Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Јеховини сведоци

македонски

Што се пророштва?

Што се пророштва?

Што вели Библијата:

Пророштво е порака што доаѓа од Бог, нешто што тој сака да им го открие на луѓето. Во Библијата пишува дека пророците ги кажувале зборовите што доаѓале од Бог така како што ги водел светиот дух (2. Петрово 1:20, 21). Според тоа, пророк е некој што добива порака од Бог и им ја пренесува на другите (Дела 3:18).

Како пророците добивале информации од Бог?

Бог им ги пренесувал своите замисли на пророците на неколку начини:

  • Во пишан облик. Бог го употребил овој начин најмалку еднаш, кога директно му ги дал на Мојсеј Десетте заповеди во пишан облик (2. Мојсеева 31:18).

  • Преку усни пораки што ги пренеле ангели. На пример, Бог употребил еден ангел за да му даде упатства на Мојсеј во врска со пораката што требало да му ја пренесе на египетскиот фараон (2. Мојсеева 3:2-4, 10). Кога било важно нешто да се запише точно како што рекол Бог, ангелите ја диктирале пораката од збор до збор. Така било во случајот кога Бог преку ангел му рекол на Мојсеј: „Запиши си ги тие зборови, зашто на темел на овие зборови склучувам сојуз со тебе и со Израел“ (2. Мојсеева 34:27). *

  • Преку виденија. Овие пораки од Бог пророците понекогаш ги добивале додека биле потполно свесни (Исаија 1:1; Авакум 1:1). Некои виденија изгледале толку реални што пророкот практично бил дел од нив (Лука 9:28-36; Откровение 1:10-17). Во други прилики, пророкот добивал видение во полусвесна состојба, или транс (Дела 10:10, 11; 22:17-21). А понекогаш Бог му ја пренесувал својата порака на пророкот во сон, додека тој спиел (Даниел 7:1; Дела 16:9, 10).

  • Така што ги водел нивните мисли. Бог ги водел мислите на своите пророци за да им пренесе одредена порака. Токму затоа, Библијата вели: „Целото Писмо е вдахновено од Бог“ (2. Тимотеј 3:16). Бог го користел својот свет дух, односно силата со која дејствува, за да ги насочи мислите на своите слуги да ги запишат неговите замисли. Пораката била од Бог, но пророкот ја запишувал со свои зборови (2. Самоилова 23:1, 2).

Дали секое пророштво ја претскажува иднината?

Не. Библиските пророштва не претскажуваат само идни настани. Сепак, повеќето пораки од Бог се однесуваат на иднината, било директно било индиректно. На пример, Божјите пророци честопати ги опоменувале Израелците од старо време за нивните лоши постапки. Тие опомени ги вклучувале благословите што ќе ги доживееле луѓето ако го послушале предупредувањето, како и неволјите што ќе ги снашле ако не се променеле (Еремија 25:4-6). Исходот зависел од нивниот избор (5. Мојсеева 30:19, 20).

Примери на библиски пророштва кои не содржат претскажувања

  • Во една прилика, кога Израелците го молеле Бог да им помогне, тој испратил еден пророк преку кој им објаснил дека не им помогнал бидејќи намерно не ги послушале неговите заповеди (Судиите 6:6-10).

  • Кога зборувал со една Самарјанка, Исус ѝ кажал работи од нејзиното минато што би можел да ги знае само доколку Бог му ги открил. Таа го нарекла пророк иако тој не ѝ претскажал ништо (Јован 4:17-19).

  • На судењето на Исус, неговите непријатели му ја покриле главата, го удирале, а потоа му велеле: „Ако си пророк, кажи кој те удри“. Тие не очекувале Исус да им претскаже нешто за иднината, туку Бог да му открие кој од нив го удрил (Лука 22:63, 64).

^ пас. 7 Иако на прв поглед може да изгледа дека во овој случај Бог директно му се обратил на Мојсеј, Библијата покажува дека Бог употребил ангели за да го пренесе сојузот на Мојсеевиот закон (Дела 7:53; Галатите 3:19).