Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА | ЛАГИ ШТО ГО ОЦРНУВААТ БОГ

Трета лага: Бог е суров

Трета лага: Бог е суров

ШТО МИСЛАТ НЕКОИ

. „Веднаш по смртта, душите на оние што умираат во смртен грев се симнуваат во пеколот, каде што за казна се мачат во ‚вечен оган‘“ (Catechism of the Catholic Church). Некои верски водачи велат дека пеколот е состојба на целосна одвоеност од Бог.

ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА

. „Онаа душа што греши, таа и ќе умре“ (Езекиел 18:4). Мртвите „не се свесни за ништо“ (Проповедник 9:5). Ако душата умира и не е свесна за ништо, како може да се мачи во „вечен оган“ или да страда затоа што е вечно одвоена од Бог?

Во Библијата, и хебрејскиот и грчкиот збор што честопати се преведуваат со „пекол“ се однесуваат на симболичното место во кое заминуваат мртвите луѓе. На пример, кога Јов многу страдал, му се молел на Бог: „О, да ме скриеше во гробот [„во пеколот“, Превод на МПЦ]“ (Јов 14:13). Јов сакал да почива во гробот, а не да оди во некое место на маки далеку од Бог.

ЗОШТО Е ВАЖНО ДА ЈА ЗНАЕМЕ ВИСТИНАТА

. Суровоста не е привлечна особина. Луѓето не можат да го сакаат Бог ако тој е суров. Росио од Мексико вели: „Уште од мала ме учеа дека има пекол. Толку се плашев од Бог што не можев да си замислам дека тој има добри особини. Мислев дека е гневен и нетрпелив“.

Она што го кажува Библијата за начинот на кој Бог суди, како и за состојбата на мртвите, ѝ помогнало на Росио да го смени своето мислење за Бог. „Се почувствував ослободена — како да ми се симна голем товар од срцето“, вели таа. „Сега сум уверена дека Бог ни го мисли најдоброто, дека нѐ сака и дека и јас можам да го сакам него. Тој е како татко кој ги држи своите деца за рака и нежно се грижи за нив“ (Исаија 41:13).

Многумина се трудат да живеат побожно поради стравот од пекол, но Бог не сака да му служиме затоа што се плашиме од него. Наместо тоа, Исус рекол: „Сакај го Јехова, својот Бог“ (Марко 12:29, 30). Освен тоа, кога ќе се увериме дека Бог никогаш не постапува неправедно, ќе имаме доверба дека нема да постапи неправедно ни кога ќе суди во иднина. Исто како Елиу, пријателот на Јов, со доверба ќе можеме да речеме: „Не е можно вистинскиот Бог да прави зло, Семоќниот да постапува неправедно!“ (Јов 34:10).