Упатства за состанокот Нашиот живот и служба како христијани
Содржина
1. Состанокот Нашиот живот и служба како христијани ќе се одржува како што е наведено во Нашиот живот и служба како христијани — работни листови и според следниве упатства. Сите објавители треба да бидат охрабрени да учествуваат во изнесувањето на ученичките задачи. Може да учествуваат и други лица кои се активно поврзани со собранието доколку се согласуваат со учењата од Библијата и живеат во склад со христијанските начела (be стр. 282).
ВОВЕДНИ ЗБОРОВИ
2. Една минута. Секоја седмица, по воведната песна и молитва, претседавачот на состанокот Нашиот живот и служба треба да поттикне интерес за програмата што следи. Претседавачот треба да ги истакне поуките од кои собранието би извлекло најголема корист.
ОД РИЗНИЦАТА НА БОЖЈАТА РЕЧ
3. Говор: 10 минути. Темата и нацртот со две до три главни мисли се дадени во Нашиот живот и служба — работни листови. Овој говор ќе му биде доделен на старешина или на слуга-помошник кој е добар говорник. Кога, според распоредот, треба да се чита нова книга од Библијата, како вовед ќе се прикаже видеоклип. Говорникот може да ги поврзе видеоклипот и темата. Сепак, треба да ги изнесе и мислите од нацртот во работните листови. Исто така, колку што дозволува времето, треба да ги вклучи и сликите кои се наоѓаат во работните листови и кои се наменети да го дообјаснат материјалот. Може да вклучи и други референци доколку тоа помага да се разработат точките од нацртот.
4. Духовни бисери: 10 минути. Ова е точка со прашања и одговори, без вовед и заклучок. Треба да му биде доделена на старешина или, пак, на слуга-помошник кој може на еден добар начин да ја води оваа точка. Говорникот треба да ги постави и двете прашања. Освен тоа, може да одлучи дали да се читаат наведените стихови. Коментарите треба да траат 30 секунди или помалку.
5. Читање на Библијата: Четири минути. Оваа ученичка задача треба да му биде доделена на брат. Тој треба да го прочита предвидениот дел од Библијата без да изнесува вовед или заклучок. Претседавачот на состанокот особено треба да им помага на учениците да читаат точно, разбирливо, течно, природно, со правилно смисловно нагласување, модулација и соодветно паузирање. Бидејќи материјалот за читање понекогаш е краток, а понекогаш подолг, надгледникот на состанокот Нашиот живот и служба треба да ги земе предвид способностите на учесниците кога ја доделува оваа точка.
ДАЈ СЀ ОД СЕБЕ ВО СЛУЖБАТА
6. 15 минути. Целта на овој дел од состанокот е да им даде прилика на сите да вежбаат за службата на проповедање и да им помогне да станат повешти во проповедањето и поучувањето. Објавителите треба да ја обработат темата од предлогот за разговор кој се наоѓа во Нашиот живот и служба – работни листови. Меѓутоа, доколку не е поинаку наведено, тие можат сами да си изберат прашање, стих, прашање за следната посета или ситуации кои би биле делотворни на локалното подрачје. Објавителите може да одлучат дали ќе користат некоја од главните публикации или, пак, некој од видеоклиповите наменети за службата на проповедање ако тоа не е наведено во упатствата. Предлозите за разговор може да го содржат делот „Најди го овој стих во некоја од главните публикации за служба“, чија цел е да ни помага во службата на проповедање. Ученикот може сам да одлучи дали ќе го користи овој дел во својата задача или не. Во работните листови е запишано точното времетраење на секоја задача, а понекогаш можат да бидат наведени и дополнителни упатства. Учесниците не треба да додаваат материјал само за да го пополнат предвиденото време. Некои добро подготвени прикази може да завршат цела минута порано, па и повеќе. Ако е потребно, некои задачи може да им се доделат на старешини. Понекогаш, на распоредот ќе има точка со дискусија за некој друг видеоклип, а не видеоклипот темелен на предлогот за разговор. Таквата дискусија треба да ја води старешина или обучен слуга-помошник.
7. Видеоклипови темелени на предлозите за разговор: Од време на време ќе бидат прикажани видеоклипови темелени на предлозите за разговор, а потоа ќе има дискусија со присутните. Во тие видеоклипови ќе биде прикажан прв разговор и повторна посета. Овој дел треба да го води претседавачот на состанокот Нашиот живот и служба.
8. Прв разговор: Оваа задача може да ја имаат и браќата и сестрите. Соговорникот треба да биде од истиот пол или некој член од семејството. Учесниците може да седат или да стојат. Оној кој ја има задачата треба да користи поздрав што е вообичаен за подрачјето. Задачата треба да се темели на темата од предлогот за разговор наведен во Нашиот живот и служба — работни листови.
9. Повторна посета: Оваа задача може да се додели на брат или на сестра. Соговорник не треба да биде некој од спротивниот пол (km 5/97 7). Учесниците може да седат или да стојат. Ученикот треба да покаже како да се продолжи разговорот кога се посетува некој кој покажал интерес при првиот разговор. Задачата треба да се темели на темата од предлогот за разговор наведен во Нашиот живот и служба — работни листови.
10. Библиски курс: Оваа задача може да се додели на брат или на сестра. Соговорник не треба да биде некој од спротивниот пол (km 5/97 7). Учесниците може да седат или да стојат. Треба да се прикаже дел од библиски курс кој веќе е во тек. Нема потреба од вовед или заклучок, освен ако ученикот работи на некоја од тие две лекции. Не е неопходно да се прочита целиот материјал даден во задачата, но не е ни погрешно. Ако материјалот содржи видеоклип, тој не треба да се пушта, но треба да се дискутира за него. Треба да се истакнат вештините во поучувањето.
11. Говор: Оваа задача треба да му се додели на брат и треба да биде изнесена како говор пред собранието.
ДА ЖИВЕЕМЕ КАКО ХРИСТИЈАНИ
12. По песната, во наредните 15 минути од овој дел ќе има една или две точки кои имаат за цел да им помогнат на присутните да ги применуваат библиските начела во својот живот. Доколку не е наведено поинаку, овие точки треба да му се доделат на старешина или, пак, на слуга-помошник кој може добро да ги обработи. Точката Потреби на собранието треба да ја обработи старешина. Кога некоја точка е дискусија што вклучува статија од Нашиот живот и служба – работни листови, братот кој ја води може да користи дополнителни прашања за да ги истакне главните мисли од статијата.
13. Собраниско проучување на Библијата: 30 минути. Оваа точка треба да му се додели на старешина кој добро поучува. (Онаму каде што има ограничен број на старешини, по потреба може да се користат и слуга-помошници кои добро поучуваат.) Старешинството треба да одреди кој ги исполнува условите да го води Собраниското проучување на Библијата. Оние кои се одобрени треба да знаат да го водат проучувањето на смисловен начин за тоа да заврши навреме, да ги нагласат клучните стихови и да им помогнат на сите да ја увидат практичната вредност на материјалот. Може да најдат корисни совети во упатствата за тоа како се води Проучувањето на Стражарска кула. Откако материјалот предвиден за таа седмица темелно ќе се обработи, нема потреба да се проширува дискусијата. Ако е можно, секоја седмица треба друг брат да го води проучувањето и да има друг читач. Доколку претседавачот на состанокот Нашиот живот и служба замоли проучувањето да се скрати, тогаш братот кој го води делот ќе одлучи како да го направи тоа. Тој можеби ќе одлучи да не се читаат некои пасуси.
ЗАКЛУЧНИ ЗБОРОВИ
14. Три минути. Претседавачот на состанокот ќе повтори некои особено важни мисли од состанокот. Исто така, треба да најави некои од мислите што ќе бидат обработени следната седмица. Освен тоа, ако има време, може да извести кои ученици ќе имаат задача следната седмица. Претседавачот треба да ги прочита сите потребни известувања и писма за време на заклучните зборови, освен ако не се дадени поинакви упатства. За вообичаените информации, како што се редовните состаноци за проповедање и распоредот за чистење, не треба да се дава известување од бината, туку тие треба да се стават на огласната табла. Ако известувањата и писмата не можат да се прочитаат во времето предвидено за заклучните зборови, претседавачот треба да ги замоли браќата кои имаат точки во делот Да живееме како христијани да ја скратат својата точка онолку колку што е потребно (види во пасуси 13 и 17). Состанокот ќе заврши со песна и молитва.
ПОСВЕТИ СЕ НА ЧИТАЊЕТО И ПОУЧУВАЊЕТО
15. На состанокот Нашиот живот и служба, секој ученик треба да го носи својот примерок од брошуратаЧитање и поучување, било во електронски или во печатен облик. Претседавачот на состанокот Нашиот живот и служба треба да дава пофалби и совети на темел на брошурата. Во Нашиот живот и служба — работни листови, по секоја задача е наведен број во загради кој покажува на која лекција од брошурата треба да работи ученикот. Делот „Следи го “, кој се наоѓа во брошурата, е наменет само за ученикот, и во него претседавачот не треба ништо да запишува. својот напредок
ПОФАЛБА И СОВЕТ
16. По секоја од ученичките задачи, претседавачот на состанокот Нашиот живот и служба треба за околу една минута да даде пофалба и совет на темел на брошурата Читање и поучување. Кога ја најавува задачата, тој нема да ја спомне лекцијата на која работи ученикот. Но, откако задачата ќе биде изнесена и откако соодветно ќе го пофали ученикот, претседавачот може да каже на која лекција работел ученикот и на кои начини успешно ја применил или, пак, љубезно да објасни зошто треба повеќе да работи на таа лекција. Исто така, претседавачот може да спомне и некои други аспекти поврзани со задачата ако смета дека тоа би било корисно за ученикот или за присутните. По состанокот или во некое друго време може насамо да му даде уште некој конкретен и корисен совет, на темел на брошурата Читање и поучување или на книгата Школа за служба, во врска со лекцијата на која работел или некоја друга лекција. (За повеќе информации во врска со улогата на надгледникот на состанокот Нашиот живот и служба и улогата на помошниот советник види во пасуси 17, 22 и 23.)
ВРЕМЕТРАЕЊЕ
17. Ниту една точка не треба да трае подолго отколку што е предвидено, а истото важи и за советите на претседавачот. Иако за времето предвидено за секоја од задачите не пишува „до“ ниту „помалку од“, нема потреба задачата да се продолжи ако материјалот е добро разработен за помалку од предвиденото време. Ученичките задачи треба тактично да се прекинат кога ќе истече времето. Ако браќата што ги изнесуваат другите точки го пречекорат времето, помошниот советник треба насамо да им даде совет (види во пасус 23). Целиот состанок, вклучувајќи ги песните и молитвите, треба да трае 1 час и 45 минути.
ПОСЕТА ОД ПОКРАИНСКИОТ НАДГЛЕДНИК
18. Кога покраинскиот надгледник е во посета на собранието, состанокот треба да се одржи според упатствата во Нашиот живот и служба — работни листови, со следниве измени: Собраниското проучување на Библијата во делот Да живееме како христијани ќе биде заменето со 30-минутен говор од покраинскиот надгледник. Пред овој говор, претседавачот на состанокот ќе повтори некои мисли од овој состанок, ќе го најави материјалот за следната седмица, ќе ги прочита сите потребни известувања и писма, а потоа ќе го најави покраинскиот надгледник. По говорот, покраинскиот надгледник ќе го заврши состанокот со песна која тој ќе ја избере. Тој може да замоли друг брат да ја каже молитвата. За време на посетата, не треба да има дополнителен клас во помошната просторија на истиот јазик. Ако има група, таа може да ги има своите состаноци дури и за време на посетата на покраинскиот надгледник на матичното собрание, но треба да му се придружи на собранието за време на говорот на покраинскиот надгледник.
СЕДМИЦА КОГА ИМА ПОКРАИНСКИ СОБИР ИЛИ КОНГРЕС
19. Во седмицата кога има покраински собир или конгрес, нема собраниски состаноци. Материјалот предвиден за состанокот за таа седмица секој треба да си го разгледа лично или како семејство.
СЕДМИЦА КОГА ИМА СПОМЕН-СВЕЧЕНОСТ
20. Доколку Спомен-свеченоста треба да се одбележи во работен ден, тогаш таа седмица нема да се оддржи состанокот Нашиот живот и служба. Се разбира, на денот на Спомен-свеченоста треба да се одржуваат состаноци за проповедање.
НАДГЛЕДНИК НА СОСТАНОКОТ НАШИОТ ЖИВОТ И СЛУЖБА
21. Старешинството ќе одреди еден старешина да служи како надгледник на состанокот Нашиот живот и служба. Негова одговорност е овој состанок да биде добро организиран и во склад со овие упатства. Тој треба тесно да соработува со помошниот советник. Веднаш штом ќе излезе најновиот број на Нашиот живот и служба — работни листови, надгледникот на состанокот Нашиот живот и служба треба да ги додели сите точки и задачи за тие два месеца (види во пасуси 2-14). Ова ги вклучува и останатите задачи, не само читањето на Библијата и оние од делот Дај сѐ од себе во службата. Исто така, ова значи дека надгледникот треба да одреди кои браќа од оние што се одобрени од старешинството ќе служат како претседавачи на состанокот Нашиот живот и служба во текот на тие два месеци. Секоја од задачите треба да им се даде на учесниците најмалку три седмици пред датумот кога треба да се одржи. За ученичките задачи треба да се користи формуларот Задача на состанокот Нашиот живот и служба (S-89). Надгледникот на состанокот Нашиот живот и служба треба да стави примерок од распоредот со задачите на огласната табла. Старешинството може да одреди уште еден старешина или слуга-помошник што ќе му помага. Сепак, за разлика од ученичките задачи, само старешините треба да ги доделуваат останатите задачи.
ПРЕТСЕДАВАЧ НА СОСТАНОКОТ НАШИОТ ЖИВОТ И СЛУЖБА
22. Секоја седмица, еден старешина ќе служи како претседавач за време на целиот состанок. (Во собранијата со ограничен број старешини, по потреба може да се користат и слуга-помошници кои можат добро да ја извршат таа задача.) Тој треба да ги подготви воведните и заклучните зборови, и да ја води дискусијата кога има видеоклипови темелени на предлозите за разговор. Тој треба и да ги најавува сите точки, а во зависност од бројот на старешини во собранието, може и да одржи некои од точките на состанокот, особено точките во кои треба да се прикаже видеоклип без додатна дискусија. Коментарите помеѓу точките треба да бидат многу кратки. Старешинството треба да одлучи кои старешини ги исполнуваат условите да служат како претседавачи. На оние што се одобрени за оваа улога, ќе им биде доделено кога да служат како претседавачи. Во зависност од околностите на собранието, надгледникот на состанокот Нашиот живот и служба може да служи како претседавач почесто од другите одобрени старешини. Ако еден старешина е одобрен да го води Собраниското проучување на Библијата, би требало да може да служи и како претседавач. Но, ве молиме имајте на ум дека од старешината кој служи како претседавач се очекува на љубезен начин да им даде пофалба и корисен совет на оние кои ги имаат ученичките задачи. Исто така, тој е одговорен состанокот да заврши навреме (види во пасуси 14 и 17). Ако претседавачот сака, и ако има доволно место, на бината може да се постави стоечки микрофон од кој претседавачот ќе ја најавува секоја следна точка, додека братот кој ја има точката веќе може да го заземе своето место на пултот. Исто така, претседавачот може да остане на бината и да седи покрај една маса за време на задачата Читање на Библијата и за време на делот Дај сѐ од себе во службата. Тоа може да заштеди време.
ПОМОШЕН СОВЕТНИК
23. Секогаш кога е можно, оваа улога треба да му се додели на некој старешина кој е искусен говорник. Тој има одговорност, кога ќе биде потребно, насамо да им даде совет на старешините и слуга-помошниците, за кое и да било учество во програмата, вклучувајќи точки на состанокот Нашиот живот и служба, јавни предавања, како и водење или читање на Проучувањето на Стражарска кула или на Собраниското проучување на Библијата (види во пасус 17). Ако во собранието има повеќе искусни говорници и учители, тогаш различен старешина може да служи како помошен советник секоја година. Помошниот советник не мора да дава совет после секоја точка.
ДОПОЛНИТЕЛНИ КЛАСОВИ
24. Во зависност од бројот на учесници, во собранијата може да има и дополнителни класови за ученичките задачи. Секој дополнителен клас треба да има советник, по можност старешина, кој ќе може добро да ја врши таа задача. Ако е потребно, тоа може да му се додели и на некој слуга-помошник кој ќе може добро да ја врши задачата. Старешинството одлучува кој ќе служи во ова својство и дали неколкумина треба да се менуваат за оваа задача. Советникот треба да се држи за упатствата дадени во пасус 16. Ако има дополнителен клас, учесниците треба да одат во помошната просторија после точката Духовни бисери во делот Од ризницата на Божјата Реч. Тие треба да се вратат во главната сала по делот Дај сѐ од себе во службата. Кога во главната просторија се дискутира во врска со некој видеоклип, доколку е можно и дополнителниот клас треба да го гледа видеоклипот или да ја слуша дискусијата од помошната просторија. Но, ако тоа не е можно, советникот треба да го пушти видеоклипот на електронски уред и да дискутира за него со присутните.
ВИДЕОКЛИПОВИ
25. На овој состанок е предвидено да се гледаат одредени видеоклипови. Тие ќе бидат достапни на апликацијата JW Library® и ќе можат да се пуштат на различни уреди. Понекогаш, видеоклиповите темелени на предлозите за разговор може да се пуштат и на состаноците за проповедање.