Префрли се на текстот

Кој е архангелот Михаел?

Кој е архангелот Михаел?

Што вели Библијата:

 Михаел, во некои религии познат и како „Свети Архангел Михаил“, несомнено го означува Исус пред да дојде на Земјата и откако се вратил на небото. a Михаел имал спор со Сатана по смртта на Мојсеј и му помогнал на еден ангел да му пренесе на пророкот Даниел порака од Бог (Даниел 10:13, 21; Јуда 9). Бранејќи ја Божјата власт и борејќи се против Божјите непријатели, Михаел живее во склад со значењето на своето име — „Кој е како Бог?“ (Даниел 12:1; Откровение 12:7).

 Зошто може да кажеме дека токму Исус е архангелот Михаел?

  •   Михаел е „архангелот“ (Јуда 9). Титулата „архангел“, што значи „главен ангел“, се појавува само во два библиски стиха. И во двата случаи се појавува во еднина, што покажува дека постои само еден ангел кој носи таква титула. Во еден од тие два стиха пишува дека воскреснатиот Господар Исус „ќе слезе од небото со заповеднички повик, со глас на архангел“ (1. Солуњаните 4:16). Исус има „глас на архангел“ бидејќи тој е архангелот, Михаел.

  •   Михаел е поставен над војска од ангели. „Михаел и неговите ангели се бореа против змејот“, Сатана (Откровение 12:7). Михаел има голема власт во духовното подрачје, бидејќи е наречен „еден од највисоките кнезови“ и „големиот кнез“ (Даниел 10:13, 21; 12:1). Според Дејвид Аун, изучувач на Новиот Завет, овие титули покажуваат дека Михаел е „главен заповедник на војска од ангели“.

     Освен Михаел, Библијата спомнува само уште едно име кога зборува за некој што има власт над војска од ангели. Таа вели дека „од небото ќе се појави Господарот Исус со своите моќни ангели во распламтен оган, и... ќе изврши одмазда“ (2. Солуњаните 1:7, 8; Матеј 16:27). Исто така, Библијата вели: „[Исус] отиде на небото, и нему му се подложени ангелите и властите и силите“ (1. Петрово 3:21, 22). Не е логично да заклучиме дека над ангелите Бог би поставил двајца заповедници — Исус и Михаел. Наместо тоа, многу пологично е дека и двете имиња, Исус и Михаел, се однесуваат на иста личност.

  •   Михаел „ќе стане“ во време на невидена неволја (Даниел 12:1). Во книгата Даниел, изразот „ќе стане“ се користи за да се опише цар кој тргнува во некоја посебна акција (Даниел 11:2-4, 21). Исус Христос, кој е наречен и „Речта Божја“, ќе тргне во посебна акција како „Цар над царевите“ за да ги погуби сите Божји непријатели и да го заштити Божјиот народ (Откровение 19:11-16). Тоа ќе го направи во текот на една „голема неволја каква што немало од почетокот на светот“ (Матеј 24:21, 42).

a И други библиски личности имале повеќе имиња. На пример, Јаков се викал и Израел, Петар се викал и Симон, а Тадеј се викал и Јуда (1. Мојсеева 49:1, 2; Матеј 10:2, 3; Марко 3:18; Дела 1:13).