоа, можеме да го видиме Бог со „очите на срцето“ ако се запознаеме со Него и ги цениме Неговите особини, и ако имаме цврста вера во Него (Ефешаните 1:18). Библијата ни открива на кои начини можеме да стекнеме таква вера.

  • Така што ќе учиме за Божјите особини, како на пример, за неговата љубов и великодушност, како и за неговата мудрост и моќ — особини што се гледаат во сѐ што создал (Римјаните 1:20). Откако размислувал за работите што Бог ги создал, верниот Јов имал чувство како да го видел Бог со своите сопствени очи (Јов 42:5).

  • Ќе го запознаеме Бог ако ја проучуваме неговата Реч, Библијата. Во неа стои: „Ако го бараш, ќе ти дозволи да го најдеш“ (1. Летописи 28:9; Псалм 119:2; Јован 17:3).

  • Можеме да учиме за Бог преку животот на Исус. Затоа што Исус совршено ја одразувал личноста на неговиот Татко, Јехова Бог, тој со право можел да рече: „Кој ме видел мене, го видел и Таткото“ (Јован 14:9).

  • Ако се трудиме да му угодиме на Бог со нашиот начин на живот, ќе видиме како тој ни помага. Исус рекол: „Среќни се оние што имаат чисто срце, зашто ќе го видат Бог“. Како што беше спомнато, некои од оние што ја вршеле Божјата волја ќе воскреснат за живот на небото и таму „ќе го видат Бог“ (Матеј 5:8; Псалм 11:7).

Зарем Мојсеј, Авраам и некои други не го виделе Бог?

Од некои библиски извештаи може да се дојде до заклучок дека некои луѓе дословно го виделе Бог. Но, контекстот покажува дека Бог ги употребувал ангелите за да зборуваат во негово име или, пак, се појавувал преку визии.

Ангели.

Во минатото Бог праќал ангели за да зборуваат во негово име (Псалм 103:20). На пример, во една прилика Бог му зборувал на Мојсеј од една грмушка што горела. Библијата вели дека тогаш Мојсеј си го скрил лицето зашто се плашел да гледа во вистинскиот Бог (2. Мојсеева 3:4, 6). Но, од контекстот на овој извештај дознаваме дека, всушност, Мојсеј не го видел Бог туку видел „Јеховин ангел“ (2. Мојсеева 3:2).

Во една друга ситуација, Библијата вели дека Бог разговарал со Мојсеј „лице в лице“. Сепак, тоа не значи дека Мојсеј навистина го видел лицето на Бог, туку дека разговарал со него насамо (2. Мојсеева 4:10, 11; 33:11). Всушност, Бог му ја пренел својата порака на Мојсеј преку ангели (Галатите 3:19; Дела 7:53). Но, бидејќи имал силна вера во Бог, Библијата вели дека тоа било исто како да го видел Невидливиот (Евреите 11:27).

Исто како со Мојсеј, Бог зборувал со Авраам преку ангели. Ако површно го читаме библискиот извештај за Авраам може да дојдеме до заклучок дека тој дословно го видел Бог (1. Мојсеева 18:1, 33). Но, контекстот ни помага да дознаеме дека тројцата мажи што дошле кај Авраам всушност биле ангели испратени од Бог. Затоа што Авраам сфатил дека тоа се Божји претставници, им се обраќал како да му зборува лично на Јехова (1. Мојсеева 18:2, 3, 22, 32; 19:1).

Визии.

Бог им се појавувал на луѓето и во визии. На пример, кога Библијата вели дека Мојсеј и други Израелци го виделе Богот на Израел, тие всушност го виделе вистинскиот Бог во видение (2. Мојсеева 24:9-11). Слично на ова, и за пророците понекогаш Библијата вели дека го виделе Јехова (Исаија 6:1; Даниел 7:9; Амос 9:1). Во сите тие прилики, од контекстот се гледа дека тие го виделе Бог во визија, а не дословно (Исаија 1:1; Даниел 7:2; Амос 1:1).