„Примерни домаќинки“
Животот на христијаните во првиот век
„Примерни домаќинки“
„Додека така патуваа, влезе во едно село. Таму една жена, по име Марта, го прими во својата куќа. Таа жена имаше сестра која се викаше Марија. Таа седна крај нозете на Господарот и ги слушаше неговите зборови. Марта, пак, беше многу зафатена со послужувањето. Затоа пријде и рече: ‚Господару, зарем не ти е грижа што сестра ми ме остави сама да послужувам? Речи ѝ да ми помогне!‘ А Господарот ѝ одговори: ‚Марта, Марта, се грижиш и се вознемируваш за многу работи, а малку е потребно, или само едно. Марија го избра подобриот дел, кој нема да ѝ се одземе‘“ (ЛУКА 10:38-42)
МАРТА очигледно била вредна жена. Без сомнение, другите многу ја ценеле. Според еврејската традиција од првиот век, вредноста на една жена се мерела по тоа колку била посветена на домаќинските работи и колку вешто се грижела за потребите на фамилијата.
Од христијанките што живееле во првиот век се очекувало да бидат „примерни домаќинки“ (Тит 2:5). Сепак, тие имале уште една чест, но и одговорност — да ги поучуваат другите за својата христијанска вера (Матеј 28:19, 20; Дела 2:18). Со какви работи обично била „многу зафатена“ една Еврејка во првиот век? И кои поуки можеме да ги извлечеме од она што го кажал Исус за Марија?
„Многу зафатена.“ Денот на една еврејска домаќинка почнувал рано, веројатно уште пред изгрејсонце (Изреки 31:15). Откако ќе подготвела едноставен оброк од каша од житарки за да јаде целото семејство, ги испраќала своите синови на училиште во синагогата. Ќерките останувале дома за да стекнат вештини што би им помогнале еден ден да бидат добри сопруги.
Мајката и нејзините ќерки го започнувале денот со секојдневните домашни обврски — ги полнеле газиените ламби (1), го метеле подот (2) и ги молзеле козите (3). Потоа, меселе леб за тој ден. Најнапред девојчињата го просејувале житото за да ги отстранат примесите (4), а потоа го мелеле на рачна мелница за да добијат крупно брашно (5). Мајката го замесувала брашното со вода и квасец. Откако ќе го измесела тестото (6), го оставала да нарасне додека таа си ги вршела другите работи низ дома. Во меѓувреме, девојчињата го потсирувале свежото козјо млеко за да направат сирење (7).
Нешто подоцна истото претпладне, мајката заедно со ќерките одела на блискиот пазар, каде што низ воздухот се ширел мирисот од разните зачини, се слушале гласните извици на животните и џагорот на муштериите што се пазареле со продавачите. Таму купувала сѐ што било потребно за тој ден (8). За ручек можеби требало да подготви свеж зеленчук и сушена риба. Ако била христијанка, веројатно го користела одењето на пазар и за да зборува за својата вера со оние што ќе ги сретнела таму (Дела 17:17).
Една совесна мајка го користела времето додека одела до пазарот и кога се враќала дома за да им помогне на своите деца да ги запомнат и да ги сфатат библиските начела (5. Мојсеева 6:6, 7). Исто така, можеби разговарала со нив за начелата што би им помогнале внимателно да ги трошат парите кога купуваат (Изреки 31:14, 18).
Жените морале секој ден да одат и на бунар (9). Таму црпеле вода за целото семејство, и можеби си разговарале со другите жени на бунарот. Кога ќе се врателе дома, мајката и нејзините ќерки го ставале лебот да се пече. Прво го обликувале тестото во тенки погачки, кои потоа ги ставале во однапред загреана печка (10) што обично се наоѓала надвор. Додека уживале во пријатниот мирис и си муабетеле, го пазеле лебот да не се препече.
Потоа оделе до блискиот поток за да перат (11). Жените најпрво внимателно ги переле алиштата со пепелница, т.е. со сапун направен од натриум или калиум карбонат и пепел од некои растенија. Откако
ќе ги исплавеле и ќе ги исцеделе алиштата, ги простирале врз блиските грмушки и карпи за да се сушат.Штом ќе ги донеле дома перените алишта, мајката и ќерките се качувале на рамниот покрив од својата куќа за да ја закрпат (12) искинатата облека пред да ја вратат во орманите. Потоа, девојчињата учеле да везат и да ткаат (13). Набргу доаѓало време жените да почнат да ја подготвуваат вечерата (14). Бидејќи било вообичаено да се покажува гостољубивост, семејството било спремно да го подели со секој гостин својот едноставен оброк од леб, зеленчук, урда, сушена риба и студена вода.
На крајот од денот, кога децата се спремале да си легнат, изгребаните коленца им ги мачкале со лековито масло. Потоа, под светлината на растреперената ламба, родителите им раскажувале библиски приказни на своите деца и се молеле заедно со нив. Додека во скромниот дом малку по малку сѐ стивнувало, мажот имал добра причина да ѝ ги каже на својата жена познатите зборови: „Кој ќе најде вредна жена? Таа вреди многу повеќе од бисери“ (Изреки 31:10).
Да се избере „подобриот дел“. Без сомнение, вредните жени што живееле во првиот век биле ‚многу зафатени‘ со различни обврски (Лука 10:40). Слично, и денес жените, особено мајките, се многу зафатени. Современите апарати им олесниле на домаќинките во некои од нивните обврски. Но, околностите принудуваат многу мајки не само да се грижат за своето семејство туку и да одат на работа.
И покрај предизвиците со кои се соочуваат, многу христијанки денес го следат примерот на Марија, која ја спомнавме во почетокот. Тие многу ги ценат духовните работи (Матеј 5:3). Добро се грижат за своите семејства, како што ги советува Библијата (Изреки 31:11-31). Но, тие живеат и според начелото што Исус ѝ го спомнал на Марта. Бидејќи била духовно настроена жена, таа сигурно го применила тој љубезен совет. Христијанките не дозволуваат домашните обврски да ги спречат да учат за Бог (15) или да разговараат со другите за својата вера (Матеј 24:14; Евреите 10:24, 25). На тој начин го избираат „подобриот дел“ (Лука 10:42). Од таа причина, тие имаат голема вредност во очите на Бог, на Христос и на нивните семејства (Изреки 18:22).